Могерини: Северна Македонија го заврши својот дел од работата и сега е ред на ЕУ. „Европската унија треба да ги исполни ветувањата дадени кон земјите од Западен Балкан“ – вели државниот министер за Европа во германското Министерство за надворешни работи, Михаел Рот

Северна Македонија и Албанија ја искористија можноста и испорачаа реформи, го завршија својот дел од работата и сега е ред на ЕУ да го исполни својот, изјави високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Федерика Могерини на заедничката прес-конферениција со еврокомесарот Јоханес Хан на која го презентираа пакетот за проширување на ЕУ.
Посочи дека извештајот сведочи за повеќе постигнувања и успеси, кои се импресивни особено за Северна Македонија и Албанија.
– Северна Македонија и Албанија ја искористија можноста и испорачаа реформи. Историскиот Договор од Преспа, со кој се става крај на проблемот со името со Грција и зајакнувањето на добрососедските односи со Бугарија е нешто што сите го вреднуваме и препознаваме и признаваме како историска промена не само за земјата, туку и за целиот регион – истакна Могерини.
Врз основа на строги и фер преоценки, продолжи Могерини, годинава по вторпат Комисијата препорачува отворање на преговорите со Северна Македонија и Албанија.
– Ова е препорака врз основа на цврстa оценка како што ќе видите од извешатите. Северна Македонија и Албанија го завршија својот дел од работата и сега е ред на ЕУ да го исполни својот дел, истакна Могерини.

Уште еден висок функционер на Унијата, се задржа на оваа тема деновиве. „Европската унија треба да ги исполни ветувањата дадени кон земјите од Западен Балкан“ – вели државниот министер за Европа во германското Министерство за надворешни работи, Михаел Рот, во врска со неодамнешната оценка на Европската комисија истакна дека Северна Македонија и Албанија ги исполнија условите за почеток на преговорите за членство во Унијата.
– Во Северна Македонија и Албанија беше направен видлив напредок. Сега е ред на ЕУ да испорача. Ние треба да си стоиме на зборот и треба да ги исполниме нашите ветувања – пишува Рот во колумна за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. Наспроти ваквиот став на Рот, германскиот весник потсетува на изјавата на пратеникот од владејачката ЦДУ Гунтер Крихбаум дека одлуката за почеток на преговорите тешко ќе биде донесена пред октомври, бидејќи препораката мора да помине во германскиот Бундестаг и парламентите на 28 земји членки на ЕУ, а за тоа, како што вели, потребно е време.
Европратеникот од германската ЦДУ, Елмар Брок, пак, за МИА вчера изјави дека преговорите за членство во ЕУ со Северна Македонија треба да почнат без одложување. Брок, сепак, призна дека конечната одлука која треба да ја донесат земјите членки на Унијата би можела да биде одложена за некој месец.
– Владите имаат други работи поради ситуацијата во која се наоѓа ЕУ, не можам да кажам точно дали ќе биде јуни или септември, но треба да започнеме преговори со Северна Македонија позитивно сега кога спорот за името е решено, изјави Брок.
Европската комисија, како што е познато, даде безусловна препорака за почнување на преговорите со Скопје и Тирана. Еврокомесарот Јоханес Хан и високата претставничка Федерика Могерини кажаа дека двете земји го исполниле својот дел од работата и оти сега на ред е ЕУ.
Се очекува конечната одлука за стартот на преговорите да се знае по состанокот на Советот на ЕУ на 18 јуни во Луксембург.
