АТАНАС ВАНГЕЛОВ
Во најширока смисла, политиката е средство со кое се доаѓа до некоја цел. Ако јас кој читам поезија, ако тоа го правам за да дојдам до целта мисла (порака) која ќе ги разниша моите сигурности (предрасуди), тогаш јас користам средство-политика за да дојдам до таа цел.
Ако може да се нарече рехабилитација употребата на лириката на Конески во гладијаторската борба за власт од страна на ВМРО-ДМНЕ-елитата под водство на Никола Груевски, тогаш до таква рехабилитација и дојде на опшите избори од декември 2016. Елитата на пастор Никола заборави дека онаа на „војводата“ Љубчо бараше ревизија на македонскиот литературен јазик и тоа го напиша во својата изборна програма. Заборави, уште, дека еден лик од таа елита, од кого направи дури министер за надворешни работи (Ант. Милошоски), го нарече „џуџето од Небрегово“ првото име на нашата модерна наука за јазикот и уметничка литература Блеже Конески. Како дојде до таа рехабилитација или, уште подобро, до злоупотреба на лириката на Конески за практични политички цели? По што се разликува таа злоупотреба од која била употреба на лириката која, во една мера, важи за секој читател на уметнички дела?
Точно е дека секоја употреба, па така и употрбата на поезијата кога се чита, се прави заради некоја – корист. А користа е, како што се знае уште од времето на Платон и Аристотел, главна цел на секоја политика. Таа корист има, меѓутоа, две главни составки според големиот филозоф на витализмот (Ниче) на кого и досега се повикував. Постојан дел на користа е „навиката, процедурата, актот или драма“ како што вели тој, а варијабилен дел е целта (вредност) до која сакате да дојдете со помошта на таа „процедура.“ Каква врска има читањето поезија со политиката? Во најширока смисла, политиката е средство со кое се доаѓа до некоја цел. Ако јас кој читам поезија, ако тоа го правам за да дојдам до целта мисла (порака) која ќе ги разниша моите сигурности (предрасуди), тогаш јас користам средство-политика за да дојдам до таа цел.
Јас ја читам, на пример, песната „Молитва“ од тој поет, јас доаѓам до она место на кое вели дека „болните луѓе“ се ситни души кои влечат со себеси „ситни пороци,“ јас ја фрлам со гнев таа „Молитва“ затоа што, помалку или повеќе, се препознавам како „ситна душа“ и затоа што ми се чини дека тој поет тура лирска сол врз отворена рана во мојата душата. Накусо, иако тој поет вели, на друго место, дека „зборува општо за состојбите,“ јас со право негодувам затоа што со прст покажува на мене, затоа што ме жигосува со „усвитено железо“ (пак Ниче) кое се втиснува во мојата меморија еднаш за секогаш.
Можам да постапам и поинаку. Можам тоа место од песната „Молитва“ да не го вклучам во рубриката „лирска злоба“, можам да се прашам дали јас, катаден, не правам по некоја ситна пакост, да се обврзам пред себеси дека ќе се потрудам што помалку да ги правам (а ги правам!) и, на тој начин, да станам барем малку подобор како во своите, така и во очите на оние околу мене кои се, најчесто, дежурни жртви на моите „ситни пороци.“ Во таа смисла поезијата (како и уметностите воопшто) е подобра и од филозофијата и од науките. Таа има изострена и интензивна мисла како и тие дисциплини, а нејзината предност е во тоа што им се „обраќа на сите,“ додека науките и филозофијата им се обраќаат „само на специјалисти“ (Ц. Тодоров).
Дали така прават, дали така направија нашите две политички партии (СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ) кога посегнаа по лириката на Конески од која направија убојно оружје во нивната гладијаторска борба за власт? СДСМ направи ТВ-спот од „Тешкото“ кој требаше да покаже како страда едно „смачкано племе“ под власта на деспот Груевски со неговите велможи (партиска елита), а ВМРО-ДПМНЕ направи контра ТВ-спот кој требаше да покаже дека сите оние од СДСМ се „болни луѓе“ кои сакаат да дојдат на власт. Со оглед на тоа што таа „Молитва“ има поета: “дај боже што помалку очите да им бодам/ штом тие лево ќе фатат, јас десно да одам!/, тој ТВ-спот направи од Конески некој вид лирски идеолог на ВМРО-ДПМНЕ кој вели сега дека политичката фаланга на Груевски е составена од здрави како дрен луѓе, додека онаа на опозицијата СДСМ од „болни луѓе“ кои сакаат, згора на тоа, да дојдат на власт по секоја цена.
Мислам дека не треба тука да се објаснува оти таа употреба на Конески и, воопшто на поезијата, е безобѕирна затоа што е дрска манипулација, а секоја манипулација има една видлива и една скриена цел. Видливата божем само им објаснува на гласачите на што треба да внимават кога гласаат за политичка елита која се бори за власт. Скриената заведува, приврзува и, потоа отфрла. Токму онака како што вели Конески во својата песна „Лажни пророци“ која мора да ја заборават оние што посегаат по лириката на Конески за политички цели. Во таа песна Конески ги нарекува политичките водачи „варосани гробови“ кои „мислат само на себе“, а на оние што слепо ги следат или треба да гласаат за нив им советува: „Не да им станете робови!“
(продолжува)