Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

„БУРНСТОК“, СО КОЈА МИЦКОПСКИ ПОТПИША МЕМОРАНДУМ, НЕ Е КОМПАНИЈА ЗА ВОЕНА ИНДУСТРИЈА ТУКУ КОНСУЛТАНСКА ФИРМА

October 28, 2025 Filed Under: Македонија

„Бурсток“ е основана од пензиониран генерал и пензиониран дипломат. Тие имале силни врски и во разузнавачкиот сектор. Таа им помага на клиентите  – пишува „Независен“

СТАРА ВРСКА Оваа компанија ја донесе Робертсон, екс-генерален секретар на НАТО во рамките на групата „Охрид“ во 2018 година

Премиерот Христијан Мицкоски, кој беше во Лондон на самитот на Берлинскиот процес, денеска на Фејсбук објави оти потпишал „Меморандум за разбирање со американско-британската компанија ‘Бурсток’, која што ќе инвестира во наменската воена индустрија во Македонија до 150 милиони долари. Ќе имаме нови високоплатени 1.000 работни места и ова е само почеток“.

Но „Бурсток“ не е американско-британска компанија од воената индустрија, туку само британска. И таа нее компанија која ќе инвестира во воена фабрика, туку само консултантска куќа која им овозможува на влади или компании да стапат во контакт со фирми од различен опсег. Меѓу другото и во одбранбената индустрија.

Тоа го пишува на нејзината официјална веб-страница – констатира „Независен“.

Таа е релативно млада консултантска куќа, основана 2015 година, од двајца луѓе: Барни Вајт-Спанер и Џорџ Базби. Тие имаат врски со малку познатата Група „Охрид“, во која е вклучен поранешниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон. Оваа Група „Охрид“ беше формирана во август 2018, кога премиер беше Зоран Заев. Нејзината активност во Македонија е под јавниот радар.

Според податоците на интернет за работењето на „Бурсток“, оваа фирма е мала деловна консултантска компанија, изградена од поранешни дипломати и службеници за воено разузнавање со искуство во Источна Европа и на Балканот. Според податоците, има од двајца до 10 вработени.

Еден од основачите, Барни Вајт-Спанер (одговорен за безбедност и стратегија) е генерал, кој служел во британската армија триесет и пет години, завршувајќи како командант на армија. Тој има богато искуство на Блискиот Исток, Африка и Азија, водејќи британски и мултинационални сили. Тој е почесен член на Француската легија на странци и носител на Легијата за заслуги на САД.

Другиот основач, Џорџ Базби (одговорен за безбедност и геополитика), работел 30 години во Министерството за надворешни работи, специјализирајќи се за разузнавање и безбедност. Тој им давал совети на министрите на Велика Британија за стратегии за справување со борбата против тероризмот, трговијата со наркотици и помирувањето на меѓународните спорови. По пензионирањето Базби работи како независен консултант, советувајќи поединци со висока нето вредност кои се соочуваат со сложени правни, политички и финансиски предизвици.

Што пишува самата за себе компанијата „Бурсток“ на нејзината веб страница:

„Црпејќи од нивното богато искуство работејќи за британската влада во многу различни земји, но особено во регионот на Заливот и Западен Балкан, Џорџ (Базби) и Барни (Вајт-Спанер) воспоставија модел што им овозможува да се потпрат на мрежа од висококвалификувани експерти со неспоредлива експертиза во широк спектар на области на политиката. Тие се поддржани од мал, долгогодишен и посветен извршен тим. Предноста на овој модел е што ја наоѓаме личноста што е најсоодветна да му помогне на клиентот и ја оспособуваме да испорача – го прилагодуваме тимот кон клиентот, а не клиентот кон тимот.

Имаме експертиза во многу комерцијални сектори и посебно познавање на одбраната, дипломатијата, безбедноста и разузнавањето. Составуваме специјализирани тимови за да ги задоволиме потребите на клиентот за да решиме и да се осигураме дека секој добива високо специјализиран и квалитетен резултат“.

Значи, „Бурсток“ нема да отвора компанија од воената индустрија во Македонија, туку само ќе ги претстави можностите на Македонија кон такви заинтересирани фирми. Како што вели самата фирма – „му помагаме на клиентот“.

Инаку, Џорџ Базби на крајот на јули годинава престојуваше во Македонија како дел од непрофитната фондација „Западен Балкан 30: За обединета, безбедна и просперитетна Европа“ („ЗБ30“). Меѓу другото, беше и во Стопанската комјора на Македонија. Според извештајот од средбата, Базби заедно со Лорд Барон Кристофер Гајт (секретар / главен политички советник на Кралицата Елизабета II, 2007-2017) и Рубен Џонсон (сите тројца актуелни директори на „ЗБ30“, се сретнале со претседателот на комората Бранко Азески, а на состанокот како преставници на Комората присутни биле и потретседателот на Комората проф. д-р Марјан Бојаџиев, извршниот директор м-р Антони Пешев и други.

На средбата била истакната идејата за нивното делување, со цел Западен Балкан до 2030 година да стане дел од Европската унија.

Во соопштението исто така се додава дека Базби изучувал српско-хрватски јазик на Лондонскиот универзитет и дипломирал на Универзитетот во Оксфорд, насока Источноевропска економија. Студирал на Универзитетот во Сараево во 1981 година, а од 1987 година работи во британското Министерство за надворешни работи, па во Амбасадата на Обединетото Кралство во Белград, бил и шеф на одделот за Балканот, а по пензионирањето од Министерството за надворешни работи во 2015 година, ја основал Бурсток Лтд., консултантска фирма, заедно со генерал сер Барни Вајт-Спанер, поранешен командант на британската копнена армија и на НАТО силите во Македонија. (Н.В.)

 

Filed Under: Македонија

„БУРНСТОК“, СО КОЈА МИЦКОПСКИ ПОТПИША МЕМОРАНДУМ, НЕ Е КОМПАНИЈА ЗА ВОЕНА ИНДУСТРИЈА ТУКУ КОНСУЛТАНСКА ФИРМА
ЈОВАНОВИЌ: НА ВЛАДАТА И ОДГОВАРА ИНФЛАЦИЈАТА
ФИЛМАЏИИТЕ И НАТАМУ РЕДАТ УСПЕСИ
ШTO  ПОСТОЕЛО ПРЕД ГОЛЕМАТА ЕКСЛОЗИЈА (1)
КOГА ИЗБИРААТ ЛУЃЕ СО НАМАЛЕНА СПОСОБНОСТ ЗА РАСУДУВАЊЕ

Најново

  • „БУРНСТОК“, СО КОЈА МИЦКОПСКИ ПОТПИША МЕМОРАНДУМ, НЕ Е КОМПАНИЈА ЗА ВОЕНА ИНДУСТРИЈА ТУКУ КОНСУЛТАНСКА ФИРМА
  • ЈОВАНОВИЌ: НА ВЛАДАТА И ОДГОВАРА ИНФЛАЦИЈАТА
  • ФИЛМАЏИИТЕ И НАТАМУ РЕДАТ УСПЕСИ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet