НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Бојкотирам и останатиот политички башибозук, треба да биде свесен дека политичката апстиненција не значи ништо, па тие структури веруваат дека наоѓаат некакво протестно меѓурешение: да не излезеш на референдум, со што референдумот би станал „неважечки“?
Сите, фала му на Бога, знаеме, во Македонија ќе се одржи референдумско изјаснување на 30 септември за поддршка (и промена) на името во Северна Македонија, односно поддршка на Договорот со Грција и влез во НАТО и во ЕУ. Туку, да бидам потполно отворен на почеток, ова не е тема на денешниот текст. Станува збор за нешто сосема друго: пред неколку денови ми се отворија сите „черупки“ – се откри и кој за кого работи, ми се откри и кој за кои агенди се залага; и, како да ви кажам, просекот е типично „македонски“: беден, досаден, штеточински.
Од друга страна, референдумот повеќе од сигурно ќе биде успешен. И, сигурно се прашувате, кој ќе победи. Заев? Ма, не. Мицкоски? Таман работа. Бачев? Море, оди бегај! Билјана Ванковска, Солза Грчева и Сотир Костов? Море, што ви паѓа напамет! Ќе победат „оние што нема да излезат на референдумот“, па потоа тие ќе формираат ново парламентарно мнозинство и ќе назначат нов премиер? Сигурно се прашувате кој ќе биде новиот премиер на „оние што нема да гласаат на референдумот“? Хогар Страшниот ми се чини дека е најсоодветното име за сите оние бојкотирачи што „нема да излезат и да гласаат“.
Шегата настрана, вака изгледа и звучи „доминантната“ опозиција во земјава, знаете сите, ретко од нивниот табор се наоѓа честит, добронамерен и образован човек. Сѐ на сѐ, би се рекло дека се работи за еден сериозен дискурс што треба сериозно да се третира. Само што, ви напоменувам, ќе биде многу, многу тешко. Дури и сево ова погоре нема да биде толку проблематично ако ова не е симптом на еден поширок тренд. Ајде да го наречеме „резигнација над парламентарната демократија“ како еден вид малограѓански инфантилизам и нарцизам.
Кога ќе го наречеме „инфантилизам“ и „нарцизам“, веднаш се помислува дека авторот „интелектуално“ се пува, се занесува, ама ќе ве коригирам: станува збор за цел еден моден тренд, бре! За што се работи?
Најпрво, никаков „кризен штаб за бојкот на референдумот“ никогаш и никаде нема да победи (дури ниту симболично!) што било, а најмалку е можно во парламентарна демократија во која се одржуваат плурални избори. Тие, бојкотирачите, по дефиниција се губитничка опозиција и, да се разбереме јасно, не е тоа некоја сорта на „благородно/племенито губитништво“, туку губитник си затоа што си мува што постојано удираш во стакло од прозорот. На изборите победуваат (како и на референдумите) тие за кои ќе се определи мнозинството граѓани кои: а) ќе излезат на избори; б) на тие избори ќе заокружат нешто, име на личност/држава/прашање, тоа де, што им се нуди. Другите што ќе останат дома не претставуваат апсолутно ништо – освен една бедна малограѓанска неодговорност на која, за волја на вистината, граѓаните имаат право (гласањето не е, ниту треба да биде законска обврска), ама исто така не треба да го романтизираме, туку да го наречеме со вистинско име. Бојкотирам и останатиот политички башибозук, треба да биде свесен дека политичката апстиненција не значи ништо, па ете, од друга страна, тие структури веруваат дека наоѓаат некаква мистериозна смисла, некакво протестно меѓурешение: да не излезеш на референдум со што референдумот би станал „неважечки“?
Зошто тоа го правиш, по ѓаволите?! „Мислиме дека тоа ќе биде добро за Македонија“. Навистина? А, како, баш тоа ќе биде добро за Македонија – ќе ја направиме така „сериозна“ држава? Или можеби мислат дека ќе се појави сигнификантен број од „неважечки“ или „бојкотирачки“ ливчиња, па политичката елита на Заев ќе се посрамоти?
Парламентот на оваа земја има 120 пратеници. Мнозинството засега го прават 70 од нив. Законот не предвидува оние што „бојкотираат“, без разлика колку се, да можат да го поништат Договорот со Грција, не можат дури ниту да бидат дел од опозицијата, а камоли од власта. Да се мисли дека за „денот на референдумот“ се раѓа место за системско – а што значи дека се работи за „вонсистемско“ незадоволство од политичката класа на Заев, едноставно значи тврдоглаво незнаење за да разбереш што значи живот во парламентарна демократија, заедно со сите нејзини правила на игра. Како, впрочем, еден потег кој самиот по себе е врескачки несериозен, детски и антипатично размазeн (кој, имено, популистички ѝ годи на една класа од разгалени дечишта, настапувајќи под девизата „никој во постојната понуда не е доволно добар за моите високи критериуми“), кој може тоа да го сфати за сериозно, можеби само Хогар Страшниот, не?
Припадниците на политичката класа, вакви какви што се (претежно никакви, тоа е банална вистина) со полно право ќе одмавнуваат со раката. И ќе направат такво политичко мнозинство кое ќе гласа „ЗА“ референдумот, и нема да се глупираат. Така ли е? Така е. Има ли тука нешто против законот, Уставот и принципите на повеќепартиската односно парламентарната демократија? Јок, напротив.
Постојат, да се разбереме, принципиелни, идеолошки противници на парламентарната демократија, како на пример разни екстремно-десни заговорници или слични ултралевичарски проповедачи на претставничката демократија кои државата ја сметаат за некаква скапана „буржоаска измислица“; да си денес „левичар“ во Македонија значи дека си фенси-шменси фолирант поминат низ шминкерски симпозиуми, сервисиран од крупните капиталисти кои спонзорираат фондации, партии од „империјалните земји“. Како, молам? Така, убаво. Во контекст на нашата денешна приказна, мене идеолошките противници не ми се никаков проблем: тоа се што се и се борат за она во што (веруваат дека) веруваат. Не очекувам дека на политичката сцена постојат за да го „култивираат“ она против кое се борат. Ама кога ќе почнат да ми пропагираат некаква „инфантилна регресија“ и пад во претполитичка состојба, тогаш човека може да го заболат три глави од мака, само кога би ги имал во толкав број.
Луѓе божји (!), почнете веќе еднаш да разликувате медиумско-морално „вертикалисување“ од елементарните и „банални“ граѓански одговорности во едно демократско општество! И се гледаме на референдум! Јас сум, за среќа, граѓанин на повеќепартиска, односно јас сум граѓанин на парламентарна демократија во оваа плурална земја, и „јас гласам“! А, кој не гласа, ќе биде надгласан од други, заедно со оние мнозински „ЗА“, се разбира.