На националните избори евроскептичната УКИП, која сѐ повеќе доминира на изборите за Европскиот парламент, во ниеден од изборните турнуси не успева да обезбеди пратеник во националниот парламент. Со тоа Британците релативно прецизно го исцртуваат нивниот политички апетит
ВАЛЕРИЈА БЕБЕК
Во меѓувреме, во 1993 година, Европската економска заедница го усвојува договорот од Мастрихт при што заедницата се преименува во Европска Унија и суштински од економска заедница прераснува во политичка унија. Овој „апгрејт“ на заедницата отвора ново поглавје на евроскептицизам на островот (и во континентална Европа, но тоа е поширока тема) чии корени можат да се препознаат и во денешната парадигма за излез од Европската Унија.
Идејата е дека суштинските промените на Европската Унија, со договорот од Мастрихт, го прават референдумот за останување од 1975 година недоволен и дека, по прераснувањето на ЕЕЗ во ЕУ, потребно е повторно да се прашаат граѓаните на нов референдум дали се согласни за учество во „новата“ Унија. Така во 1994 година се формира таканаречената Референдумска партија која инсистира на референдум, како и УКИП „UKIP“ (United Kingdom Independence Party) која директно се залага за напуштање на Европската Унија и „враќање на независноста на Кралството“. На изборите во 1997 година Референдумската партија, на платформата за организирање референдум за преиспитување на одлуката за останување во ЕУ, доживува катастрофален пораз и се распаѓа. Но оваа премиса останува да виси во политичкиот дискурс и овогодинешниот референдум претставува резултат токму на таа политичка емоција.
УКИП, од друга страна, останува да постои и во моментов претставува значаен политички фактор во Обединетото Кралство и најсилна политичка опција која го застапува евроскептицизмот. Нејзиниот успех го следи евроскептичното расположение на островот, па така на европските избори во Британија, во 2004 година, УКИП освојува 16,1 отсто од гласовите и обезбедува значајни 12 места во Европскиот парламент. Со тоа тие се позиционираат како најсилна трета партија во Британија, натфрлајќи го резултатот на Алијансата на либаралите и демократите. Подоцна, на европските избори во 2009 година, УКИП станува втора партија по големина во Европскиот парламент која доаѓа од Обединетото Кралство, за пред неполни 2 години, во 2014 година, да стане прва. Интересно, во овој период со Британија практично суверено владее лабуристичката двојка Тони Блер – Гордон Браун, кои на крилјата на прогресивната и прагматична доктрина го изградија брендот „Њу лејбор“.
Почнувајќи од првите национални избори кои ги добиваат во 1997 година, па сѐ до изборите во 2010 година кои ги губат, Лабуристичката партија во три наврати обезбедува стабилно мнозинство во националниот Парламент. За да биде куриозитетот поголем, на националните избори УКИП, која сѐ повеќе доминира на изборите за Европскиот парламент, во ниеден од овие турнуси не успева да обезбеди пратеник во националниот парламент. Со тоа Британците релативно прецизно го исцртуваат нивниот политички апетит, давајќи ја предноста за водење на државата на прогресивната и на прагматична политика на „Њу лејбор“, но во исто време испорачувајќи ја казната за, според нив, пребрзата евроинтеграција на изборите за Европскиот парламент. Таму најпрво доминираат конзервативците за на крајот победата да ја однесат евроскептичните аутсајдери од УКИП.
Во овој период се исцртуваат линиите на евроскептицизмот со кои денешната владејачка Конзервативна партија флертува со гласачката јавност.
Со поразот на Џон Мејџор на националните избори во 1997 година завршуваат ѕвездените мигови, речиси две декади на владеење на ториевците, што беше лансирано од страна на Маргарет Тачер уште во раните осумдесетти. По овој пораз севкупната десница во Британија изгледа како раштиман оркестар, па ториевците, чувајќи ја конзервативната доктрина, го оставаат просторот на десен популизам да биде пополнет од новите ултрадесничарски експерименти како што е УКИП. Серијата неуспеси на ториевците започнува со Вилијам Хаг кој доаѓа на местото на Џон Мејџор, продолжува со Јан Данкан Смит за потоа на чело на партијата да дојде Мајкл Хауард во 2003 година. Кризата трае сѐ до изборот на Дејвид Камерун во 2005 година за лидер на Конзервативната партија. Во следните пет години Дејвид Камерун внимателно успева да ги собере остатоците од заморот и заситеноста на електоратот од „Њу лејбор“, а и со благ флерт кон народниот популизам да се наметне како лидер на десничарската јавност.
Поради сериозниот пад на лабуристите и заморот од „Њу лејбор“, на националните избори во 2010 година Камерун успева да обезбеди тесна победа и, со преговарачки маневар, да ги оттргне коалициските партнери на лабуристите, либералдемократите и со нив да оформи малцинска влада. Жонглирајќи со тесното мнозинство, Камерун стигнува до изборите во 2015 година за кои релевантните анкети предвидуваат тесна трка меѓу конзервативците и лабуристите предводени од Ед Милибанд. Слично како лабуристот Харолд Вилсон во 1974 година (на почетокот на текстов), Камерун на изборите настапува со обврзувачки Манифест за редефинирање на односите меѓу Британија и Европската Унија и, секако, спроведување втор референдум за останување или за напуштање на Унијата. Овој популистички флерт повторно се покажува за добитен и Камерун успева да обезбеди стабилно мнозинство во Парламентот, исфрлајќи ги и сите радикални експерименти на десницата од игра со што конзервативците на голема врата се наметнуваат како единствена релевантна десница во Британија. Подоцна, повторно исто како Харолд Вилсон, тој го закажува референдумот со што ја исполнува својата обврска, но, повторно самиот тој, иако е иницијатор на референдумот, застанува на страната на кампањата за останување на Обединетото Кралство во рамките на Европската Унија. Слично како и за првиот референдум, партијата делумно се дели по ова прашање со што внимателно се одземаат адутите на ултрадесничарските популистички партии, а сепак се задржува конзервативната матрица на партијата.
(завршува во следниот број)