Проблемот е во тоа што политичките партии своето делување досега го насочуваа врз користење на буџетот за свои цели, полнење на администрацијата, помагање на компаниите кои ги сметаат за свои. Често со коруптивни дејанија на апаратот се зголемуваше и сивата зона на економијата која е под радарот на даночните органи, па предвидените приходи изостанува
ВОЈО МАНЕВСКИ
Буџетот е стокмен и ќе оди на собраниска расправа. Вообичаена процедура кога се усвојува ваков документ. Сега веќе започнуваат дебатите околу неговата структура и одржливост. Она што мене лично не ми се допаѓа е речникот кој и политичарите, а и новинарите го употребуваат. Велат обезбедуваме (или се обезбедени) средства за повисоки плати за социјални давања, за капитални инвестиции и др. Само едно се заборава. Буџетот е план за прибирање на средства од даноци и кредити и план за негово трошење. Значи тоа е планирано, а колку ќе се реализира ќе покажат многу други фактори во текот на следната фискална година. За очекување е дека плати за администрацијата ќе има како и други социјални трансфери. Но, за капитални вложувања од над 700 милиони евра ќе се задолжи државата на странскиот и домашниот пазар.
Вистинското прашање е дали можеме да имаме буџет од 6,5 милијарди евра, а вкупниот БДП ни е помалку од 14 милијарди евра? Ако направите споредба со државите кои секоја година ни праќаат извештај за нашите состојби, ќе видите дека тој се движи најмногу до 35% од БДП. Кај нас за следната година тој треба да биде околу половината од БДП. Споредбата е сегашниот БДП и буџетот за следната година и ќе речете дека соодносот ќе биде поволен, ако имаме раст на страната на БДП. Ако очекувањата се раст од 3,7%, а тоа е околу половина милијарда евра, тешко дека тој сооднос ќе се промени значително. Буџетскиот дефицит е планиран на 4%, а тоа значи дека со предвидениот раст ни него не го покриваме.
Овде не мислам дека министерката за финансии и нејзиниот тим од Министерството нешто лошо пресметале или имале слобода на креирање на буџетот. Нашата навика на очекување на волшебно стапче од политичарите е наш проблем. Тие освен во ветувањата и ПР на нивните политики мораат да се движат низ зададени бројки и ограничувачки фактори.
Буџетот е слика на нашите потреби и слика на нашата економија. Економските експерти одамна алармираат дека овој модел на макроекономски политики е истрошен и веќе не може да продуцира раст. Делот од буџетот кој е наменет за плати на администрацијата веќе е загрижувачки. Овој предлог буџет како и сите досега е во функција на задоволување на државниот апарат и социјалните политики заради одржување на каков таков социјален мир. Развојната компонента е со задолжување на странскиот и домашниот финансиски пазар. Ако не произведуваме повеќе нема да можеме да ги враќаме кредитите, ќе немаме ни капитални вложувања, ќе нема раст и ќе нема плати за државниот апарат, па и онака неговата слаба ефикасност ќе се намали и кризата ќе нѐ зафати сите. Ослободување на реалната економија од политичките и даночните отоварувања и нивна инвестиција во профитабилни гранки на економијата треба да е постојан императив на владините политики.
Проблемот е во тоа што политичките партии своето делување досега го насочуваа врз користење на буџетот за свои цели, полнење на администрацијата, помагање на компаниите кои ги сметаат за свои. Често со коруптивни дејанија на апаратот се зголемуваше и сивата зона на економијата која е под радарот на даночните органи, па предвидените приходи изостануваа. Сигурноста на инвеститорите или така- наречената бизнис клима се влошува поради несигурноста во административните постапки и вкупниот правосуден систем. Инвестициите во ТИРЗ со многу погодности кои директно се плаќаат од буџетот имаат оправдување само ако се канал за воведување на нови технологии, нови организациски облици и соработка и влијание врз домашните компании и инвеститори. Евидентниот недостаток на работна сила по цена многу помала од европската, кога тогаш ќе го постави на дневен ред прашањето за зголемување на субвенциите од државата. Или тие ќе се селат во држави каде имаат поголем профит. Значи излезот е во инвестициите во ново производство, но со поголема додадена вредност. Мора да се зголеми довербата во домашните инвеститори или инвеститорите во домашната економија и на нив да не се гледа како транзициски криминалци или бескрупулозни експлоататори. Капиталот секогаш ќе бара можности да се зголеми, а државата мора преку правниот систем да го штити своето население од неумереностите. Сето ова се прави низ социјален дијалог.
Но да се вратиме на предложениот буџет за идната година. Ако се предложат нови модели на водење на макроекономијата и се започне со реформите во администрацијата, образованието и правосудниот систем можен е почеток на постепено напуштање на параметрите, кои на секој министер за финансии му се поставуваат при конципирањето на буџетот.
Да видиме што ќе каже Владата за банкарскиот систем, освен констатацијата дека е стабилен. Да тоа е отприлика како кога на пациентот му дијагностицираме општа стабилност, иако тој има неколку хронични болести. Со каква политика Владата ќе ги превенира можните последици од неразумниот раст на цените на становите? Можна ли е криза на пазарот на недвижности? И најважното, зошто банките со така солидно портфолио нѐ поддржуваат со ниски камати, домашни инвестиции во нови технологии, туку добар дел го пласираат преку кредити на населението кое купува станови? Зошто тешко прифаќаат да ги пласираат средствата од унгарскиот кредит до стопанството со предложените камати? Буџетот е план, но секој план треба да се реализира, а без јасни економски политики ќе се сведе на собирање даноци од населението, па дури и да се оптимизира даночниот опсег.
Можеме ли сами да започнеме и направиме вакви реформи? Да не ве заморувам со историски паралели, ама тврдам дека балканските народи имаат и економски и општествен раст само кога се во контекст на поголема напредна заедница. Инаку се дават во своите недовршени идентитети и нетолерантни национализми.
Европскиот извештај за состојбите во нашата држава не е нешто што ние не го знаеме. Само не сме способни или делумно и не сакаме препораките да ги имплементираме. Најголем дел од нив се за наша потреба. На глобалниот пазар не можеме да опстанеме вакви, зошто бргу ќе претрпиме таков удар од кој последиците ќе бидат тешко излечиви.
Да се вратам на насловот од текстов. Буџетот не е чекмеже во кое само се бркнува да се земат пари, во него треба и да се ставаат пари за да има што да се земе.