Македонија, е полна со луѓе кои зборуваат македонски, а не бугарски, српски или свахилски јазик. Тоа е нивна националност, нивен јазик. И ние се зезаме – ’не, не, тие се Бугари, вештачки се создадени и нивната нација и нивниот јазик, на одреден датум. Затоа сега нема да им дозволиме да влезат во ЕУ‘. Ајде, бе! “ – пишува новинарот Асенов
Под наслов „Да не се правиме големи пред Македонија, запирањето во ЕУ е во интерес на Кремљ и Путин“, бугарскиот портал „Фактор“ објави колумна од Пламен Асенов, новинар со повеќе од 30-годишно искуство.
Во текстот тој пишува за барањата и ставовите кои ги истакнаа претставници на бугарската влада во пресрет на усвојувањето на Преговарачката рамка за Северна Македонија и закажувањето на првата меѓувладина конференција со ЕУ.
Тој пишува за ставови на, како што ги нарекува, екстремните бугарски толкувачи кои земјава би ја нарекле „Бугарска западна Македонија“.
Македонија, пишува Асенов на почетокот, е убава земја полна со луѓе кои се Македонци, без разлика на нивната етничка припадност.
„Исто така, полна е со луѓе кои зборуваат македонски, а не бугарски, српски или свахилски јазик. Тоа е нивна националност, нивен јазик. И ние се зезаме – ’не, не, тие се Бугари, вештачки се создадени и нивната нација и нивниот јазик, на одреден датум. Затоа сега нема да им дозволиме да влезат во ЕУ‘. Ајде, бе! Ако така се создавале нации и јазици, со декрет одозгора …“,
пишува Асенов во колумната.
Тој наведува дека – „да, постои таква одлука (декрет), која во тоа време очигледно им била во интерес на Кремељ и на императорот Сталин”.
„Сепак, приказната се сврте и сега има бугарски закани дека ќе ја запреме Македонија на патот кон ЕУ, во интерес на истиот Кремељ и на тамошниот император Путин кој ги трие рацете зашто му треба поголем хаос на Балканот“, пишува Асенов.
Оставајќи ги настрана овој вид на интереси, продолжува тој, ние Бугарите треба да промениме многу работи во нашето размислување за соседите и за таа цел треба да бидеме многу едуцирани за вистинската бугарска, балканска и светска историја.
„Секако, истото мора да го направат и Македонците затоа што проблемот со лагите и фалсификуваната историја што ги полни главите на луѓето со предрасуди, вчудовидува. Меѓутоа, тука зборувам за нешто друго – односите помеѓу Бугарија и Македонија мора да се исчистат од слоевите, а не да се создаваат нови. Ова е долготраен процес кој, како и создавањето на нации и јазици, не е прашање на носење декрет или меморандум и за него не одлучуваат комисии, туку тој однос се гради со блискост и трајни добрососедски и, пред сè, нормални човечни односи. Одете во Македонија и видете за што ви зборувам. Повеќето Бугари тешко можат да разберат што зборуваат таму“, пишува Асенов.
Според него, точно е оти двата јазика се слични во некои аспекти, имаат исти зборови и изрази, но дека ниту Македонците не можат да ги разберат Бугарите кога зборуваат – или барем за повеќето Македонци бугарскиот е целосно странски јазик.
„Ова е фактичката состојба – постојат два јазика кои ако сè уште не се сосема различни, се во процес на поделба кој продолжува да се развива пред нашите очи и уши. Да, веројатно ако се вратиме назад, длабоко во историјата, двата јазика имаат заеднички корени и нивното одвојување започнува релативно скоро во историска смисла. Но, тоа не е причина денес, во современо време, да го гледаме и слушаме само она што е корисно за нас и да не сакаме да ја признаеме реалноста“, порачува авторот.
Слично, според Асенов, е и прашањето за историските личности и настани. Да, вели тој, до пред еден век имавме заедничка историја – додека бевме заедно под Турската империја, а пред тоа имавме заеднички кралеви и заедно пролевавме крв за една или друга кауза. Понекогаш и едни против други.
„Но, во модерно време, кога Франција и Германија ги закопаа секирите за да создаваат и да работат рамо до рамо во еден од најхрабрите проекти на човештвото наречен Европска Унија, ние со Македонците делиме кукли и партали. Изгледа патетично и неразумно“, пишува Асенов.
Тој во колумната упатува и неколку прашања до бугарската јавност: „Зошто се правиме на Големиот брат?“, „Дали ги убиваме бугарските комплекси?“, „Дали некој навистина мисли дека сега треба да создаваме проблеми само затоа што му се може?“ и „Зошто и од Москва не бараме сметка за крвта и страдањата што таа ги донела во нашето заедничко минато?“.
На крајот, Асенов пишува дека се смета себе си не само за Бугарин туку за балканец и светски човек. Се осврнува на тоа што прадедото на неговиот татко кон крајот на 19. век се преселил од Велес (Македонија) во Бугарија.
„Значи, јас сум трета генерација родена тука и јас сум чист Бугарин. Но, не ми е чудно што имам блиски крвни сродници во Скопје, Македонија, кои се чисти Македонци. Ниту, пак, ми е чудно што од страна на баба ми, родена во Бугарија имам подеднакво блиски роднини во Букурешт, Романија, кои се чисти Романци. Срамота или не, ќе кажам дека дури и во Русија имам роднини кои се чисти Руси. И во Франција – чисти Французи. Згора на сè, моите сопствени деца се чисти Американци. Што да правам со сите нив? Дали треба да ги запрам ако сакаат да влезат во ЕУ или да му ги пренесам моите права на Красимир Каракачанов, па тој да ги запре“,