Големата „беља“ што ја направија разни „патриоти“, не може да биде поправена со нови „идиотски решенија“, извадени од контекст и национален интерес, вели Минче, бугарски политиколог
Бугарија не е заинтересирана да бара признавање на „бугарско малцинство“ во Северна Македонија, објави на Фејсбук познатиот бугарски политолог Огнен Минчев. Според него врз база на билатералната бугарско-македонска декларација од 1999 година е утврден принципот земјите да имаат обврска да ги почитуваат индивидуалните права на своите граѓани на самоидентификација и слободно изразување на својот идентитет во доброволни здруженија во сферата на граѓанското општество.
Минчев во објавата додава дека бугарската држава признава рамноправни граѓани, а не малцинства и мнозинства.
– Крајно време е во бугарските институции, најмногу во Министерството за надворешни работи, да започнат да раководат компетентни луѓе и да се запре донесувањето парцијални одлуки. Големата „беља“ што ја направија разни „патриоти“, не може да биде поправена со нови „идиотски решенија“, извадени од контекст и национален интерес, вели Минчев.
Овој став на Минчев следува по барањето на бугарскиот технички министер за надворешни работи Светлан Стоев, Бугарите да бидат впишани во Уставот на Македонија заедно со останатите наброени народи во него.
За разлика од Минчев, на иста линија со ставот на министерот Стоев, е претседателот на партијата „Граѓанско-демократска унија“, Петар Колев, кој претходна недела оствари средба и со бугарскиот претседател Румен Радев.
Колев, денеска во интервју за БНТ, порача дека Бугарите, кои живеат во Република Северна Македонија, би можеле да бидат корисни во дијалогот меѓу Софија и Скопје.
Тој додаде дека со нивните конструктивни предлози може да дадат придонес кон решавање на спорот. Еден јасен сигнал би бил ако Република Северна Македонија почне рамноправно да ги третира граѓаните на нејзина територија, која се самоопределуваат како Бугари.
Во Уставот на Република Северна Македонија, додава тој, се набројани народите, кои живеат во земјата, но Бугарите не се присутни во највисокиот правен акт.
„Со оглед на тоа што Бугарите не се дел од него, не може да има судија Бугарин или обвинител Бугарин, ниту некој кој ќе биде ангажиран во армијата, како професионален војник. Тоа е едно од основните нарушувања на човековите права во насока на правото на работа и кариера“ изјави Колев.
Тој се повика на изјавата на премиерот на Северна Македонија Зоран Заев дека човековите права на сите граѓани во земјата се почитуваат.
Според Колев бугарскиот претседател Румен Радев е првиот бугарски државник, кој оценил дека искрено треба да биде слушнато мислењето за односите Софија-Скопје и од Бугарите, кои живеат во земјава.
Тој додаде дека Бугарите во Северна Македонија очекуваат промена на Уставот во земјата, како и на законите, но и демократски попис на населението, во кој ниту еден граѓанин нема да биде подложен на репресии, ако се самоопредели како Бугарин.
Инаку, во последната официјална посета на Софија, премиерот Заев потврди дека прашањето за вбројувањето на Бугарите во Преамбулата на Уставот ќе биде отворено пред членството во Унијата, кога, како што вели Заев, и онака би морало да се вршат уставни измени, додавајќи дека покрај Бугарите, веројатно во текстот на највисокиот правен акт ќе бидат впишани и Хрватите.