Aнгеловска на Emerging market winter conference: Со акциски план и конкретни мерки до подобри резултати за сузбивање сива економија
Преку спроведување на конкретни мерки и политики за сузбивaње на сивата економија, ќе работиме на подобрување на наплатата на приходите, како и преку инкорпорирање на технологијата во процесите. Ова го истакна министерката за финансии Нина Ангеловска, одговарајќи на прашање „како до раст на буџетската приходна страна“, на панел-дискусија на конференцијата на УниКредит – „Emerging Market Winter Conference“, која се одржа минтата недела во Виена.
Ангеловска истакна дека забрзано се работи на Акциски план за сузбивање на сива економија и посочи дека со ефикасно адресирање на неформалната економија, наплатата на даноците може значително да се подобри – само кај ДДВ може да се очекува потенцијално зголемување на наплата за 1% до 2% од БДП.
– Еден начин да се подобри наплатата на приходи е адресирање – „атакување“ на сивата економија со конкретни мерки и активности. Во моментот развиваме акционен план. Министерството за труд и социјала има Стратегија за сузбивање на сивата економија. Има одделни мерки и во Министерството за финансии, во УЈП и Царинската управа. Сепак, ова е клучен приоритет и затоа создаваме посебен – наменски акциски план во Министерството за финансии. Акцискиот план вклучува различни мерки, од инспекции и зајакнување на капацитетите на институциите до меки мерки, по примерот на МојДДВ и МoјДДВ #МојаНаграда, кои даваат одлични резултати. Покрај тоа, додаваме нов, посебен сегмент, кој се бори со сивата економија во е-трговијата. Друг начин да се мобилизираат повеќе приходи е со примена на технологиите во процесите. Технологиите се решение за борба против корупцијата, за зголемување на ефикасноста на даночниот систем и автоматизирање на процесите – рече Ангеловска.
На панелот на кој учествуваа и министерот за финансии на Романија Флорин Ситу и Ден Букса – главен економист за Централна и Источна Европа на Уни кредит, се зборуваше и за очекувањата за економски раст во земјите од регионот. Министерката за финансии истакна дека Република Северна Македонија ги натфрлила проекциите за раст на Меѓународниот монетарен фонд – дури и покрај тоа што Фондот во 2019 година два пати ја зголемуваше проекцијата за раст за земјава. Таа посочи дека годинава се очекува раст на економијата од 3,8%.
Ангеловска рече дека е подобрена реализацијата на капиталните инвестиции, која во 2019 година изнесува 78% од проектираното, додека реализацијата на инвестиции на Јавното претпријатие за државни патишта изнесува 85%.
– Со Буџетот за 2020 година издвоивме 385 милиони евра за капитални инвестиции, што претставува 3,2% од БДП и 10% од јавните расходи. Ова е над европските таргети, односно јавните инвестиции во Европската унија учествуваат со 2,7% од БДП и 6% од јавните расходи. Исто така, преку Јавното претпријатие за државни патишта се издвоени дополнителни 195 милиони евра за инвестиции во патната инфраструктура. Тоа се 580 милиони евра капитални инвестиции – рече Ангеловска.
Проект за модернизација на земјоделството во вредност од 50 милиони евра, како и проект за администрирање на социјалното осигурување во вредност од 13,8 милиони евра ќе се реализираат во рамки на четиригодишната Рамка за соработка со Светска банка.
Во меѓувреме заменик-министерката за финансии Ширет Елези пред Собранието ги образложи законите со чие усвојување се овозможува финансирање на овие проекти.
– Проектот за модернизација на земјоделството ќе придонесе за подобрување на квалитетот на земјоделските производи и воведување стандарди во земјоделското производство, со што ќе се зголеми вредноста и конкурентноста на земјоделските производи на меѓународните пазари, ќе се воспостави систем за безбедно отстранување нуспроизводи од животинско потекло, ќе се зајакнат институционалните капацитети, во насока на планирање врз основа на докази, мониторинг и евалуација на програмите за земјоделство и рурален развој, потоа ќе се зајакнат институционалните капацитети за подобро искористување на Европските фондови и ќе се воспостави систем за управување со државното земјоделско земјиште – истакна Елези.
Проектот ќе го имплементира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кое ќе воспостави и одржува Единица за имплементација на проектот (ЕИП), која ќе биде одговорна за реализација на проектот.
Вкупниот износ на проектот е 50 милиони евра, од кои 46 милиони евра се заем од Светска банка, а 4 милиони евра се грант од ЕУ.
– Проектот за администрирање на социјалното осигурување ќе го унапреди квалитетот на услугите во администрирањето на социјалното осигурување и тоа преку воспоставување единствен централизиран регистар за социјално осигурување и унапредување и модернизирање на деловните процеси на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување, сѐ со цел на осигурениците во првиот столб да им служи поефикасно и поефективно“, потенцира Елези, образложувајќи го Законот за задолжување на РСМ со заем кај СБ по Договор за заем за финансирање на проектот за администрирање на социјалното осигурување.
Проектот ќе го имплементира Министерството за труд и социјална политика.