Многу генерации студенти во топлите и светли простории во оваа библиотека подготвуваа испити. Таа работеше 24/7. Пензионерите пред да заминат на пазарчето Буњаковец таму ги читаа утринските весници, во она време од целиот југословенски простор. Колку само нови книги се презентирани таму. А таму упаднаа и полциските кохорти на Мијалков и Јанкуловска на 5 мај 2015 година…

За 80 години континуирана успешна библиотечна, културна и образовна дејност, Градската библиотека „ Браќа Миладиновци“ пред неколку дена ја доби наградата „ 13 Ноември“. Голем дел од успехот е резултат на индивидуален ентузијазам и љубов кон професијата. Реалноста е дека ние често се бориме да го одржиме она што веќе го имаме, кажа на свеченоста, директорката на библиотеката.
– Неоходно е да создадеме нови, современи простори кои ќе бидат привлечни за младите. Но, реалноста е дека ние често се бориме да го одржиме она што веќе го имаме. Голем дел од успехот е резултат на индивидуален ентузијазам и љубов кон професијата. За библиотеките да имаат блескава иднина, потребни се визија, стратегија и план – вели Снежана Стојчевска, директорка на Градската библиотека „ Браќа Миладиновци“.
Оваа јавна установа ја сочинуваат 4 централни библиотеки, 14 подружници и подвижната библиотека – Библиобус. Вкупниот книжевен фонд изнесува над половина милион книги. Меѓу нив е и колекцијата на стари и ретки книги во која се наоѓаат „Езоповите фригиски басни“ од 1566 година . А, деновиве библиотеката се збогати со нови книги, донирани од Кралството Холандија.
– Денеска имаме мал, но јас мислам многу значаен придонес со холандско литературно катче, што содржи повеќе од 300 книги . Од холандски автори, преведени на македонски или на холандски јазик, меѓутоа и од други автори, преведени на холандски јазик, рече Узлем Џанел, амбасадорката на Кралството Холандија во Македонија.
Градската библиотека „ Браќа Миладиновци“ започнала со работа на 15. ноември 1945 година, со одлука на тогашниот претседател на Градскиот ослободителен одбор, Димче Зографски. Но, преку истражување е утврдено дека нејзините корени датираат уште од времето на Кралството Југославија.
Имено, на 3 јануари 1934 година во Советот на општината на градот Скопје, под точка 3 е донесена одлука да се формира градска, јавна библиотека, на територијата на град Скопје, кажа Гордана Андреева, библиотекар- советник во Одделот за дигитализација.
Оваа установа сигурно ја помнат генерации студенти кои немале услови за учење па ги користеле топлите и светли простории во текот на ноќта. Објектот работеше 24/7 а тоа беше привлечно за скопските високошколци кои дома живееја во мали станови, па судирот со потребата од сон на семејството барало друго решение. Истото секако важи и за оние студенти кои нашле соба во некој од државните домови, ама хроничното студенило и лошото светло барало солуција. Згора, познати ми се приказните од колегите но и нивните родители дека паузите за кафе родители многу идни врски па и бракови!

Таму се држени и бројни литературни читања, промоции на нови изданија. Но имало и несакани посети. Особено е познато по лошо кога кохортите на Јанкуловска и Мијалков упаднаа вечерта на 5 мај 2015 година во оваа библиотека каде учеа, како и секогаш студентите и извршија вандализам и тепаа невини присутни млади луѓе. Истиот ден инаку пред Владата имаше огромен број на протестанти, откако претпладнето беше објавена една од многуте бомби, аудио материјали каде се потврди убиството на Мартин Нешовски и сите обиди за сокривање на овој злостор и неговите извршители! Силни полициски екипи во полна опрема сурово се пресметаа со учесниците и ги гонеа а при тоа влегоа и во зградата на библиотеката на улицата „Партизански одреди“, каде продолжија со својата суровост.
Како посебен и заштитен архитектонски белег на Скопје е и зградата е изградена во 1973 година како нов дом на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“. Се наоѓа во населбата Дебар Маало на булеварот „Партизански Одреди“ бр. 22. Дело е на архитектот Прохирија Хаџикостова-Пешиќ. Проектирана е наменски како библиотека и претставува е една најфункционалните во Македонија. Се состои од подрум, приземје и два ката. Зафаќа површина од околу 4.500 м2 и има два депоа и книговезница во подрумот, сала за промоции и изложби на приземјето и голем број современи оддели и читални на катовите.

Хаџи-Костова влегува со овој објект во врвот на македонската архитектура а нејзиното дело, заедно со други архитектки кои биле дел од обновата на Скопје е претставен на специјална изложба во Њујорк.




