ЈОВИЦА ЈАНКОВИЌ
Борисов и Каракачанов далеку пред сегашните избори влегоа во „кампања за избори“ со тоа што, наместо да вложуваат во својата држава и да си ги оправдаат позициите, тие решиле да ја сменат реториката кон нивниот сосед Македонија потпирајќи се на популистички и шовинистички пароли, изразувајќи територијални претензии кои одат против принципите на меѓународната заедница. Нашите билатерални односи со Бугарија сменија насока од „добрососедство“ кон „Вие не постоите како народ“, што е страшна работа во 21 век, но ништо ново за овој регион
Резултатите на претходните парламентарни избори во Бугарија доведоа до огромна промена во политичката состојба во таа земја. Владеачката партија која подолго од една деценија е на власт ГЕРБ на чело со Бојко Борисов извади „пирова“ победа со околу 25% од гласачите, а тоа значи 75 пратенички места од 240, кој во споредба со претходните изборни резултати се смета како пораз, и најверојатно ќе нема можност да состави нова влада со овој нов собраниски состав.
Делот кој ме инспирира да ја напишам оваа колумна е тоа како оваа политичка партија со нејзината коалиција (Каракачанов) решија да ја водат кампањата на типичен балкански начин. Тие далеку пред сегашните избори влегоа во „кампања за избори“ со тоа што, наместо да вложуваат во својата држава и да си ги оправдаат позициите, тие решиле да ја сменат реториката кон нивниот сосед Македонија потпирајќи се на популистички и шовинистички пароли, изразувајќи територијални претензии кои одат против принципите на меѓународната заедница. Нашите билатерални односи со Бугарија сменија насока од „добрососедство“ кон „Вие не постоите како народ“, што е страшна работа во 21 век, но ништо ново за овој регион.
Интересни појави се популизмот и шовинизмот, многу политички партии насекаде на западот и истокот се служат со вакво моќно оружје со цел доаѓање на власт или пак стекнување на некоја позиција. Секој политичар кој исклучиво бара гласачи со користење на овие техники треба автоматски да биде казнет од страна на граѓаните, наместо да добива поддршка. И тоа на некој начин се оствари на овие избори. Голем број на граѓаните од Бугарија живеат во странство, баш поради тоа што системот кој е во нивната држава не функционира, иако се членка на ЕУ. Секогаш кога се врши анализа, Бугарија се наоѓа на дното во споредба со сите членки на Европската Унија, од корупција до животна средина, низок стандард на живеење и останато. Кога е некој на власт повеќе од десет години (во овој случај Бојко Борисов) и не носи никакви промени, дури и има нови скандали во државата, тогаш тој го претставува тоа статус кво и станува дел од проблемот. Граѓаните на Бугарија го искажаа своето незадоволство преку широки протести против ГЕРБ и Бојко Борисов.
Сега да направиме една брза математика: Кога граѓаните се незадоволни од начинот на функционирање и се посочува лицето Х (во случајот Бојко) како одговорна личност за овој проблем, а во меѓувреме лицето Х нема со ништо извонредно да се покаже во резултати, тогаш што останува како последен начин? Некои диктатори започнуваат војна, но во демократија се прави различно – се игра на карта шовинизам (демек национализам, патриотизам) и се служи со популистички изрази. Со тоа Каракачанов, Захариева и Бојко Борисов започнуваат со нивната „далечна предизборна кампања“ со провокации, напади и територијални претензии кон Македонија. Зошто? Бидејќи е лесно да се добијат политички поени кога лошиот животен стандард во Бугарија го заменуваш со „друг ни е крив, треба да се фокусираме на соседот“. Тој менталитет го има и кај нас, но оваа колумна не е насочена кон тоа. Но и покрај се, ГЕРБ едвај извади победа и секако не успеа да формира влада. Во меѓувреме Каракачанов не го надмина прагот од 4% туку остана на 3.6% (претходно рејтингот му беше 10%). И после цело тоа малтетрирање кон нас, сите навреди упатени и сите кукавички изјави од страна на сите нив, народот побара промена на статус кво.
Оваа лутина кон системот успешно ја искористи Слави Трифонов, пеач и водител на емисија, воедно и лидер на политичкото движење „Има и таков народ“ во Бугарија кој освои 17% од гласовите и се намести како лидер на опозиција, буткајќи ги познатите Бугарски социјалисти како трета опција. Неговата анти-систем реторика комбинирана со своја голема доза на популизам успеа да го привлече тој дел од широката маса да го гласа на овие избори, и со тоа се стекна со 50+ пратенички места, а партијата е формирана во 2020 година.
Иако имаше огромен скептицизам во врска со способностите на Трифонов, неговата порака широко се прифаќа кај младите луѓе (според анкетите) и е важен фактор во формирање на влада, и како што самиот изјави дека нема да формира влада со тие кои се дел од политичката елита, истото го направи и повика на нови избори, надевајќи се дека со нов реформска програма, спротивна на ГЕРБ, повторно ќе добие и на новите избори.
Без разлика на се’ можеме да заклучиме дека популизмот и шовинизмот се достапни насекаде во сите политички партии, и ако некој изгуби (Борисов) тогаш некој ќе добие (Трифонов) од истото. Според мене, сите политички субјекти кои планираат на овој начин да водат држава, никогаш нема да успеат да донесат системски реформи, поради тоа што – тој кој е квалитетен човек, сака промена и е спремен да се бори за истата – нема да се служи со шовинизам, популизам, квази-патриотизам, квази-национализам и останато, и ТОА Е РАЗЛИКАТА ПОМЕЃУ ДРЖАВНИК И ЕДЕН ОБИЧЕН ПОЛИТИЧАР.