АЛЕКСАНДАР ЛИТОВСКИ
Може да се забележи дека антифашизмот е жестоко нападнат и дека е загрозен неговиот опстанок. Всушност, едно е сигурно – во квечерието на новата Студена војна за прераспределба на економските ресурси, ни следува мрачна пропагандна збрка од профани и световни празноверија и предрасуди, вселенски лаги и глупости, неолиберални измислици и догми, идиотски ревизионизми на минатото и бесни антикомунизми…
Македонија секогаш треба да е антифашистичка земја, оти македонската државотворност беше втемелена врз антифашизмот. Од борбата на антифашистите, во времето на Втората светска војна е создадена современата македонска држава. На глобално ниво, сè додека постои фашизмот, антифашизмот треба и мора да опстои како идеја. А, сосема е очигледно, денес, на почетокот на третата деценија од 21 век, фашизмот постои и секојдневно освојува нови приврзаници и зајакнува. За жал, може да се забележи дека антифашизмот е жестоко нападнат и дека е загрозен неговиот опстанок. Всушност, едно е сигурно – во квечерието на новата Студена војна за прераспределба на економските ресурси, ни следува мрачна пропагандна збрка од профани и световни празноверија и предрасуди, вселенски лаги и глупости, неолиберални измислици и догми, идиотски ревизионизми на минатото и бесни антикомунизми… Во ваквата светска крвава и луда империјалистичка крчма, каде огромна толпа политички и интелектуално-професорски опскуранти непрестано ја вреват својата платеничка морозофија, треба да им се помогне на луѓето да ги осознаат и препознаат лажните догми и митови на ревизионизмот, да ги надминат стравовите, канибалството и покрноста кои им ги наметнуваат темните и злобни сили на крупниот капитал, да развијат своја скептичка и агностичка моќ за разбирање на стварноста.
Поаѓајќи од ваквата ситуација, пред левицата на глобално ниво, а и во Македонија, стои како неодложна задача објаснувањето и разоткривањето на лагите на ревизионистичките и антикомунистички митологии. Луѓето треба да сфатат дека им е наметната фукујамовска империјалистичка перспектива преку која се добива калеидоскопска слика за историјата, но и за стварноста, за материјална благосостојба и слободата. Луѓето треба да сфатат дека компактното „демократско“ мнозинство, составено од ситни буржуи и лумпен-пролетери, од асистенти, доценти, редовни и вонредни професори, примариуси, декани, ректори, академици и безтитуларни новинарски и НГО теоретичари, за своето „анти-антифашистичко“, „антисоцијалистичко“ „фашизоидно“ и „прокапиталистичко“ уверување и јавно застапување е платено, а често дури и преплатено.
За да се сруши сето тоа нужно е светот да го зафати едно глобално интелектуално и акционо-политичко цунами, во кое до темел ќе бидат уништени предрасудите, уверувањата, законите и правото, уметностите и културата, моралите, приватната сопственост, религијата и нејзините храмови, граѓанската еднаквост и правда кои во нивната „величествена еднаквост… им забранува на сиромашните и на богатите да спијат под мостови, да молат по улиците и да крадат леб.“ (Анатол Франс во Црвениот крин Le Lys rouge, 1894) Впрочем, јасно е дека нервите на човештвото, вознемирени од татнежот на глобалниот антихуманизам на олигархијата, од војните за профит и нафта, од татнежот на неправдата при безмилосната робовска експлоатација на милијарди мажи, жени и деца, од пискотниците на страдалниците кои немаат храна и питка вода, се болни, се грозно и тешко болни и потребно е нивно лекување преку – социјална револуција! Затоа, првиот чекор е луѓето да сфатат дека ако утре сакаат слобода и достоинствен живот за себе и своите потомци, денес им е нужна нова борба за опстанок на антифашизмот и хуманизмот. Потребен им е нова антифашистичка борба.