Во овој поврзан свет, кризните и воените жаришта имаат сериозно влијание врз тековите на регионално, а често и на глобално ниво. Како изгледа сето тоа низ призмата на првиот човек во овие процеси, дознаваме од ова интервју со Министерот за надворешни работи, Бујар Османи за Цивил медиа, одкого пренсувам еден помал дел
ЏАБИР ДЕРАЛА
Северна Македонија е претседавач на ОБСЕ во една од најтешките години за Европа во поновата историја. Кандидатурата ја прифатија сите 56 земји членки на една од најзначајните организации во светот. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, е на чело на комплексните мисии и задачи што произлегуваат од овој статус на земјата.
Малку се знае во јавноста за овие активности, а тие битно влијаат на меѓународниот статус на Северна Македонија, но и на внатрешнополитичките настани и процеси.
Во овој поврзан свет, кризните и воените жаришта имаат сериозно влијание врз тековите на регионално, а често и на глобално ниво.
Како изгледа сето тоа низ призмата на првиот човек во овие процеси, дознаваме од ова интервју со Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, за ЦИВИЛ МЕЦИВИЛ МЕДИА
Тензиите и безбедносните предизвици кои произлегуваат од тензиите на северот на Република Косово и во српско-косовските односи се закана како за двете земји, Косово и Србија, така и за целиот регион. Кои се вашите согледувања, кои се активностите и прогнозите за тоа како ќе се развива оваа ситуација, и од аспект на претседавач со ОБСЕ оваа година, меѓутоа и од аспект на министер во македонската влада?
– Во целина, Западен Балкан е ранливо подрачје поради две причини. Прво, затоа што евроатлантската интеграција не е целосно завршена во регионот, што го прави регионот таргет и за други малигни влијанија и второ, отворените досиеја, дали е тоа Дејтонскиот договор кој не е целосно завршен или, пак, косовско-српското прашање.
Се разбира, во услови на нов геополитички контекст, создаден со воената агресија во Украина, обично ранливите подрачја се тие што се прво изложуваат и кои можат да бидат плодна почва за нови ескалации. Оттука вниманието наше во однос на ова што се случи во Косово на 24 септември, што беше сериозно. Имаше сериозен потенцијал за една поголема ескалација, со нова акумулација или трупање на вооружување на границата меѓу Србија и Косово. Меѓутоа, се надеваме дека, по изјавата на претседателот на Србија дека се повлекува, тоа се првите знаци на деескалација. За нас е тоа многу важно.
Јас, и како министер на земја членка на НАТО, меѓутоа и како претседавач со ОБСЕ, сум ангажиран по прашањето. Бев во Брисел, разговарав со Генералниот секретар, Столтенберг, токму за ова прашање, кои се ризиците, што треба да направиме, потребата за зајакнување на присуството на НАТО, посебно на северниот дел од Косово. А преку ОБСЕ знаете дека јас сум ангажиран подолго време.
Прво, како претседавач, објавивме план од девет точки за деескалација. Бев во Косово дента кога почна на некој начин оваа последна фаза, последна тензија во односите. Ние имаме како ОБСЕ присуство и во Приштина и во Белград. Во Приштина во моментот ни е најголемата теренска мисија, после затворањето на мисијата која што ја имавме во Кијив. Но, исто така, важна мисија имаме во Белград.
Така што, можеме и на терен да придонесеме преку нашето присуство, а се разбира и во мојот национален капацитет, како министер на Северна Македонија, посебно сме заинтересирани да има мир и стабилност.
Како ќе се развива ситуацијата? Дали предвидувате нови предизвици од овој или сличен вид како што се случи на 24 септември?
– Обично големите ескалации се случуваат кога не може да се предвиди точката на почеток. Затоа велам, фактот што 24 септември успеа да се контролира, мислам дека сега внимателноста на сите е на поголемо ниво, и на НАТО и на останатите чинители во процесот.
Така што, сега сметам дека процесот треба да се одвива во неколку насоки – зголемено НАТО присуство во северот на Косово, јасна порака до Србија, доколку имало вмешаност во ова прашање и, се разбира, зголемување на притисокот кон двете страни за продолжување на дијалогот. А тоа е по однос на Договорот од Брисел и Анексот од Охрид.
Ние повторно се нудиме да бидеме место каде што Србија и Косово ќе го продолжат дијалогот. Сметаме дека е тоа најдобриот начин за една перманентна стабилност на целиот регион.
Секако дека имаат и што да слушнат. Но, ја спомнавте Москва, како чинител и во овој конфликт и нели криза воопшто која што трае не баш малку време. Дали мислите дека Москва ќе остане на страна од овие мировни чекори и процеси, бидејќи таква каква што е ситуацијата, сега на Москва многу и одговара токму одвлекување на вниманието од агресијата против Украина?
– По војната од 2020 година меѓу Азербејџан и Ерменија, т.н. четириесетдневна војна, Руската Федерација посредуваше за постигнување на мир и договори руски трупи да бидат присутни во делот на Нагорно-Карабах. Околу 1.000, до 1.500 војници. Значи, единствени надворешни сили се на Руската Федерација.
Европската унија сега има формирано една екипа од набљудувачи, меѓутоа таа е на ерменската страна. Значи, тие не можат да влезат во Азербејџан. Но во Азербејџан, во делот каде што живеат Ерменците, се само руските трупи. Така што, ова ја комплицира целата динамика. Прво, Минск процесот не може да функционира заради тоа што не можат да седнат страните на маса.
