Нема сомнение дека приликата која Бугарија ја чекаше долго со своите санстефански заблуди се реализираше со дисолуцијата на југословенската федерација. Можеше да се направи стратегија – да се признае државата, но не и нацијата и јазикот. Но, во Софија никогаш во минатото не се свати еден ноторен факт, дека историјата не стои во место и дека во тој контекст нивниот влез во ЕУ значи и прифаќање на евриопски принципи а не спиење на санстефански перници!
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Дали некогашните „свиждања“, средби на гражаните од тогашната СР Македонија и НР Бугарија без користење на пасоши (само со лични карти) во некој од пограничните градови на двете страни (една ју-република и друга држава од кругот на советскарта сфера) ќе станат пак највисока точка на меѓусебно разбирање? Оваа можност, која масовно се кроистеше, пред се заради фактот дека цкај соседите паспортот тешко се добиваше, беше во знакот на трогателни средби меѓу роднини и пријатели со децении оддалечени.па и без можност дотогаш да се видат. Овие средби беа единствен нпредок во спријателувањето меѓу двете страни по средбите кои ги имаа претседателот на ЦК на СКМ Крсте Црвенковски и првиот човек на Бугарската Работничка партија Тодор Живков кон крајот на 60=тите а се реализираа од 1970 година.
Според политиките на ЕУ за јазична еднаквост и автентичност, и македонскиот јазик ќе ужива статус на еднаков и официјален јазик на Унијата во моментот кога нашата држава ќе стане полноправна членка, истакна вицепремиерот Димитров на јубилејната он-лајн конференција на Здружението на преведувачи и толкувачи на Република Северна Македонија.
Генерално, политичките односи беа лоши, напнати од време на време. Како војник кој мина одреден период на границата на реката Јерма, тврдам контактите меѓу војниците од двете страни беа добри, офицерите на двете армии одеа на празниците едни кај други на ручек, но говорите по разни поводи (да речеме за време на Илинден 1978 година) беа полни со огнени јазици во себе.
Дојде секако и чинот на омекнување на тие односи кога настана дисолуцијата на југословенските федерални единици и кога по референдумот на 8 септември 1991 година даде виза земјава да биде независна. Факт е дека НРБ прва не пизна и дека, според сведочење на тогашниот бугарски премиер Жељу Жељев е направен напор тоа да го стори една од велесилите – Русија, преку влијание врз Елцин.
Дали тоа беше израз на братска љубов или само стратешки потег? Секако го имало и првото, пред се кај народот, но јасно е дека стратегијата била да се спречи евентуалното создавање на некакви мин-Југославија, што како обиди постоеја.
Деновиве читам една анализа на дотoгашниот дописник од Софија Виктор Цветановски, кој го презентира пишувањето на бугарските весници, неколку години по признавањето на нашата држава.
Нема разлика во анализите, кои главно се вртат околу тоа дека е добар потег што властите ја признале Македонија како држава, но не и како нација или како народ со посебен јазик и национална свест! Дали се работи за „24 часа“, или за другите медиуми нема дилема дека тоа бил „вистинскиот потег на власта“ Еве што пишуваал тогаш „24 часа“.
Што би ссе случило ако Бугарија го признае македонскиот јазик? – се прашува во стартот медиумот? Во текстот со драматичен наслов Како го губиме Пиринско, весникот се навраќа неколку години наназад, потенцирајќи дека во 1992 година, со признавањето само на македонска држава, а не и на македонската нација, Бугарија се осигурала „од идните несреќи што би следувале, ама таа одби да признае дека тамошните луѓе не се Бугари, дека нивниот јазик е туѓ, нивната историја различна… Ако го признаеме јазикот веднаш ќе започнат експерименти со населението во Југозападна Бугарија. Притиснати од кризата и од стремежите да не го дразниме НАТО и ЕУ, Софија ќе се престори на балкански гулаб и ќе гука. Тоа ќе му даде крилја на Скопје да зазема се повоинствена поза… а македонските политичари ќе побараат културна автономија за Пиринска Македонија и ќе ја добијат, а во училиштата ќе се рецитираат еден чуден Јаворски и еден искривоколчен Вапцаровски“, иронизира 24 часа.
За она што се случи деновиве, сите знаеме – иако се потпиша Договор за соработка и пријателство пред три години, накусо, во пресуден час, се прекрши членот 2 од истиот, со желба да се уцени земјава за да се откаже од својата национална посебност.
