Се гледа дека бугарскиот претседател Радев и техничката влада знаат што се случува и би сакале да излезат сега од ступидната позиција која ја изградија Борисов, Захариева и Каракачанов

Од моментот кога официјална Софија почна со идентитетските барања кон Македонија, во земјава како да се повтори истото дежаву со грчкиот спор. Повторно блокада на евроинтеграциите, повторно барања кои Македонија мора да ги исполни и повторно се наметнуваат посебни услови кои не постоеле за другите земји кандидатки за ЕУ.
Навидум иста ситуација но сепак различна, во суштина бугарските барања се многу пошовинистички и понавредливи кон Македонија и Македонците од спорот со Грција. Навраќајќи се на Преспанскиот договор и целата историја која му претходеше, треба да се вратиме прво во 1992 и Лисабонската декларација на Европската унија со која се бараше новонастанатата држава од распаѓањето на Југославија во своето име да не го содржи зборот Македонија. Тоа барања беше одбиено од тогашниот претседател Глигоров, но потегот ја покажува солидарноста и унифицираниот став на унијата за грчкиот став.
Грчките ставови добија уште една потврда со ставањето на сонцето од Вергина за државен симбол на новата држава, што на Атина и даде уште еден силен аргумент дека соседот има иредентистички аспирации кон територијата на Грција. Навлезени во националромантистичките соништа и опиени од идејата за создавање на своја македонска држава по првпат во историјата, македонските елити ја направија истата грешка која ја прават сите новозачнати национални субјекти, посегнаа по митови и легенди во обид да обликуваат коинзистентен национален наратив.
Никој тогаш не прашување зошто тоа сонце од Вергина не е употребувано од македонските револуционери или преродбеници како национален симбол, на никого не му беше важно што територијата на античка Македонија се граничела со територијата на новата држава Македонија и дека всушност северно од Прилеп и Битола никога не стапнала ногата на античките Македонци.
Се измешаа поими за држава и територија, за етнички и регионален идентитет и од таа идеолошка каша попара произлезе грчката блокада која траеше 30 години. Но после менувањето на македонското државно знаме, потпишувањето на времената спогодба со Грција и примањето на Република Македонија во ОН како БЈРМ страстите се смирија и светската јавност почна полека да согледува дека и грчката параноја за “заканата од северот” е пренадуван балон и дека Република Македонија не може да се справи самата со себе, а камоли да преставува закана за моќната Грција, членка на НАТО и ЕУ. Симпатиите на светот полека се вртеа кон Македонија и ја доживеаа кулминацијата со грчкото вето на самитот во Букурешт во 2008 година.
Но тогашниот премиер Груевски повторно ја прави истата грешка од осамостојувањето, почнува со проектот за антиквизација и ја враќа вината за спорот во својот двор. Грчката дипломатија добива (не)очекуван пенал и успешно поентира во спорот со физички докази дека соседот има територијални аспирации кон грчка територија.
Е сега, дали целиот проект е случајно направен треба да се запрашаме со оглед дека после падот на Груевски, токму грчките служби ги прибраа бегалците од УБК Грујевски и Бошковски, но да не бегаме од темата тоа е веќе друга приказна. Американската дипломатија и медијаторот Метју Нимиц успеаа на крајот да ја испеглаат тридецениската каша и да го издејствуваат Преспанскиот договор. Северна Македонија успеа да излезе од спорот без идентитетски проблеми но антиквизацијата на Груевски ја чинеше земјата Ерга омнес.
Бугарскиот спор од друга страна е стар 70 години, и почнат е уште од поранешна Југославија. Бугарските интелектуални и политички елити едноставно не можат да се помират дека нивните источни соседи се сметаат за Македонци а не за Бугари, и дополнително преку бившата југословенска држава тие Македонци успеале да го кодифицираат јазикот и да го признаат преку ОН.
Бугарија не смееше да прави проблем при примањето на Северна Македонија во НАТО бидејќи зад тој проект стоеше силниот американски интерес кој поради истата причина го издејствува и Преспанскиот договор. Но затоа Бугарите се сплотија со други европски интереси и ги артикулираа своите националистички барања преку блокадата на македонскиот европски пат.
За разлика од грчките барања кои добиваа некакво легитимитет преклу грешките кои ги правеше Македонија, бугарските барања се анахрони и неразбирливи за европската и светската јавност. Дури и земјите на кои им одговара блокадата за проширувањето на ЕУ како што е Франција, официјално немаат подршка за бугарските ставови.
Следејќи ги грешките на Скопје во спорот со Грција и Софија направи исто промашување, на веќе потпишаниот сосема солиден договор за добрососедство, Бугарите до Брисел испратија објаснувачки меморандум со кој целосно ги закопаа сите свои аргументи. Во тој меморандум црно на бело се напишани сите бугарски историски заблуди и апсурдни барања, кои ниту еден европеец не може да ги разбере, а камоли оправда. Згора на тоа, Бугарија успеа да направи и формален раздор во ЕУ, бидејќи Чешка и Словачка одбија да застанат зад заклучоците на последниот европски самит.
Бугарија во суштина тврди дека Македонците се одродени Бугари и дека територијата на денешна Северна Македонија е всушност историска Бугарија. На тој начин Бугарија директно посега по територијата на својот сосед што е опасно иредентистичко тврдење, но сега уште поапсурдно кога доаѓа од една НАТО членка до друга. Така доаѓаме до најопасното минско поле по кое газат Бугарите. Мислејќи дека имаат вин-вин ситуација задоволувајќи ги интересите на Макрон и реализирајќи ги сопствените влажни соништа тие влегоа директно спроти американските интереси на балканот.
Американската дипломатија која толку многу се трудеше да го затвори јужното крило на НАТО со членството на Македонија и градење на брана против кинеските и руските интереси сега повторно има дупка во чадорот предизвикана од Бугарија. Се гледа дека бугарскиот претседател Радев и техничката влада знаат што се случува и би сакале да излезат сега од ступидната позиција која ја изградија Борисов, Захариева и Каракачанов.
Тешко му е на Радев сега сам да го превземе товарот на дигањето на бугарската блокада, но од друга страна, тешките одлуки се често е непопуларни а сегашната дилема може да ја дефинира иднината на многу бугарски политички и бизнис елити кои би се спасиле од реперкусиите од Вашингтон. (Слободен печат)