Уништување на шумата на Амазон го донесе лобито на сточарите. Тоа го донесе на власт новиот претседател кој отвора нови пасишта во Бразил со едноставниот рецепт – кибритот ги уништува дождовните шуми, па тука доаѓаат пасиштата
ТЕНА ЕРЦЕГ
Жаир Болсонаро, екстремно десниот неолиберал кој штотуку седна на местото претседател на Бразил, „четвртата најголема демократија во светот“, свечено инаугуриран првиот ден од оваа година, неколку часа по преземањето на функцијата ги донесе првите декрети. Меѓу другото, Болсонаро побрза на своите спонзори да им го испорача највредниот ресурс со кој располага неговата земја, воедно и еден од најважните екосистеми на Земјата, заедно со нејзините жители.
Покрај конзервативниот удар на човековите права на жените, ЛГБТ заедницата и другите малцинства, новиот бразилски претседател го предаде целото подрачје од базенот на реката Амазон директно во рацете на неколку индустриски лобија со еден потег, за чии последици веќе се проценува дека би можеле да бидат катастрофални за целото човештво.
Отсега па во иднина овластувањата за сертифицирање на домородните територии веќе нема да бидат во надлежност на Националната индијанска фондација (ФУНАИ), владина агенција која дотогаш беше дел од Министерството за правосудство и се занимаваше и со останатите програми важни за опстанок на автохтоните бразилски народи, на пример домувањето, здравството и зачувувањето на јазиците. На Агенцијата ѝ се одземени и овластувањата за демаркација на таканаречените квиломбоси, рурални населби во кои живеат потомците на робовите на кои поранешните левичарски влади, во согласност со уставот, им доделуваа земја во заштитени подрачја како облик за компензација за ропството, инаку укинато дури 1888 година. Тие овластувања сега се префрлени на Министерството за земјоделство, а за министерка е именувана Тереза Кристина Кореа да Коста Диаз, агрономка од државата Мато Гросо до Сул во која живеат 2,6 милиони луѓе и 21,5 милиони грла стока. Земјоделското лоби е едно од најсилните во Бразил, дел од тријадата колоквијално наречена Библија, говедско и куршуми, која ги означува најмоќните тамошни елити, токму оние кои го доведоа Болсонаро на власт.
Да Коста Диаз е експонентка на земјоделското лоби, која католичката организација за правата на староседелските народи ЦИМИ ја стави на црна листа противници на тие права зашто, меѓу другото, од владата на поранешниот претседател Мишел Темер бараше да ја укине националната политика за одржлив развој на традиционалните народи која е на сила од 2007 година. Министерката минатото лето ја предводеше конгресната група која во тоа тело го протурка таканаречениот Закон за отров со кој ќе се олесни употребата на токсични пестициди, а во својата држава потпишуваше даночни олеснувања за најголемата светска компанија за преработка на месо ЏБС С.А, од која за возврат добиваше донации за кампањата.
По примерот на американскиот претседател Доналд Трамп, Болсонаро на Твитер го оправда овој потег со тврдењето дека „потомците на поранешните робови“ имаат право дури на 13 проценти од бразилската копнена површина, колку што се наоѓа под некаков облик на заштита, и дека на толку огромна површина живеат помалку од еден милион луѓе, што тој го смета за неправедно. Рече дека невладините организации ги искористуваат и манипулираат тие луѓе, па го повтори ветувањето од кампањата дека припадниците на староседелските народи веќе нема да добијат ниту еден сантиметар земја. Агенциите за заштита на Амазон ги нарече непотребни и идеолошки и рече дека нема потреба староседелските народи да се „третираат како животни во зоолошка градина“.
Болсонаро со овие декрети практично го дерогираше уставот кој го донесе бразилската влада во 1988 година, по завршувањето на 21 годишната воена диктатура во која староседелските народи кои го населуваат подрачјето на Амазон брутално беа прогонувани за да се направи место за „развојот“. Со тој устав на овие заедници им е признаено правото на непречен живот на териториите на нивните предци, а по донесувањето на уставот се промени и пристапот на сега укинатата агенција ФУНАИ, која дотогаш имаше задача да контактира со племињата и да ги раселува, за подоцна да биде усвоена политика за избегнување конфликти и признавање на правото на традиционалниот начин на живот без надворешно мешање. Еден од проектите на воениот режим беше и оној за изградба на железничка пруга кон крајот на седумдесеттите, која го преполови богатиот резерват со минерали Јаномами. Во времето на изградбата на пругата во таа област надојдоа десетици илјади сточари, шпекуланти со земја и копачи на злато кои ја загадија водата со жива и донесоа болести кои ги десеткуваа локалните заедници. Болсонаро сега наумил да го укине статусот резерват на Јаномами, а луѓето кои живеат таму да ги „интегрира во општеството“, што покажува дека државната политика кон домородните заедници се враќа на позиција од пред донесувањето на уставот, односно на позиција како во времето на воената диктатура.
На подрачјето на Амазон постојат 436 територии формално означени како „автономски домородни зони“, а припадниците на веројатно половината од нив веќе се протерани.
