Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

БРАТОТ НА ЗАЕВ

November 10, 2020 Filed Under: Колумни

БИЉАНА СЕКУЛОВСКА

Братот Борисов, како што го нарече Заев бугарскиот премиер, има навистина бескрајно широко, пријателско срце, кое испумпува љубов и добрина, милост и човечност кон Македонците.

Борисов секако би замолчел, затоа што и никогаш не излегол да се извини, кога некој од неговите политичари, историчари и големи аналитичари би го поправил- брате Борисов, велиш Македонци? Оние што не постојат? Оние што гробовите им се празни? Оние што јазиците им ги сечевме, за да не кажат на кој јазик зборуваат? Оние, на кои денес истото им следува?

При секој студен поглед, при секој понижувачки збор, при секој висок тон, заканување, омалуважување, понижување и грубост, лаги и манипулации од страна на бугарските политичари, Борисов останува голем брат, поголем од овие нашите- родени, дома, чија крв испумпува заеднички таги и радости, омраза и љубов.

Ех, брат. Како што може само брат, никој не може- да ви го попречи патот, да ви го ископа, да ви го сотре секое камче, да ви ги ситни ковчињата со зборови, ах, зборови, што се зборовите без уште поголеми дела, од кои ќе ве запусти, ќе ве дотолчи братот роден, со кој крвта ве спојува и дели.

Сите ние, помалку или повеќе, имаме брат- никогаш не е доволно браќа, сигурна сум, иако не знам што зборувам, затоа што немам ниту брат, ниту сестра, а можеби и имам, а може и којзнае колку да ги имам.

Затоа што брат попатно секогаш се наоѓа. Тој служи, еднакво како Борисов, за големи, херојски дела- да молчи кога ви се потсмеваат дека сте Македонци, дека говорите македонски јазик, дека ги пишувате на латинична тастатура овие букви. Нека ви кажуваат тие браќа што им се случувало на Македонците во оваа земја во Втората светска војна, кој ги окупирал, асимилирал, убивал и закопувал. Кога негирале дека воопшто постојат Македонци, кога тие Македонци тогаш можеле да кажат и да се борат, но денес не- дека биле окупирани, асимилирани, убивани и закопувани, затоа што не постојат.

Барате уште браќа такви, ги наоѓате насекаде, таквите ги има многу, но сепак ги нарекувате браќа, со надеж дека ќе се смилуваат, особено кога коленичите и ги молите да размислат добро- затоа што не секој може да биде брат, особено оние кои тешко може така да ги наречете.

Дајте уште браќа, малку се овие, во срцата можеме уште да примиме, да ги пумпа самото срце, да излегуваат, да ни се свртат во главата, да не зашемети таа бројка од браќа, затоа што браќа никогаш доста. Додека не дојде тој ден, а тој ден ќе мора да биде многу скоро, кога Заев токму тоа ќе му го каже на Борисов- благодарам брате, но навистина е доста.

Filed Under: Колумни

ЉУБЧО ГЕОРГИЕВСКИ: ОБВИНИТЕЛСТВОТО ОДБИ ДА ГОНИ 40 ЛИЦА ЗА НАПАДОТ ВРЗ АМЕРИКАНСКАТА АМБАСАДА ВО 1999 ГОДИНА
МАТНИ ЗДЕЛКИ ВО ЕНЕРГЕТИКАТА
И РЕПУБЛИКАНЦИТЕ ГО КРИТИКУВААТ ТРАМП
СЕРГЕЈ ЛОЗНИЦА: ПУТИН И СТАЛИН СЕ РАЗЛИЧНИ, АМА ИМААТ ИСТА МОЌ И СИСТЕМ ЗА ВЛАДЕЕЊЕ
СКОПЈЕ, ТАГАТА ЌЕ СЕ ВИКА СО ТВОЕТО ИМЕ (1)

Најново

  • ЉУБЧО ГЕОРГИЕВСКИ: ОБВИНИТЕЛСТВОТО ОДБИ ДА ГОНИ 40 ЛИЦА ЗА НАПАДОТ ВРЗ АМЕРИКАНСКАТА АМБАСАДА ВО 1999 ГОДИНА
  • МАТНИ ЗДЕЛКИ ВО ЕНЕРГЕТИКАТА
  • И РЕПУБЛИКАНЦИТЕ ГО КРИТИКУВААТ ТРАМП

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet