Иако е преработен и затоа нецелосен поради полициската истрага, извештајот за забавите на Даунинг стрит за време на лок-даунот во Британија содржи поразителни квалификации за бесната атмосфера во непосредната околина на Џонсон – но мнозинството во партијата сè уште е подготвено да му го чува грбот
Британската влада неодамна соопшти дека ги прифатила оставките на раководителот на канцеларијата на Џонсон и негов приватен секретар, Мартин Рејнолдс, како и на шефот на кабинет Ден Розенфилд. Неколку часа претходно оставки најавија и директорот за комуникации Џек Дојл и раководителката на политичкиот оддел во Даунинг стрит, Мунира Мирза.
Мирза, која за Џонсон работи 14 години, својата оставка ја образлага со „злонамерниот“ напад на Џонсон врз шефот на лабуристите Кир Стармер. Џонсон во понеделникот (31.01) во парламентот го обвини опозицискиот лидер дека како прв човек на обвинителството од 2008 до 2013 година лично потфрлил во кривичниот прогон на сексуалниот злосторник Џими Севил. По смртта на водителот Севил, кој беше ѕвезда во Велика Британија, во 2011 година беше обелоденето дека тој над 40 години неказнето злоставувал деца и возрасни. И покрај тоа што на социјалните медиуми кружи тврдење дека Стармер бил на функција со одговорност за такви случаи, тоа не е точно. Стармер немал надлежност во случајот.
Џонсон за ваквите изјави беше жестоко критикуван од сопствените редови и во средата се обиде тоа да го поправи. Мирза критикува што премиерот сѐ уште не се извинил. „Не постои фер и разумна основа за вакви трвдења“, пишува таа во својата оставка, чии делови пренесува списанието „Спектатор“. Борис Џонсон, пак, вчера изјави дека жали поради оставката на својата соработничка, но не се согласува со нејзината оценка дека неговите изјави биле несоодветни.
Поранешниот советник на Џонсон, Доминик Камингс, кој во меѓувреме се претвори во противник на премиерот, оцени дека оставката на Мирза е „сигнал дека бункерот се распаѓа“.
Раководителот на канцеларијата на Џонсон, Рејнолдс и шефот за комуникации Дојл се вмешани во „Партигејт“ аферата и забавите во екот на пандемијата и локдаунот во земјата во 2020 година. Полицијата во моментов води истрага за можни прекршувања на корона-рестрикциите.
Мартин Рејнолдс и Борис Џонсон (архивска фотографија)
Рејнолдс во мај 2020 година поканил околу сто соработници на „пијалок со дистанца“ во градината на Даунинг стрит. Дојл, пак, присуствувал на најмалку една од контроверзните локдаун-забави. Шефот на кабинет Ден Розенфилд поднесува оставка на функцијата по само една година.
Џонсон, како што изјави портпарол на Даунинг стрит, им се заблагодарил на Рејнолдс и Розенфилд за нивниот „важен придонес“ во работата на владата. Тие ќе останат на функциите додека не бидат избрани нивни наследници.
Британските коментатори оценуваат дека оставките се уште еден удар за Џонсон, кој е под огромен притисок поради аферата „Партигејт“ затоа што и самиот присуствувал на некои од забавите забранети со корона-рестрикциите. Дел од пратениците на партијата на Џонсон веќе му откажаа поддршка. Според Би-Би-Си, во надлежната комисија веќе пристигнале 17 писма од пратеници. За да се гласа за доверба се потребни 54 писма.
Во летото 2019 година, за време на натпреварот за нов лидер на владејачката Конзервативна партија – што, според британската политичка практика, значеше автоматско доаѓање на чело на владата – по разговорот што Борис Џонсон го имаше со секој од нив, група пратеници.ги спореди белешките од тие средби. Имаа што да заклучат: Џонсон на некои им вети дека ќе се залага за една работа, на други за нешто сосема друго, сосема неспоиво со првото. Не е важно: по победата во финалето на гласањето на ториевците, Џонсон триумфираше во своето членство, стана лидер на партијата и ја презеде функцијата премиер, за да обезбеди мнозинство на предвремените избори во декември истата година.
Дури и да не се знае речиси ништо друго за Џонсон и Конзервативната партија, оваа епизода би била доволна за да се разбере нивната природа. И како долгогодишен новинар и како подоцнежен политичар, Џонсон беше и остана компулсивен лажго, шармантен измамник и, сè на сè, човек без никакви морални скрупули. Неговите сопартијци отсекогаш знаеле дека тој е недостоен за премиерската функција; но – како и секогаш неуморно е фиксиран за стекнување на власт или, почесто, останување на неа – правилно процениле дека тој и таков Џонсон во тоа време (Брегзит сè уште не бил целосно изработен) е идеалниот избор за шефот на партијата и владата. Останатото е, така да се каже, историја; или, во овој случај, историјата како фарса.
Карактерот на Џонсон може да се објасни со неговите моментални ескапади по бурата предизвикана од откритието дека за време на силно заклучување на граѓаните по домовите поради пандемијата во седиштето на премиерот и резиденцијата на Даунинг стрит, беа одржани најмалку 16 забави, вклучително и една за неговиот роденден – додека за тоа време, обичните Британци мораа да се придржуваат до ригидни процедури за ковид, поради што безброј од нив не добија ни шанса да се збогуваат со своите најблиски кои умираа. Тој не знаел за забави; но ги направил; но тој мислел дека тоа се официјални собири; присуствувал на нив само десет минути, а потоа заминал. Иако имало и роденска торта…
Потенцијална пречка за успехот на маневрирањето на премиерот би можел да биде извештајот на високорангирана членка на државната администрација, Сју Греј, задолжена за утврдување на вистината за забавите одржани за време на заклучувањето. Бројни пратеници од ториевците најавија дека по разгледувањето на содржината на нејзиниот извештај, ќе одлучат дали ќе се придружат на повиците на оние кои бараат оставка од Џонсон, можеби формална иницијатива за недоверба на премиерот, за која се потребни потписи од 54 пратеници. на владејачката партија.
(Дојче веле – НИН)