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров минатата недела имаше воведно обраќање на 10–та јубилејна он-лајн конференција на Здружението на преведувачи и толкувачи на тема: „На прагот на иднината”, на која што учествуваа видни експерти од областа на преводот и толкувањето кај нас, како и претставници од Генералниот директорат за преведување и толкување при Европскта комисија.
„Повеќејазичноста е сржта, срцето на Европската Унија. Денес ЕУ со своите 24 официјални јазици и над 500 можни јазични комбинации, како своевидна „вавилонска кула“ преводот и толкувањето ги поставува и како услов sine qua non за нејзиното непречено функционирање“- истакна Димитров во воведното обраќање.
Осврнувајќи се на централната и координатививна улога на Секретаријатот за европскки прашања во процесот на европска интеграција на нашата земја, Димитров нагласи дека во насока на континуитет и интензивирање на започнатиот процес, СЕП се заложува за стимулирање и уште поефикасно унапредување на подготовката на националната верзија на правото на ЕУ.
„Јазиците ги дефинираат личните идентитети, но тие исто така се дел од заедничко наследство. Тие можат да послужат како мост кон другите народи и култури преку промовирање на меѓусебно разбирање и заедничко чувство за европски идентитет, а не како бедем кој разделува и ограничува, затоа што ЕУ одамна „ги има срушено бедемите“ и успеа низ годините да создаде европски дух на заедништво и единство. Тоа е Унијата кон која се стремиме и тоа се вредностите и принципите кои и самите мора да ги практикуваме, живееме и да ги поттикнуваме, за колку што е можно поскоро да станеме и вистински дел од таа заедница.“-заклучи Димитров на петочната онлајн конференција.
Добро е што нашата земја во овие околности има поддршка на многу силни имиња на креатори од сите сфери, иако е хендикеп што тоа и не е случај со мејнстрим медиумите! Еве една сентенца – „за европското јавно мислење не е јасен бугарскиот спор за македонскиот јазик. Според европското јавно мислење, ако има држава, таа си има и јазик. Ова загледување во македонскиот јазик е губитничка позиција за нас“ -, вели во интервју за „24 часа“ Иван Илчев, историчар, бивш ректор на софискиот универзитет „Св. Климент Охридски и актуелен член на бугарскиот тим во заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања.
Тој сметас дека бугарската позиција за јазикот е тешко одржлива, но за историјата е неспорна. Скептик е дека ќе бидат решени спорните прашања меѓу двете земји до 10-ти ноември, кога Бугарија и Северна Македонија ќе копретседаваат со Берлинскиот процес.
„Да, да, се разбира дека ќе ги решиме, како што волкот и јагнето ќе бидат заедно во рајот“, иронизира Илчев.
Иако работата на заедничката комисија е обемна и сложена, и не може да се стави под притисок на рокови, Илчев открива дека токму бугарскиот дел од комисијата бил под политички притисок со рок во кој треба да ги заврши работите. (Ова секако е значајно, во контекст на работата на споменатата Комисија)..
„Не сакам да правам историски алузии, но за нас ова е вториот 10-ти ноември, откако минатата година на состанокот на бугарскиот дел од заедничката комисија со претседателот Радев, тој воено ни заповеда до 10-ти ноември да ги решиме сите спорови со нашиот западен сосед. Затоа си мислам дека во тој датум има нешто фатално“, вели Илчев.
Запрашан за одговор на изјавата на вицепремиерот Никола Димитров, дека „ако македонскиот јазик е пречка за почнување на преговри со ЕУ, тогаш Унијата не го заслужува епитетот ‘европска’“, Илчев признава дека за европската јавност тоа е нејасен спор.
„Уште пред една година, кога имаше рани дискусии во нашиот дел од Комисијата, реков дека ова загледување во македонскиот јазик е губитничка позиција за нас, бидејќи за европското јавно мислење тоа не е јасен спор. Според него, ако има држава, таа си има и јазик. Ова е прашање за дебата за лингвистите – дали овој јазик е бугарски дијалект. Немам сомнение дека македонскиот јазик е јазик што се развива на западнобугарскиот дијалект, но тој веќе доста се оддалечи од бугарскиот. На пример, мојот 30-годишен син работи во компанија што има канцеларии во Македонија, и кога тој и неговите колеги разговараат со оние во Македонија, тоа го прават на англиски јазик, затоа што не можат да се разберат“, објаснува Илчев.