Меѓутоа, брановите рудари, копачи, фармери и илегални сечачи на шуми на кои земјата им е потребна за пасење, никогаш не престанаа, а бидејќи сите тие активности се противзаконски, сè што се случува таму практично спаѓа во организиран криминал во кој понекогаш учествуваат сиромашни поединци, но сепак, најчесто се работи за крупен капитал. Подметнувањето пожари е наједноставен метод за уништување на амазонската прашума, по што земјата се претвора во ливади за пасење. Дефорестацијата на Амазон донекаде беше запрена во двата мандати на сега политичкиот затвореник, поранешниот претседател Луиз Инасио Лула да Силва од Работничката партија, но неговата наследничка Дилма Русеф, исто така од Работничката партија, во 2013 година го одобри законот за шуми со кој е извршена општа амнестија за оние кои илегално сечеле шуми на мали имоти. Иако оваа одлука не се однесуваше на големите компании, таа придонесе за атмосфера на неказнивост, па во следните четири до шест години е забележан пораст на дефорестацијата.
Кога и Русеф беше отповикана во монтиран процес заради сомневање за корупција, на нејзино место беше поставен технократот и експонент на десницата Мишел Темер, кој спроведе низа законски мерки во корист на земјоделското лоби, а во замена за поддршка во конгресот, тело во кое половината претставници веќе беа поврзани со ова лоби. Темер драстично ги намали буџетските средства за државните агенции кои се занимаваат со заштита на Амазон, просечно помеѓу 40 и 50 проценти, а во март минатата година беше донесена уште една одлука за општа амнестија со која на илегалните сечачи на шуми им беа простени вкупно 2,2 милијарди долари изречени глоби. Агенциите беа онеспособени до таа мера што станаа практично дисфункционални, па припадниците на автохтоните народи беа принудени сами да се вооружат и да се борат против илегалните упади на заштитените подрачја. Во репортажата објавена во октомври минатата година новинарите на National Geographic го посетија номадското племе Ава, кое има само уште околу 350 припадници. Тие живеат во резерватот Арарибоја, во чија близина се наоѓа отворен рудник за железо, со железничка пруга поврзан со пристаништето Сао Луис на Атлантикот, од каде во 2017 година беа извезени 162 милиони тони железна суровина, главно во Кина. По нападите на владата на Темер на релевантните агенции на целото подрачје на резерватите остана само еден единствен контролен пункт кој го чуваат три невооружени ренџери.
Според најновите податоци, во изминатите две години забележан е најголем пораст на дефорестацијата на Амазон во последните десет години. Помеѓу август 2017 и јули 2018 година исечени се речиси 8 000 квадратни километри шума, што е 14 проценти повеќе отколку една година претходно и најмногу во однос на 2008 година. Речиси половината емисии на гасови од ефектот на стаклена градина во тој период беше предизвикана од подметнати шумски пожари со цел чистење на теренот, а независниот истражувачки институт ИМАЗОН забележа и пораст на нивото на деградација на шумите во целиот базен на Амазон од 218 проценти. Истата агенција тврди и дека уништувањето на шумите било особено интензивно во тримесечниот период на предизборната кампања кој ѝ претходеше на победата на Болсонаро, најмногу во државите Акре и Амазонас, во кои Болсонаро оствари значајни резултати.
Рекордна сеча на стебла забележа и Пара, една од деветте бразилски држави на кои се простира базенот на Амазон, а на нејзината територија најмногу страдаше зоната од заштитената околина Триунфо до Шингу, подрачје на кое приватната сопственост не е сосема забранета, што истото го прави особено ранливо. Заштитената зона на реката Шингу се граничи со дистриктот Сао Феликс до Шингу, административна единица во државата Пара со најмногу стока во цел Бразил. Во целата таа држава, која се простира на 1,2 милиони квадратни километри, државниот Секретаријат за животна средина и одржлив развој СЕМАС има 20 вработени ренџери.
Инаку, Бразил во 2012 година ги премина САД на местото најголем светски производител на месо и достигна околу 15 проценти од меѓународниот пазар со говедско месо. Со 211 милиони грла во 2016 година – повеќе отколку што има жители – беше втора земја во светот, веднаш зад Индија. Таа година беа извезени 12 милијарди долари месо, најмногу во Кина, Хонг Конг, Саудиска Арабија и Руската федерација. По објавувањето на декретите на Болсонаро кои се однесуваат на институционалните промени за заштита на природата, но и на најавата за приватизација на државните компании, светските медиуми забележаа пораст на индексот на берзата во Сао Паоло за 3,56 проценти. Вредноста на акциите на компанијата за производство на струја Електробрас порасна за 20 проценти, а производителот на оружје Форхас Торос за 47 проценти, зашто Болсонаро најави и либерализирање на законот за регулација на оружјето како одговор на криминалната епидемија. Организацијата Глобал Енвајронментал Чејнџ, пак, пред изборите објави дека американските инвестициски фондови Блек Рок, Вангард и Стејт Стрит имаат вкупно 20 проценти удел во американските компании Арчер Даниелс Мидленд и Банџ, кои имаат големи операции за производство на говедско и соја во Бразил. Невладината организација тогаш предупреди дека тие инвестициски фондови, инаку најголеми во САД, затоа имаат „директен интерес да влијаат на однесувањето на пазарите во време на предизборна кампања“.
Координаторот на Гринпис за Бразил, Марисио Астрини изјави дека според мислењето на научниците „шумата престанува да биде шума“ кога нивото на дефорестација ќе достигне ниво од 20 до 30 проценти, при што уништувањето на шумите во Амазон денес е мошне блиску до 20 проценти. Со оглед на тоа дека овие индустрии сега на власт имаат свој човек, може да се претпостави дека критичната граница набрзо ќе биде премината, по што биолошката функција на Амазон би можела да биде неповратно уништена.
Извор: https://www.portalnovosti.com