ИВИЦА ЧЕЛИКОВИЌ
Политичките лидери, медиумите и пошироката јавност би биле веројатно поподготвени да ги разберат преземањето политичка одговорност и оставките, доколку тоа би се случувало низ извесна помирувачка перспектива
Се чини дека вреди да се размисли околу тоа, имајќи предвид дека оставките и промената на власта на мнго места, како во случајот со Македонија, се одвива во заострен конфликтен амбиент на политичка непомирливост, проследена со реваншизам, натамошно продлабочување на омразата и поделбите, „чистење“ на административните ешалони за да се внесат сопственби партиски членови и полтрони, заканувања со затвори поради „глупостите, криминалот, непотизмот и мафијашкото злосторничко здружување на претходната власт“.
И тоа во услови кога победникот на изборите по долги натегања и коалициски пазарња го презема владеењето, но во добар дел и контролата врз трите столба на поделбата на власта во системот. Интересно е дека сепак и понатаму не е мал бројот на поединци кои се борат „лавовски“ за врвни позиции во партиите, за да добијат шанса да решаваат за иднината и развојот на државата, но и за судбината на поразените полтички конкуренти. Македонското политичко милје изобилува со фигури кои со години дефилираат во парламентот и во медиумите, сплеткарејќи во улога на партиски војници од доверба, чие основно гесло гласи – „освојувањето на власта ги оправдува сите средства“, – без притоа да чувствуваат некаква одговорност да објаснат на каков начин тие самите се залагаат за стимулирање на општетствениот развој и демократијата.
Македонија секако не е осамен случај во регионот во кој политиката функционира со низа сличности. Добар пример во овој контекст е и поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас, кој најпрвин имаше кус мандат, во услови на тешка финансиска криза во земјата, а причините за својата оставка, меѓу другото, ги објасни тврдејќи дека неговата влада не може да ја преземе одговорноста за тоа што претходната влада го направила, вклучувајќи го и енормното задолжување на земјата. „Тоа не го направивме ние“, рече тогаш Ципрас. Така заврши брзата политичка оставка на Ципрас, кој набрзо потоа повторно стана премиер. Но во исто време останува отворено прашањето како да се обезбеди долгорочен пристап во преземањето на одговорноста за развојот на земјата, доколку промената на власта се сведе на меѓусебни обвинувања на направените пропусти и недоследности.
Секоја земја има свои кризи и проблеми со кои треба да се справи политички. Во западните земји политичките оставки не се реткост, на пример, при изборен пораз, иако некои премиери или министри повторно успеваат да се вратат на власт. Шведскиот премиер Стефан Ловен, кој летово веќе беше соочен со гласње на недоверба во парламентот и изнудена оставка, потоа повторно беше назначен за премиер. Но неодамна Ловен поднесе оставка, за да му остави доволно време пред изборите што треба да се одржат идната година на новиот лидер на неговата социјалдемократска партија, кој наскоро треба да биде избран. Ваквите и слични рокади поттикнуваат дебата токму во врска со прашањето за проблемот поврзан со високопозиционираните политичари и одност кон одговорноста и долгорочните заложби во политиката.
Но да се преземе одговорност за направените пропусти и грешки поврзани со сопствената политичка улога, – дури и кога грешките можеби не се директно поврзано со личноста и намерите на политичарот, – се смета за мошне поголем чин, подлабок и подостоинствен, отколку што вообичаено се толкува од позиција на дневно-политичките обвинувања и користење на покажаните слабости како аргумент да се бараат оставки.
Во крајна линија, свесното преземање на политичка одговорност секогаш се случува во специјални околности, и тоа најмногу со цел да се воспостави и зацврсти темелната поставеност и непречено функционирање на демократските принципи. Затоа, теоретски гледано, изборите всушност се сметаат како вистинска можност да се бара одговорност, при што граѓаните можат со своите гласови да покажат со кого се незадоволни.
Но тоа што теоријата делумно го занемарува е фактот дека политичарите заминуваат, но остануваат долгорочни последици од начинот на нивното владеење, што подразбира дека во таа смисла е значајно потешко да се изнајдат форми за барање на одговорност. Едно е тоа што може да биде сфатено и протолкувано како преземање на одговорноста врз себе, а сосема друго е тоа што се наметнува како пренесување на одговорноста, а како резултат на сопствената политика и последиците од неа, врз некој друг.
Ниедна македонска партија во изминатите децении не се прослави со моралните аспекти на преземање одговорност за резултатите од сопствената политика за која ја добиле доверба од избирачите. ВМРО-ДПМНЕ, обидувајќи се да го исползува мигот и пред јавноста да се претстави како некаков возобновен морален компас во општеството, со невидена упорност бара оставка од министрите од редовите на СДСМ, без да манифестира на посериозен начин подготвеност да се соочи со сопствените министерски „дострели“ и игнорирање на барањата за нивни оставки во периодот на претходното десетгодишно владеење.
Во македонската политичка старност оставките се најмалку брзи, па дури не се ни спори, кога најпосле ќе се случат. Секогаш се инудени под силен притисок, и без оглед на идеолошките разлики, кои најчесто се користат како параван за замаглување на критиката со која се бара преземање на политичка одговорност. Но без оглед дали се брзи или спори, тие се всушност неопходни за да се воспостави доверба во демократскиот систем и неговото значење за оние кои како клучна цел на демократските избори ја гледаат во удобното сместување во фотелјите во владиниот кабинет.