Сè поголем дел од приходите оди за отплата на долгови и камати – што, според проценките, веќе надминува 12% од вкупните буџетски расходи.
Во вакви услови, тешко е да се зборува за економска стратегија, бидејќи, фискалниот простор за развојни политики речиси и не постои

ДЕСТАН ЈОНУЗИ
Предлог-буџетот за 2026 година, кој Владата го претстави како „развоен и стабилизациски“, во суштина повеќе наликува на документ што ги открива ограничувањата, отколку визијата на економската политика. Наместо сигнал за фискална консолидација и структурен напредок, бројките упатуваат на континуитет на потрошувачки модел, зголемена задолженост и намалени капитални инвестиции – рецепт што тешко може да донесе одржлив раст.
ФИСКАЛНА ДИСЦИПЛИНА САМО НА ХАРТИЈА Иако Владата најавува „строга фискална дисциплина“, предложениот дефицит од 3,5% од БДП директно го надминува лимитот поставен со Законот за буџети, кој дозволува максимум 3%. Ова отстапување не е само техничко прашање – тоа испраќа порака дека државните финансии и натаму ќе се движат на раб на законскиот праг, потпирајќи се на дополнително задолжување и краткорочни приходи, наместо на реален раст и продуктивност.
Во контекст на глобалната економска неизвесност и растечките каматни стапки на меѓународните пазари, ваквата политика може да ја чини државата поскапо од очекуваното. Секоја нова еврообврзница ќе значи поголем притисок врз јавниот долг, кој веќе надминува оклоу 60% од БДП – праг што меѓународните финансиски институции го сметаат за ризичен за земји со ниска продуктивност и ограничени извозни капацитети.
КАПИТАЛНИТЕ ИНВЕСТИЦИИ – ЖРТВА НА КРАТКОРОЧНИОТ ПОПУЛИЗАМ Најпроблематичен е трендот на систематско намалување на капиталните расходи. Во Предлог-буџетот за 2026 година, тие се планирани на 40,5 милијарди денари – за речиси 7 милијарди помалку во однос на ребалансот на буџетот за 2025 година. Во пракса, ова значи дека државата ќе троши помалку за инфраструктура, технолошки развој, патишта, здравство и образовни проекти, а повеќе за тековни расходи, плати и пензии.
Парадоксално, Владата токму овој буџет го нарекува „развоен“. Но, во услови кога реализацијата на капиталните инвестиции во 2025 година изнесува едвај 45%, секоја проекција за „инвестициски бум“ изгледа повеќе како декларација отколку како реална економска насока.
Раст базиран на потрошувачка!
Проекцијата за раст на БДП од 3,8% изгледа оптимистички, но не и уверливо. Таа е заснована пред сè на зголемена лична потрошувачка — поддржана преку најавен раст на платите и пензиите. Ова може привремено да ја подобри статистиката, но не и да создаде одржлив раст. Во отсуство на инвестиции во индустриски капацитети, иновации и домашно производство, економијата останува зависна од увоз и буџетски трансфери.
Таквиот пристап ја зголемува домашната потрошувачка, но ја поткопува конкурентноста. Наместо економски мотор, јавната потрошувачка станува економски товар. Зголемените плати и пензии — без реално зголемена продуктивност — само ќе придонесат кон дополнителен инфлаторен притисок, со што реалниот животен стандард на граѓаните ќе стагнира или дури ќе опаѓа.
ЗАДОЛЖУВАЊЕ БЕЗ РЕФОРМСКА СОДРЖИНА Предлог-буџетот и натаму ја одржува зависноста од задолжување како главен инструмент на буџетската рамнотежа. Во последните години, Македонија сè почесто прибегнува кон домашни и меѓународни заеми за да ги покрие тековните расходи. Со тоа се ограничува можноста за идни развојни политики, бидејќи сè поголем дел од приходите оди за отплата на долгови и камати – што, според проценките, веќе надминува 12% од вкупните буџетски расходи.
Во вакви услови, тешко е да се зборува за економска стратегија, бидејќи фискалниот простор за развојни политики речиси и не постои. Владата, наместо да отвора можности за структурни реформи, всушност ги одложува, прикривајќи ја економската инерција со краткорочни мерки за поткуп на социјалната стабилност.
Маска на развојот – суштина на застојот
Кога државниот буџет станува повеќе инструмент за политичко преживување отколку за економски развој, резултатите се очекувани: стагнација на продуктивноста, раст на јавниот долг и пад на довербата на инвеститорите. Во ваков контекст, зборовите „развој“ и „раст“ звучат повеќе како политички слогани отколку како економски категории.
Во суштина, буџетот за 2026 година не нуди нов правец, туку продолжување на истата патека на фискална неодговорност, минимални структурни поместувања и одржување на економијата во статус кво.
Предлог-буџетот за 2026 година е огледало на ограничувањата на економската политика — документ кој повеќе се потпира на политички оптимизам отколку на реална економска логика. Без суштински реформи во продуктивноста, инвестициите и фискалната дисциплина, државата ризикува уште една година изгубена меѓу ветувањата за „развој“ и реалноста на растечката задолженост.
(frontline.mk)