Тој не отстапува од ставот дека македонскиот е „вештачки јазик, создаден со позајмици од српскиот јазик и од меѓународната лексика, па еволуирал во нешто што е тешко разбирливо за повеќето Бугари“.
Од друга страна, во интервјуто самиот се повикува на спомените на д-р Петар Џидров (1876-1952) некогашен лидер на бугарската работничко социјалистичката партија, роден во Штип, од кое произлегува дека и во минатото разбирањето меѓу Македонците и Бугарите не било лесно.
„Тој (Џидров) во своите мемоари објавени овде, споменува дека кога доаѓале да учат во Бугарија, Македонците обично го повторувале последниот клас завршен во Македонија за да научат литературен бугарски јазик“, вели Илчев.
Но, не се впушта во коментар на забелешката дека Бугарија, сепак, не сака да отстапи од сегашните позиции.
„Не знам, тоа е работа на дипломатите. Моето мислење, грубо кажано, беше дека треба да го истргуваме јазикот со историјата. Затоа што нашата позиција за јазикот е тешко одржлива, додека нашата позиција за историјата е неспорна“, смета членот на бугарскиот тим во заедничката комисија.
Работата на оваа комисија во една прилика тој ја спореди со „тренинг во боксот, кога пред натпреварот играчите напразно удираат во воздух“.
Дека проблемот со јазикот е главниот и клучен идентитетски сегмњнт на идентитетскиот спор говорат и „тренинзите во бокс“ меѓу двете академии – МАНУ и БАН.
Со тврдењата дека постои македонски јазик се нарушуваат односите меѓу двете земји, оценуваат бугарските академици испровоцирани од Повелбата на Македонската академија на наука и уметност од 3 декември. Тамошната научна академија- БАН попладнево усвои став сличен на оној на државниот врв во Софија искажан во декларацијата од октомври годинава, дека македонскиот јазик е наречје на бугарскиот, а придружните документи содржат и серија квалификации и навреди за македонскиот јазик.
БАН признава дека денешниот став е директна реакција на донесената Повелба за македонскиот јазик од страна на МАНУ.
„Документот (на МАНУ, н.з.) предизвика многу сериозни научни забелешки“, се наведува во соопштението на бугарската академија.
БАН побарала одвоени мислења на оваа тема од три институции: Институтот за бугарски јазик, Кирило-методиевскиот научен центар и од Инстиутот за историски истражувања; а нивните ставови биле поткрепени и од индивидуалните позиции на академиците на БАН.
Бугарските академици сметаат дека „македонската позиција е лажна и неприфатлива и ги нарушува односите меѓу двете соседни држави“.
Од трите консултирани институции од страна на БАН, јавно достапен е документот на бугарскиот Институт за историски истражувања. Во него се користи синтагмата „ткн. македонски јазик“.
Ставовите на бугарските академици се на линија на декларацијата што на 9 октомври годинава ја усвои бугарската влада, а ден потоа и парламентот во Софија. Во неа беа наведени серија услови и закани за блокада на Скопје на патот кон ЕУ, а меѓудругото, беше акцентирано дека во документи на ЕУ не смее да се споменува македонскиот јазик.
Последиците се насетуваа иако кај нас постоеше некаква надеж во германската цврста рака. Или дека НАТО, чија членка сме, ние ќе реагира на агресивните „касус бели“ изјави на министерот Каракачанов, лидер на бугарското ВМРО (а во чиј подрум и таван спиеле многу актуелнн и пратеници и политичкиот врв на нашето ВМРО ДПМНЕ!)
Последното е дека официјалните лица на Бугарија не се во состојба да ја одобрат рамката за преговори со Северна Македонија, ги враќаат анимозитетите на границата кај Крива Паланка, одново го одложуваат патот кај беровскиот Клепало, ги растеруваат нашите (идни зимски туристи) а веројатно ги оддалечуваат доаѓањата бугарските посетители на Охрид на неодредено време.. Короната за дел од овие работи е добро покритие.
Има многу работи кои кога ќе се случат тешко се поправаат. Со ова вето претседатело Радев, тој пред се, притиснетиот премиер Борисов и министерката Шеќеринова, ја најдоа „временската машина“ која не врати назад. Во најдобар случај на некој од панаѓурите наречени „свиждања“.
Јасно, според реакциите од Брисел – ги пренесуваме во овој број – Бугарија не ќе може да издржи во непријателското опкружување во кое се најде самата. Чудно е што не сметаше на тоа. Европа може да ги брани своите членки ама не така што ќе ги загрозува своите принцип.