Свовевремено опозициска Лабуристичка партија, предводена од Харолд Вилсон, на парламентарните избори во 1974 година (февруари и октомври) настапува со Манифест во кој се обврзува да организира референдумско изјаснување за тоа дали Обединетото Кралство треба да остане во „Заедничкиот пазар“, како што тогаш ја нарекуваат Европската Унија, или не. Подоцна лабуристите често ги менуваат ставовите во онос на сегашната Унија
ВАЛЕРИЈА БЕБЕК
Кованицата БРЕГЗИТ (BREXIT), со која е именуван референдумот што треба да се одржа на 23 јуни 2016 година за изјаснување на граѓаните (поданиците на кралицата) за излез или останување во рамките на Европската Унија е создадена од зборовите Britain (Британија) и Exit (излез) при што, барем формално, и двата збора упатуваат на погрешен семантички заклучок.
Прво, дека се работи за Велика Британија, а не за Обединетото Кралство, и второ, дека референдумот ја обврзува Владата за излез од Европската Унија. Такво нешто во Обединетото Кралство има право да го направи само Парламентот, поаѓајќи од системот на парламентарен суверенитет на кој почива државата. Овие формалности, иако неважни во политичка смисла, имаат интересна симболика и претставуваат одлична можност да се оформи сликата за моментално најгорливата политичка тема во Европа.
Да тргнеме од тоа кој е кој и што е што во Обединетото Кралство. Веројатно за островската земја најчест термин што во секојдневниот говор се употребува е Англија (England). Англија всушност претставува само дел од големиот остров Британија каде што се наоѓа уште и Шкотска, а двете земји на почетокот на 18 век ја формираат заедничката држава Велика Британија. Притоа, за да бидат работите уште малку посложени, Англија со себе го носи и Велс кој од крајот на 13 век е дел од Англија, но, во моментов, претставува делумно автономна држава во рамките на Обединетото Кралство и која, на пример, има своја фудбалска репрезентација. Како и да е, целата Велика Британија (Англија, Шкотска и Велс) на почетокот на 19 век заедно со Ирска ја формираат новата држава наречена Обединетото Кралство на Велика Британија и Ирска. Подоцна и тоа се менува, па во 1922 година, по одделувањето на јужниот дел од Ирска и нејзиното осамостојување, Обединетото Кралство се преименува во Обединето Кралство на Велика Британија и Северна Ирска. Ова и ден-денеска е формалното (долго) име кое скратено се именува само со Обединетото Кралство. Во 1973 година целата оваа гломазна, сложена, но унитарна држава пристапува кон тогашната Европската економска заедница (денес ЕУ) и тоа, поради претходно спомнатиот парламентарен суверенитет, без референдум.
РЕФЕРЕНДУМ – ПРВПАТ Тогашната опозициска Лабуристичка партија, предводена од Харолд Вилсон, на парламентарните избори во 1974 година (февруари и октомври) настапува со Манифест во кој се обврзува да организира референдумско изјаснување за тоа дали Обединетото Кралство треба да остане во „Заедничкиот пазар“, како што тогаш ја нарекуваат Европската Унија, или не. На дополнителните избори во октомври лабуристите го освојуваат мнозинството во Парламентот и во 1975 година Обединетото Кралство за првпат во својата историја спроведува национален референдум на кој граѓаните се консултираат за некое прашање. Вилсон и самиот станува дел од кампањата за останување на Кралството во ЕЕЗ и, иако Уставот не го обврзува на тоа (референдумите во Обединетото Кралство се практично консултативни), Харолд Вилсон политички се обврзува дека ќе го почитува и ќе го спроведе резултатот од референдумот. Граѓаните масовно, со резултат 67 отсто наспроти 33 отсто од излезените 65 отсто, го одобруваат останувањето во ЕЕЗ и со тоа завршува првиот политички обид за излез на Обединетото Кралство од Европската Унија. Она што останува е дека политичкиот флерт на лабуристите со членството во ЕЕЗ и референдумското изјаснување како нова форма за освојување политичка наклонетост на Британците им носи значајна политичка предност, а успехот на опцијата за останување на референдумот, и покрај поделената Лабуристичка партија по ова прашање, најмногу се потпира на поддршката за останување во ЕЕЗ која ја дава лидерката на тогашната опозициска Конзервативна партија Маргарет Тачер.
ДОАЃАЊЕТО НА БЛЕР Кризата на левицата од осумдесеттите години на минатиот век започнува со поразот на лабуристите на изборите во 1979 година и со доаѓањето на власт на конзервативката Маргарет Тачер. Токму така, Тачер е истата онаа која со својот политички опозициски габарит го „спаси“ успехот на референдумот четири години претходно, а кој послужи за политички флерт на поделената Лабуристичка партија со граѓаните.
Една година по поразот, лабуристите го носат Мајкл Фут на чело на партијата со што и официјално политичката доктрина на лабуристите од левиот центар се поместува радикално лево. Ова е уште повеќе интересно ако се има предвид дека слично вакво поместување имаше изминатава година кога Џереми Корбин ја прегази доктрината „Њу лејбор“ предводена од Гордон Браун, Тони Блер, Ед Милибанд и останатите политички ѕвезди, и ги смести лабуристите повторно во прегратките на радикалната левица. Мајкл Фут тогаш, за разлика од Корбин денеска, соочен со недостаток од автентична доктрина која би создала дополнителна политичка гравитација за Лабуристичката партија, целосно ја радикализира платформата на партијата, што пак предизвикува отцепување на умереното крило и формирање на Социјалдемократската партија.
На изборите во 1983 година, Фут се обидува со веќе испробаниот флерт по прашањето на членство во ЕЕЗ да оствари политички пробив. Лабуристите повторно носат Манифест со кој се обврзуваат по евентуалната победа на изборите да го повлечат членството во ЕЕЗ, но овојпат на изборите лабуристите се прегазени од ториевците, а коалицијата меѓу новата Социјалдемократска партија (онаа која се отцепува од Лабуристичката партија) и либералите успева да придобие половина од опозициските гласови. Со тоа лабуристите, преку промоција на крајно левичарската доктрина меѓу која и опцијата за излез на земјата од ЕУ, го доживуваат најголемиот пораз дотогаш.
Мајкл Фут веднаш ја напушта лидерската позиција во партијата, а лабуристите, иако прават ревизија на овие политики, сѐ уште калкулираат и флертуваат со позициите на радикалната левица. Ова нивно шаренило подоцна е идентификувано како идеолошка криза на левицата која неколку мандати ги спречува да ги симнат ториевците од власт. Кризата завршува со доаѓањето на Тони Блер на чело на Лабуристичката партија во 1994 година кога се случува големото поместување на левицата повторно кон центарот на политичкиот спектар. Од тој момент лабуристите целосно раскрстуваат со политиката на евроскептицизам и прераснуваат во најголемата проевропска партија во земјата, која од 1997 година, па сѐ до 2010 година ќе ја водат државата токму на крилјата на политиката на интеграција и на прагматизам.
(продолжува)