ВЕСЕЛИН СТОЈНЕВ
Сè додека претседателите и премиерите на Софија и Скопје не трчаат по истиот колосек, шансата за „победа на двете страни“ се намалува и се приближува опасноста „двете да загубат“
Претседателот Румен Радев пред целиот клас го повлече за уво премиерот Кирил Петков со забелешка дека неговата посета на Скопје била избрзана. Го прекори и колегата Стево Пендаровски, кој се сретна со нерегистрираната, кај нас, „ОМО Илинден“.
Не, ова не е излив на нескротлив генералски гнев. Уште една недела пред посетата на Скопје, Радев и Петков ги засукаа ракавите за дуел на Советодавниот совет за национална безбедност. Претседателот преовлада и во 7 точки по состанокот доминираше неговата позиција.
Но, одличниот ученик со зацрвенето уво бргу се оттргна од довчерашниот ментор – неговата посета на Скопје всушност била задоцнета. Иако неговото министерство за надворешни работи, кое всушност го води советничката на претседателот Теодора Генчовска, веќе грмна со декларација против заговорот на Пендаровски со Омоилинденци.
А Пендаровски се потресе, па реши да се кара со кого сака и рече дека е против Бугарите да бидат внесени во уставот на неговата држава како малцинство, како што сака Радев. Самиот Петков не му се спротивстави директно на Пендаровски како Генчовска, иако беше експлицитно прашан дали е сеуште оптимист по настапот на претседателот. Тој само жали што сѐ уште има многу сили кои го попречуваат зближувањето меѓу двете земји.
Полифонијата во кабинетот на Петков продолжи и во следниот стих. Поради џагорот на македонскиот шеф на државата, вицепремиерката Корнелија Нинова, која долго време е во затегнати односи со Радев, се симна од коњот за Скопје, каде што требаше да ја предводи бугарската чета на првиот состанок на заедничката работна група за економија, трговија и иновации. Делегацијата беше предводена од бајрактарот на Кирил Петков, министерот за иновации Даниел Лорер.
Отаде Вардар одговорија со уште еден чекор на зближување, номинирајќи човек за веќе две години испразнетото амбасадорско место во Софија. Притоа, кандидат со полни дисаѓи – шефицата на мисијата на Скопје во ЕУ, Агнеса Руси.
Како фалсето на сета балканска какофонија на непријателство и добра волја, од Скопје дојде и откритието дека Красимир Каракачанов бил агент на локалната државна безбедност кон крајот на 1980-тите. И тоа баш на денот кога вечниот прв војвода објави оставка и остави триумвират на чело на ВМРО. А зевзеците почнаа да се расправаат дали балканскиот Штирлиц бил наш или нивен двоен агент. Најпроникливите сфатија дека Македонците ни ги крадат и агентите.
Поделени „одговорности“
Се чини дека односите меѓу Бугарија и Северна Македонија ќе се движат на два колосека, со различни брзини. Владите ќе бидат одговорни за соработка, а претседателите ќе бидат одговорни за идентитетот. Владините задачи се конкретни форми на зближување во економијата и европската интеграција, а претседателите ќе ја чуваат историјата и правата на граѓаните на самоопределување.
Кирил Петков е во право дека надворешната политика на Бугарија и Северна Македонија зависи од двете влади и дека тоа е добро. Но, доброто е далеку од вистина – и не се работи баш за политиката на секој од нив кон својот сосед. Кабинетот на Ковачевски се потпира на многу кревко парламентарно мнозинство. А Кабинетот на Петков има силна поддршка за политиката кон Скопје само од „Продолжуваме промената“, која се уште не е ни партија, и од „Демократска Бугарија“.
Претседателите се постабилни – Пендаровски е на средина од првиот мандат, Радев на почетокот на вториот. Имаат малку што да изгубат, а многу да спечалат. И залагајќи се за идентитетот, многу лесно можат да мобилизираат политичката енергија зад себе. Дури и да ги посрамотат нивните кревки влади.
Радев веќе ја предупреди владејачката партија дека тргнала по патот на ГЕРБ со смената на првиот човек на „Булгаргаз”, Николај Павлов. Во следните слични пресметки со кабинетот, тој нема да мора да е секогаш во право, бидејќи по-експертските теми се двосмислени за публиката. Но, за Северна Македонија, каде што „секому му е сѐ јасно“, тој ја држи козата на мнозинството, што му дава сила во другите судири со кабинетот. И доколку судирот меѓу претседателот и владата околу „Булгаргаз“ ескалира, како што предвидува опозицијата, „попуштањето кон Скопје“ нема да биде само почеток на детронизацијата, туку може да послужи и како детонатор за мобилизација на улиците на многу повеќе луѓе против „предавниците“, отколку против зелениот сертификат.
Политиката на Бугарија кон Северна Македонија се повеќе станува прашање на внатрешна политичка стабилност. Двете страни сѐ повеќе стануваат сврзани садови со изгледи за истовремено кршење. Играта „еден победува, друг губи“ станува сè поневозможна. Сè додека претседателите и премиерите на Софија и Скопје не трчаат по истиот колосек, шансата за „победа на двете страни“ се намалува и се приближува опасноста „двете да загубат“.
(Авторот е коментатор на бугарскиот Дојче Веле)