Според министерката Захариева Бугарија нема да поставува нови услови за европската асоцијација на Македонија. Борисов не сака да има враќања назад на Полуостровот
Бугарија нема да поставува нови услови за Македонија на стартот во преговорите со ЕУ, но сака да се решат историските спорови. На самитот за Западен Балкан во Познањ, министерката за надворешни работи Екатерина Захариева, на прашањето зошто таа и премиерот Борисов се вмешаа во преговорите за историските личности што треба да ги водат историчарите на двете земји, таа рече дека тоа се должи на лошото искуство од минатото кога политичарите се поигрувале со историјата.
Но, кога политичарите од минатото, од блиското и од далечното, ја злоупотребуваат и си поигруваат со историската вистина, се доаѓа до таму што две најблиски држави немаат политички контакти, ниту некаква поврзаност, ниту нешто што сакавме да го видиме ние. Не сме поставиле никакви нови услови. Многу пати сум кажала дека жалам што сега не ги почнавме преговорите. И всушност добососедските услови се содржани во вашиот дел за асоцирање во ЕУ. Така што Бугарија не поставува нови услови, ние само поставуваме услов за добрососедство, нешто што секогаш го барала, рече Захариева.
Таа потврди дека Бугарија е една од земјите која се залага Македонија да добие датум за преговори во октомври. Потоа не се знае дали на агендата на новата Европска Комисија проширувањето на Унијата може да падне на дното. Еврокомесарот Хан оптимистички вели дека има уште 4 месеци до тогаш Македонија и Албанија да успеат да добијат датум за преговори. Во спротивно тоа е ризик за целиот регион.
Шефот на македонската диплломатија Никола Димитров потенцира дека Берлинскиот процес во никој случај не смее да стане замена за европската перспектива н Западен Балкан.
„Македонија е во фокусот на самитот во рамки. Како признание се смета што заедно со Бугарија следните 12 месеци ќе претседава со Берлинскиот процес. Но главната порака од самитот се очекува утре во Познан од германската канцеларка Ангела Меркел и за Македонија и за сите земји од Западен Балкан“.
Од овој самит во Познањ се очекува и нова европска помош за инфраструктурата на Балканот. Македонија ќе добие околу 40 милиони евра за три проекти со соседите, поврзување со гасоводот ТАП во Грција, за патот кон Блаце и за железничиот премин кај Табановце.
Бугарскиот премиер Бојко Борисов исто така на Самитот на земјите од регионот во полскиот град Познањ порача дека европската перспектива на Западен Балкан нема алтернатива. Според него, таа е гаранција за безбедностa, стабилностa, економскиот и социјалниот развој на регионот.
„За нас е важно Западниот Балкан никогаш повеќе да не се врати во состојба на конфликти, непријателства и национализам како што беше во деведесеттите години од 20-иот век“, посочи Борисов.
Борисов нагласи дека проширувањето на ЕУ со шесте земји од Западен Балкан останува еден од клучните надворешно-политички приоритети на Бугарија. Тој порача и дека државите од регионот треба да вложат максимални напори за развој на добрососедските односи, а како добар пример за тоа го посочи Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Северна Македонија.