Меѓу другото ова вето предизвика и сомнеж кај народот во кредибилитетот на ЕУ и нејзината посветеност кон проширување
Kога станува збор за влезот во ЕУ ние сме многу разочарани што Бугарија одлучи да го блокира почетокот на преговорите. Во повеќе наврати го кажавме тоа. Сепак, го гледаме како позитивен знак тоа што Северна Македонија и Бугарија продолжуваат да расправаат за билатералните прашања да се стават надвор од процесот со цел напредок во тој поглед. Ние и понатаму ќе се залагаме и ќе даваме поддршка во насока тие прашања да останат настрана од процесот на пристапни преговори, бидејќи, тоа ќе овозможи напредок, вели американската амбасадорка, Кејт Брнз.
Во гостувањето на „Само интервју“, Брнз истакна дека решението на билатералните прашања ќе се постигне со билатерален дијалог.
– Мора на тој начин. И понатаму ќе се залагаме, ќе се бориме и ќе ја поддржуваме Северна Македонија да ги почне преговорите за ЕУ, ќе продолжиме да ја застапуваме билатералните прашања да бидат надвор од преговорите – рече амбасадорката.
Таа оцени дека бугарското вето нанесува штета на повеќе нивоа, меѓу другото,.
– Мислам дека тоа ја отвори вратата за дезинформации. Затоа е важно тоа да не се дозволи. Поважно е да се има на ум дека што и да се случи, најважните односи за земјава се со ЕУ и НАТО и ништо нема да ги замени – посочи Брнз.
САД, додаде, но и Бугарија, долго време се залагаа за интеграција на Западниот Балкан и во НАТО и во ЕУ.
– Сметаме дека сите сме членови на семејството на НАТО и во заемен интерес ни е напредокот во процесот за влез во ЕУ. Ние изразивме надеж дека процесот за влез во ЕУ ќе продолжи што е можно побргу и сите билатерални спорови треба да се разрешуваат надвор од процесот на пристапни преговори – нагласи Брнз.
Одговорајќи на прашања за повеќе актуелни теми, амбасадорката потенцира дека има потполна доверба во Влада дека ќе успее да постигне прифатлив договор со Бугарија, како и дека ќе успее да ги спроведе реформите во земјата.
Во однос на опозицијата, нагласи дека треба да биде конструктивна, колку и ставовите да и се спротивни од оние на владејачкото мнозинство, а институциите мора да се почитуваат.
Брнз се осврна и на Преспанскиот договор, истакнувајќи дека беше тежок компромис. Сепак, како што додаде, ефектите се евидентни особено преку зголемената соработка меѓу двете земји на секое поле.
– Тоа беше тежок компромис, знам дека тешко е да се прифати тука и не сакам тоа на ниеден начин да се омаловажи, но ние сметаме дека е важно да се фокусираме на резултатот што се постигна со Договорот. Пред се, разрешувањето на спорот со името и ги отвори вратите на Северна Македонија за влез во НАТО и сега се трасира патот за идните преговори за влез во ЕУ. Исто така е важно да се напомене, не се обрнува многу внимание на тоа што е зголемена соработката меѓу вашата земја со Грција, како резултат на тој Договор. Постои голема соработка во повеќе области, од енергетиката, трговијата, до економскиот развој, што долгорочно е во полза на земјата – рече Брнз во „Само интервју“.
– Мило ми беше што Законот за попис на населението помина на Собрание и тоа се случи со поддршка на некои од членовите на опозицијата. Тоа има критична функција. Како што знаете, во вашата земја не е извршен попис цели 20 години. Недостигот на точни податоци на населението правењето јавни политики го чини многу тешко. Од наша гледна точка важно е да се изврши попис и да се оди понатаму, како статистичка практика, а не политичка, но креаторите на политики располагаат со такви алатки, истакна амбасадорката во „Само вистина” на Канал 5.
Според неа, изборите се гласот на граѓаните и нивниот суд, но не се единственото решение за сите проблеми.
– Мислам дека треба да се потсетиме дека политичката стабилност произлегува од добра влада, а изборите се клучниот дел. Тие го изразуваат гласот на гласачите и нивниот суд, но не се единствениот елемент и не се решение за сите проблеми. За тоа се потребни силни институции, политички актери што ги почитуваат институциите, политички бирократии со кои управуваат институциите, како и слободно и независно судство што спроведува правда. Сите овие елементи заедно придонесуваат за силна и стабилна демократија, а така напредува општеството, истакна Брнз.
На прашањето за постигнувањето консензус меѓу власта и опозицијата околу клучните прашања и колку е тоа реално можно, Брнз одговори дека тоа е важна цел, но не е секогаш возможно.
– Во една демократија сакаме да постигнеме колку што е можно поголем консензус, особено за најкритичните прашања. Тоа е важна цел, но не е секогаш возможно. Не може сите политики да ви бидат одобрени од секој политичар, а камоли од секој гласач. Политиките треба да не водат напред. Многу е важна улогата на конструктивна опозиција во една демократија. Од витално значење е тие да застапуваат различни политички ставови, но дури и кога има длабоки идеолошки спорови, мора да постои почит кон институциите, поединците, но и почит кон електоратот. Потребен ви е простор каде може да се изјаснат различни ставови, но да не се користат за опструкции. Да се создаде простор каде можете да имате добра, конструктивна, политичка дебата, претставувањето на политичките ставови е важно, но не смеете да дозволите институциите да не се почитуваат, а и гласовите на електоратот. Тоа е апсолутно критично, особено за најтешките прашања со кои земјава се соочува денес. Треба да се трудиме тоа да се надмине, порача амбасадорката.