АТАНАС ВАНГЕЛОВ
Кои се тие болни луѓе кои, во далечната 1992, дивјачки го нападнале пред влезот на својот дом првото име на нашата модерна култура Блаже Конески, а по налог на една политичка партија, како што вели мојот извор? Има ли блискост меѓу напаѓачити и нивните налогодавци? Добар одговор на тоа прашање има вo два описа: едниот е од песната „Молитва“ на Конески; другиот е од книгата „Генеалогија на моралот“ на големиот филозоф на витализмот Ф. Ниче
Според „Молитва“ на Конески, болни луѓе се оние што се „накажани“ од Господ. Тоа се ситни души кои влечет со себеси „ситни пороци,“ кои живеат во тие, со тие и, во крајна анализа, од тие пороци. Популарно кажано, тоа се луѓе кои „до пладне се мразат себеси, а попладне цел свет.“ Тој бара уште, во песната за која тука станува збор, Господ „благо да ги суди“ тие болни луѓе затоа што „не се криви што одвај се живи.“ Од една социо-перспектива, тоа се анонимни, луѓе од масата народ кои и во таа маса-народ не можат да се вклопат и затоа се отпадници, луѓе „од дното.“ Тие се далеку дури и од оние луѓе од „простиот свет“ за кои Конески зборува во неговите „Проложни житија.“ Последниве нашле смисла на животот во „мисија“ макар и во „скромни рамки,“ која ги овенчала со „невидлив ореол,“ до кој никако не можат да дојдат болните луѓе од песната „Молитва.“ Накусо, не сите луѓе од простиот, обичен свет се – болни. Болни се само оние што знаат дека не значат ништо во очите на другите. Tоа му дава неимоверна сила на нивниот порив за важење кој станува неподнослив. На свој, лирски начин, тоа го вели и Конески во својата песна „Пословица“: „Кога ќе загуби право/ да се прави важен […] што му останува на човек?/ Да чемрее довек/ тој човек/.“ Синтагмата „да се прави“ е двосмислена. Таа значи истовремено „да изигрува“ и „да се усовршува, да се издигнува, да важи.“ Јас инсистирам тука на второто значење на таа синтагма од „Пословица.“
Големиот филозоф на витализмот за тој чемер кој труе душа го користи зборот „ресантиман.“ Еден вид чемер за душата е и омразата. На едно место во книгата „Генеалогија на моралот“ тој вели дека „небрежноста, безгрижноста и личното, интимно уживање“ се составки на омразата и тој е во право. Во право е затоа што не само болните, туку и здравите луѓе од простиот, обичен свет, често знаат да ве боцнат (додуша благо и безопасно) со осилото на шега, подбив и потсмев, а во тоа дури и – уживаат. Тие составки на омразата, според мислата на тој филозоф, не допуштаат да се изобличи, да се направи карикатура од ликот на омраза. Што кажува тој факт? Во прв ред дека, оној што мрази има насушна потреба од оној што го мрази. Дека не може без него, дека тој е, на парадоксален начин, дополнение и континуитет на мразителот, иако е тоа еден темен, огорчен и отровен континуитет. Таа омраза што извира од потисната љубов во длабока интима е двигателот (мотив) на онаа банда која кренала рака врз еден „постанат старец,“ но и на нејзините налогодавци, сите од ред професионални и социјални аутсајдери, луѓе што малку значат (или ништо!) во нашата јавност.
Димитар Димитров почна како писател. Напиша две книги за деца под псевдонимот Димитар Љубин кои не значат ништо во нашата литература. Љубчо Георгиевски објави една или две книги поезија кои, исто така, не значат ништо ни за луѓето од неговата генерација. Поетеса беше и Доста Димовска која никој не ја есапи за тоа, Таа печатеше песни во прилепски „Стремеж.“ Формулата „џуџето од Небрегово“ е дел од песна на Антонио Милошоски што ја објави во посебна книшка Унијата на малдите на ВМРО-ДПМНЕ.
До 1970 Д. Димитров беше миленик и голема надеж на комунистичката номенклатура кој имал, според едно сведоштво на С. Андов во „Фокус,“ дури 12 функции. Потоа стана некој вид дисидент по скандалот со платен реферат за јубилеј на СКМ, ама од особен вид: 20 години предаваше марксизам на скопскиот универзитет. Доста Димовска 9 години беше асистент по марксизам, не направи докторот, требаше да си замине од Филозофскиот факултет, најде место во кабинетот на Радуле Костовски, важна фигура на номенклатурата, не можеше да стапи на тоа место затоа што по 1989 таа номенклатура се повлече од власт. Љубчо Георгиевски прво беше нешто во МААК, потоа се отцепи и стана војвода на ВМРО-ДПМНЕ и така дојде до своето прво работно место во животот, потпретседател на претседателот Киро Глигоров.
Дури и овие мошне скромни и скудни податоци за профи-профилот на тогашниот врв на ВМРО-ДПМНЕ јасно кажуваат дека се работи за луѓе со, благо речено, повеќе од скромен професилионален идентитет. А тој идентитет, како што се знае, зазема една третина во структурата на личност. Личност со толку скромен професионален идентитет е една отруена, болна „од самата себеси“ личност, таква за која омразата е „небрежна, безгрижна и интимно уживање.“ Страшно го сака тоа што го мрази и уште пострашно го мрази тоа што го сака. Има ли подобра персонализација за тоа „тоа“ од – Блаже Конески?