АТАНАС ВАНГЕЛОВ
Еден таков, видоизменет груевизам, зборува низ устата на Мицковски, на онаа од неговите портпароли, на безгласните и едногласни партиски органи, на неговите двогласни пратеници: еден внатрешен и нечуен – против груевизмот, и друг надворешен, громогласен, кој го брани тој груевизам „со сите демократски средства.“ Тој очигледно жив и жилав груевизам има пред себеси две цели. Една непосредна или примарна, и една посредна или секундарна цел.
Тоа беше мојот безгласен извик, во себеси, кога ја прочитав веста (се надевам веродостојна) дека одите на брзи избори. Без оглед на тоа како сака, колку сака и дали воопшто сака опозицијата на Мицковски. Тој Мицко и таа опозиција имаа можност да кажат што сакаат и како сакаат на оној референдум кој штотуку заврши. Си поиграа или, уште подобро, ја изиграа таа можност, и тоа е силниот, непобитен доказ дека ќе изиграат сè што можат и не можат.
А зошто ќе изиграат сè што можат и не можат?
Вам ви е веќе совршено јасно, како што и мене ми јасно, како што им е јасно на сите во сегашна Македонија (а најјсно на Мицковски и неговите органи во ВМРО-ДПМНЕ!) дека пастир Никола Груевски не е веќе шеф на таа партија, дека не е ни премиер, дека сега трча по судови за тоа што го правел во тек на десет години на власт. Да, не е на власт, ама бара и дава сè за власт во рацете на груевизмот кој не умира, кој само се – видоизменува.
Еден таков, видоизменет груевизам, зборува низ устата на Мицковски, на онаа од неговите портпароли, на безгласните и едногласни партиски органи, на неговите двогласни пратеници: еден внатрешен и нечуен – против груевизмот, и друг надворешен, громогласен, кој го брани тој груевизам „со сите демократски средства.“ Тој очигледно жив и жилав груевизам има пред себеси две цели. Една непосредна или примарна, и една посредна или секундарна цел.
Првата, примарна цел е да се врати на власт, брзо или во догледно време, без оглед на цената што треба да се плати. А цената е: стоп за Македонија во НАТО и ЕУ, стоп во духот на изјавата на Димитриј Песков, портпарол на руската влада. Тој ни порача од Москва дека оние над 600 000 гласови „за“ НАТО и ЕУ се – ништо. Таа силна порака од Москва е степски ветар во грбот на Иванов кој, каква случајност, зборува во ООН со устата на Димитриј! Ветер во грбот и на Мицковски, сенка верна до гроба на пастир Груеску кој, за атер на Меркел, се реши на „тивок бојкот“ во надеж дека тоа ќе му помине.
Втората, секундарна цел е да се укине Специјалното обвинителство на Катица Јанева ако таа не сака да ги повлече своите обвиненија против Груеску и Фамилијата. Да се смени, потоа, јавниот обвинител ако, случајно, не сака да ги повлече обвиненијата против 27-те кои, на оној „крвав четврток“, упаднаа во Парламентот само затоа што „си ја сакаат таковината“ повеќе себеси. Или, ако за тоа нема „добар политички амбиент“, да се смени брзо Кривичниот законик. Така сите, потоа, ќе ги огрее “ново сонце на слободата.“
Значи, вам ви е совршено јасно, господине Заев, дека туку не станува збор за некои благородни чувства, за патриотски изливи од национално достоинство и гордост, за крик во очај на наши предци: „подобро ужасен крај отколку ужас без крај!“ Вам ви е совршено јасно дека тука станува збор за спас на кожинка. Тој спас на кожинка е во рацете на груевизмот, затоа што стопанот (Николае), како и стопаните на кожинката со ликови од Фамилијата, со ликови од оној „крвав четврток“ се – под удар на Специјалното на Јанева, односно на Јавното што не е (о каква несреќа!) веќе во рацете на легендата Зврле.
А кога кожинката е во прашање, тогаш човек е готов на сè. Готов да му ја продаде својата душа на ѓаволот како оној јунак на Балзак од “Шагринска кожа“ кој, во канџите на очај, му ја продава таа своја проклета душа за десет години не само убав и пристоен, туку раскошен живот на – аристократ. Добро, сето тоа е – литература. Можеби поинаку е во животот, со оние луѓе од крв месо кои ни од далеку не се како луѓето од мастило и хартија.
Има и такви луѓе, од крв и месо, кои поминале скотски живот во страшна мизерија, ужаси и пониженија. Како, на пример, Евгенија Гинзбург и Александар Солженицин. Тие велат дека човек кој се бори за гол опстанок, кој живее под страшна закана за тој опстанок, кој е фрлен во нечовечки околности, неминовно станува не-човек и скот. Тој не-човек и скот е готов на гадости од најдолен вид кога е во прашање неговиот гол живот или – кожинката.
Јасно, има некоја разлика меѓу „гол живот“ и „кожинка.“
Ниту на пастир Николае, ниту на другите од Фамилијата, а ниту на оние 27 на кои им се суди за упад во Парламентот им се заканува некоја опасност по нивниот „гол живот“ како на Гинсбург и на Солженицин. Ним им се заканува само опасност од неколкумесечна до неколкугодишна робија. Под услов, се разбира, да финишираат нивните судски постапки во тек.
Ама и тоа може да заврши со хепиенд. Може, ако груевизмот под форма на Мицковски и неговите органи во ВМРО-ДПМНЕ си ја заврши својата работа како што треба. Ако најде начин да се врати на власт и ако, потоа, го стори тоа што треба со Специјалното и Јавно обвинителство, како и со Кривичниот законик кој ни не е некое Свето Писмо за да не може да се менува.
Сето тоа имав намера да ви го напишам, јавно, господине Заев, ама ме испревари веста дека вие сте се решиле за брзи избори без оглед на тоа што сака, колку сака и како сака груевизмот на Мицковски. Иако ме испревари, сепак го напишав. Го напишав, затоа што чув и нечуен глас од вашата одлука: „Доста беше, ако е за аир, со тој жив и жилав груевизам на Мицковски!“