Се надеваме дека Русија нема дополнително да ја комплицира ситуацијата за состојбата да ескалира на терен. Мислам дека страните се влезени во сериозен процес за постигнување на сеопфатен договор за мир. Неколку драфтови веќе се сработени, што се разгледани од страните. Еве, сега во Гранада требаше да има средба меѓи Алиев и Пашинјан. Слушнав дека Алиев не е отиден во Гранада, меѓутоа, овие напори треба да продолжат.
Да се задржиме уште малку на таа тема. Освен што води брутална војна против Украина, очигледно е руското учество, поттикнувањето, одговорноста, некаде и целосна одговорност, за повеќе други невралгични точки во Европа, во Азија, во Африка и на други места во светот. Се разбира, тоа е една палета од различни операции кои ги спроведуваат тие служби во Москва, почнувајќи од воените, па сè до пропагандните. Што треба да знае јавноста за руската агресивна политика во Евроазија, а особено руската агресивна политика на Балканот? Со фокус на Балканот, бидејќи веќе и разговаравме за другите региони. Дали Северна Македонија е отпорна на руската агресивна политика?
– Знаете, карактеристика на ОБСЕ е дека има т.н. специфичен, сеопфатен пристап кон безбедноста, дека безбедноста не треба да се гледа само од конвенционалната воена димензија, туку и од економската, амбиенталната, од храната, водата, човековите права, демократијата итн. Сите тие влијаат врз безбедноста и мислам дека последиците на руската агресија во Украина се и такви – сеопфатни.
На пример, не само што воено се разорува Украина и последиците врз човечките животи, таму е и инфраструктурата. Гледајте го прашањето на храната, прашањето на транспортот на житото и непродолжување на договорот со Обединетите нации и Турција во однос на житото, што сигурно ќе има последици врз животот, стандардот и здравјето на луѓето во Африка. И оттука, влијанието на оваа агресија ги надминува димензиите не само на нашиот континент, тука има реперкусии по целиот свет, но, и овие малигни влијанија кои што се случуваат насекаде.
Јас, еве, ќе ставам фокус на регионот. Обично, би било добро доколку различните геополитички актери би се натпреварувале кој нуди повеќе за еден регион. Тоа би било фер. Во еден мултиполарен свет, би било фер доколку би имало понуда. Но, ние немаме алтернативна понуда.
Ние имаме ситуација на малигно влијание, преку злоупотреба на фрустрациите кои постојат во моментот во еден ранлив регион, со цел да се одржат латентни кризи и преку тие латентни кризи, прво, да има потенцијал за теледиригирано ескалирање по потреба на нарачателот и второ, обично може да манифестирате влијание кога имате такви ситуации на латентни кризи, на поларизации во општеството.
И тука се враќам на приказната на Северна Македонија. Затоа нам ни беше важно НАТО. Затоа што, ние како регион, се наоѓаме на геополитички крстопат. Знаете како се вели, во сообраќајот, сообраќајните незгоди воглавно се случуваат на крстопат и затоа нам ни беше важно да влеземе во безбедносниот чадор на НАТО. Тоа го постигнавме.
Оваа состојба, за жал, преку трагедија требаше да сфатиме колку е важно нашето членство во НАТО. Преку руската агресија во Украина ние сфаќаме колку се чувствуваме безбедни што сме дел од НАТО. Или пак преку ескалацијата во Косово. Знаете ли какви беа динамиките кај нас кога ќе се случеше ескалација во Косово, Србија, Босна. Сега, ние не размислуваме дали ќе се случи нешто кај нас, размислуваме како да помогнеме, еве јас, нели, пред малку ви реков – Охрид да биде центар каде да се сретнат Србија и Косово.
Значи една целосно нова димензија на позицијата на државата заради членството во НАТО.
Но, затоа ни треба сега и Европската унија. Токму за да ја тргнеме ранливоста, не само од државата туку и од граѓаните. Ако следите, јас нудам еден нов пристап во членството во Европската унија, сметајќи дека сега проширувањето е жртва на принципот сé или ништо. Вие не добивате ништо до полноправно членство. А патот е долг, патот е трнлив и е фрустрирачки. Ниту политичарите имаат доволно мотив да притискаат за реформи, затоа што не можат да испорачаат, ниту граѓаните пак ги чувствуваат придобивките и тогаш стануваат ранливи на оваа пропаганда, на лажни вести, на малигни влијанија.
И доколку ние фокусот би го тргнале од моментот на членство, во годишни цели до членството, тогаш сметам дека ќе имаме целосен фокус, преку етапно интегрирање во Европската унија и сметам дека тоа е најдобриот начин за создавање отпорност во државата и кон овие малигни влијанија.
И велите дека всушност македонската држава и општество се отпорни на руската агресивна политика, особено заради тоа што сме членка на НАТО?
– НАТО квалитативно ја смени ситуација во однос на отпорноста, но мислам дека не треба да ја земеме работата здраво за готово, туку напротив треба да работиме прво да ги зајакнеме институциите и да го продолжиме патот.
Знаете, тогаш, во текот на Ковид имаше една приказна – НАТО е прва доза на вакцината, а ЕУ е втората доза.
Значи, за комплетен имунитет од такви малигни влијанија ни требаат двете дози, и НАТО и Европската унија. Така што, приказната сé уште не ни е завршена во однос на отпорноста и тука прашањето на ЕУ е клучно.
(целото интерв ју да се види на ivilmedia.mk/video-bujar-osmani-minister-za-nadvoreshni-raboti-nato-e-prva-doza-na-vaktsinata-a-eu-e-vtorata-za-kompleten-imunitet-od-maligni-vlijanija-ni-trebaat-dvete-dozi/)