НИКИЦА КОРУБИН
Иако само навидум, дискутираме за историски дилеми, ние всушност се судираме на два фронта, едниот спрема бугарските предупредувања, а другиот спрема нас самите и изворот на нашето „антибугарство”. Токму тука, можеби лежи шансата, конечно да ја преиспитаме нашата позиција, а согласно на тоа и понова историја, кон сите соседи подеднакво
Антибугарската кампања која забрзано се шири, сериозно потпомогната и од нивниот (и)рационален страв, во односот на историјата на 20-от век, пресликана во моменталниот политички контекст; не враќа на старите патеки на „изворното” антибугарство и нивна стигматизација по многу основи. Па, иако само навидум, дискутираме за историски дилеми, ние всушност се судираме на два фронта, едниот спрема бугарските предупредувања, а другиот спрема нас самите и изворот на нашето „антибугарство”. Токму тука, можеби лежи шансата, конечно да ја преиспитаме нашата позиција, а согласно на тоа и понова историја, кон сите соседи подеднакво.
Затоа што во 30 години независност, се соочивме, повеќе или помалку успешно, на емотивен, историски или квази историски начин, барајќи ги сите мани и точки на разделување, а многу помалку на спојување, со сите наши соседи, Грција, Бугарија, Албанија, Косово; освен со еден: Србија. Тука, ниту бара(в)ме мани, ниту пројавивме некаков антагонизам, иако нивниот третман кон нашата историја и идентитет е подеднакво, ако не и уште повеќе подмолен и прикриен, во однос на сите други. Ама, реакција нема. Ниту чувство на загрозеност. Дали, овој спор со Бугарија, всушност не доведе директно до последното соочување, кое е основа на сите: србофилскиот (србоманскиот) карактер на јавноста. Од ова соочување и конечно градење на изворна македонска позиција, разбрана како самостојна, а не произлезена држава; ќе зависи и моменталното разбирање на ситуацијата и долгорочното ослободување и модернизирање на Северна Македонија.
Неразбирањето, најпрво на Договорот со Бугарија, а потоа и на Преспанскиот договор е во однос на нашата реална политичка позиција во светот, а не имагинарната позиција која има важност само во нашите граници, ментални или реални; болно емотивна и брутална, каква што всушност и била историјата на 19-от и 20-от во овој регион, а посебно за Македонците. Но, драматичната историја на Македонија во 19-от и 20-от век, упорно се употребува и рефлектира на градењето, но и на разградувањето на односите во општеството повеќе од половина век постоење на Македонија, во рамките на поранешната федерација. Слично, како што Југославија, во основа беше вештачка конструкција на различни етнички, културолошки и цивилизациски заедници; на сличен начин и нашата „национална историја” беше или делумно, се уште е конструкт, (впрочем како и секоја национална историја), првично за потребите и релациите во поранешна Југославија. На тоа базично ниво, Бугарија е делумно во право. Но, истовремено заборава дека, сегашната Македонија како држава е произлезена од антифашистичката борба во Втората светска војна, но истовремено е произлезена како „делот” што Србија го освојува во Балканските војни, а потоа како таков (јужносрбијански земји), влегува во кралството СХС. Нашата автономија е резултат на творбата Југославија и никако повеќе. Па, затоа кога се потсеќаме на злосторствата на “бугарскиот фашистички окупатор” за време на Втората светска војна, треба доследно да се потсетиме и на злосторствата, менувањето на структура на население на цели области, посрбувањето на населението и на српскиот окупатор во 20-те и 30-те години на 20-от век; впрочем застрашувачка пракса која го снашло македонското население и во Грција и Бугарија. Но, тоа некако е заборавено. На ист начин како што забораваме дека ние во овие триесет години, целосна политичка самостојност, не успеавме да изградиме наш, автентичен историски поглед или она што го нарекуваме “национална историја” која ќе одговара на нашите изворни интереси, а нема да биде наследена или „диктирана” од интереси на други држави. Deja vu, на сличен начин како што и Албанците ги гледаме низ “српските” очи, така и Бугарите, долго ги гледавме низ истите „српски” или поточно „србофилски” очи; иако таа држава и таа наша ментална зависност одамна е минато.
Но, дали е така? Дали е минато и за одреден политички, научен, интелектуален естаблишмент? Зошто, се уште не сме изградиле современа и професионална историографија, релевантна во светски рамки? Зошто се уште не сме сигурни во сопствениот идентитет, па бараме потврда за него? Зошто државата, оваа што ја имаме, а не онаа замислена што романтичарски ја сонуваме, не се темели на владеење на правото, организиран систем и професионалност? Зошто, не успеваме да бидеме современи Македонци, свесни за своето минато, но и разумни во својата сегашност? Зошто на траумите од минатото не им пристапиме со наука, а не со ирационални емоции кои не враќаат во меѓупросторот на привидно постоење?
Треба конечно да разбереме дека нашата сложена историја, може многу да ни помогне да се издигнеме над себе и да почнеме да ја живееме сегашноста. Но, не по туѓ терк, туку по наша потреба. И со тие, наши очи, реално да ги погледнеме соседите и нивните стравови. За да си покажеме себе си, а и на сите другите, дека одговорот на сите стравови кои ги преживеале многу наши генерации изминатите два века, го имаме веќе 30 години. Самостојна држава. Која единствено што успеваме да направиме е систематски да ја разградиме по сите основи. За потоа да ја оплакуваме нашата тешка историска судбина. А, кога конечно нашата судбина, дојде во наши раце, еднакво брутално се однесуваме кон неа, како кон туѓинец. Чуму “историска вистина” за опустошена држава? Да се погледнеме директно во очи, самите себе, пред да ги бараме виновниците кај сите други? Сакаме ли ние воопшто нормалност, сакаме ли живот? Ако сакаме, да го прифатиме и овој предизвик мудро и одважно, и да одговориме, заеднички, дека сме европска држава, не по желба, туку по суштина. За себе и за сите соседи. Подеднакво за секого и без преференци кон никого. Да покажеме искрена намера за вистинска промена на дискурсот, а не итроманско глумење промена до влезот во ЕУ. Како секоја модерна, цивилизирана држава, која учи од, а не живее во историјата.