БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Каков епски напор на криминалното милје не само да ги ослободи бомбите од доказната супстанца, туку и да ги уништи.
Како старо железо во печките кај Мин Чо
Бомбите треба да завршат во Музејот на современа уметност. Да можат да се слушаат низ класична програма на музејската управа, но, истовремено, да може од квалитетно направен каталог, луѓето да бираат што ќе слушаат. Во една од десетте кабини. Со слушалки и со инструменти за прибелешки и смимања до триесет или не знам колку секунди. Музејски водич на располагање. Колективни школски посети, поместување на проблематиката, со кратки тонски извадици, во наставната програма, докторски студии, меѓународна размена…
Но, не!
Каков епски напор на криминалното милје не само да ги ослободи бомбите од доказната супстанца, туку и да ги уништи.
Како старо железо во печките кај Мин Чо.
Но, бобмите не се само докази за најголемиот европски криминал по глава на жител или по стотка џидипи. Тие се културно наследство од нулта категорија. Никој нема право да уништува цркви, џамии, книги, и прислушкувани разговори кои сведочат за времето на злото.
Помало зло е да посакаш да ја урнеш Ристиќевата палата со интензивно мочање во темелите на зградата или Бигорскиот манастир да го потпалиш со боринки и бензин од сто октана, отколку да го уништиш непроценливото богатство на македонската култура, неповторливото сведоштво за менталитетот, карактерот, филозофијата, психологијата на македонскиот човек, содржани во таканаречените бомби.
Тоа е како оној тип од Паг што си ги фрли четирите деца од тераса, да си донесе закон со кој фрлањето до четири деца не е казниво дело ако не е откриено во првите триесет секунди. А државата да е должна да ги уништи телата на починатите деца така што ќе ги даде на некој производител на парфеми!
Уффффффффф!
Но, сакам да им порачам, дека тие напори им се залудни, затоа што копија од комплетните материјали, во три примероци има кај мени и на адреси кои ја обезбедуваат сигурноста и на материјалите и на луѓето и на мене, разбира се.