Кој е Џејмс О’Брајан, новиот специјален балкански посредник на американскиот претседател Бајден? Приштина го очекува со нетрпение, Вучиќ го смета за „човек што разбира“, а од него во Вашингтон бараат да се среди ситуацијата на Полуостровот и да се дојде до разрешница пред новите американски избори
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Името Џејмс О’ Брајан последната недела е присутно во јавноста во дел од Балканот со чувство на неизвесност, но и исчекување некои од речиси трајните јазли во политичките релации на Полуостровот да бидат помрднати од аглите во кои се заглавени. Јасно, при тоа постојат разлики во однос на тоа што доаѓањето на политичарот кој може да се нарече и нов Холбрук би значело за еден, втор или трет интерес тука.
Засега, во Македонија оваа вест за ново изместување на фигурите на шаховската табла на моќта во надворешната политика во Вашингтон, не предизвика никаков интерес, барем во македонските медиуми, со исклучок на една онлајн програма. Претпоставувам, откако во Скопје на посредникот за Балкан на Стејт департментот, Габриел Ескобар, му беше поставено прашањето дали дошол да врши притисок врз ВМРО-ДПМНЕ околу уставните измени (како предуслов за продолжување на преговорите со ЕУ), а тој, да се потсетиме, рече дека политичките одлуки во земјава се дел од изборните одлуки на граѓаните, во однос на релациите Вашингтон – Скопје завладеа молк! Дури и голема воздишка во опозицијата. Оркестрацијата за таков тек на посредништвото, едноставно, влијаеше медиумските содржини дадени од Палата Павел Шатев по тази вапрос беше олеснета во главите на главните уредници.
Да ја впрегнеме малку меморијата
Дали навистина така стојат работите и што на таа тема би кажале оние политички актери кај нас кои немаат меморија на ниво на една риба, па, камо ли да помнат настани од пред повеќе децении?
Најпрвин да појдеме од формалната точка на измените во Стејт департментот. Американскиот претседател Џо Бајден пред некаде две недели го номинираше О’Брајан за наследник на Карин Донфрид, чиј мандат истече уште во март, по што практично се отвори празен простор во хиерархијата на администрацијата која се бави со евроазиските прашања, а во тие рамки и за Балканот. Доаѓањето на искусен дипломат – што секако се претпоставуваше – на новата функција потроши доста месеци, ама дека одлуката е донесена и прв ја потврди Џефри Ховениер, американскиот амбасадор во Приштина. И тој важи за многу искусен дипломат.
Да, навистина, односите меѓу Белград и Приштина долго време се во ќорсокак, а настаните поврзани со одредот од 30-ина вооружени лица во селото Бањска во северно Косово, раководени со лице кое живее и дејствува од Белград, ја размрдаа таа статус-кво ситуација. Но, користењето на името на О’Брајан не може да биде сведено на само дел од косовските проблеми, бидејќи, тие си имаат свои поврзани садови низ кои флуктуираат.
– Претседателот Бајден верува дека номинирал некој кој е високо квалификуван за таа позиција. Имав задоволство да работам со г-дин О’Брајан за регионални прашања во минатото. Тој знае многу за регионот, а има и искуство во Косово и Србија – изјави амбасадорот во Приштина Ховениер.
Тој рече дека О’Брајан е „избран на оваа позиција со цел да се унапредат стратешките цели на САД во Косово“.
Вучиќ на ова искоментира дека О’Брајан ги разбира работите, како и Хил. Имаше и изјаснување што локалните медиуми го толкуваат како „умерен оптимизам“. Неговото доаѓање, рече Вучиќ, „за Србија ќе биде многу поважно од изборите во САД“. Ова би требало да значи дека О’Брајан ќе мора да биде многу брз во наоѓање разрешница! Можеби може да се искористи компарацијата – како булдужер!? Особено ако за овој политичар се врзува Дејтонскиот договор, по кој прекина војната во БиХ и на чии принципи се потпира оваа централнобалканска држава.
Големите очекувања на приштинските аналитичари
Во овој момент, приштинските аналитичари имаат големи очекувања од О’Брајан бидејќи, како што велат, ЕУ во моментов повеќе ја притиска Приштина отколку Белград.
– Верувам дека посветеноста на О’Брајан ќе даде позитивна насока на дијалогот Косово-Србија, бидејќи, доколку таков човек дојде на таа позиција, мислам дека ќе изврши притисок врз Европската унија да направи одредени промени во однос на Косово и Србија, за балансирање на притисоците на двете страни, бидејќи евидентно е дека притисокот е едностран – смета Мељазим Кочи, приштински аналитичар.
На сличен став е и универзитетскиот професор Дритеро Арифи.
– Верувам дека оваа промена во Стејт департментот може да влијае на ЕУ да зборува во еден глас кога зборува за Косово и за Балканот. Забележано е дека ЕУ ги согледа своите слабости и недостатоци во надворешната политика и тоа може да биде силен поттик за ЕУ да ја реформира својата надворешна политика – смета Арифи.
О’Брајан ѝ е познат на локалната јавност, бидејќи, веќе работел во две американски администрации како специјален пратеник на претседателите на САД. Тој секако е најпознат по неговото учество во она што го споменавме – изнаоѓање решение за завршување на војната во БиХ и помагање во формулирањето на Дејтонскиот договор во 1995 година, што во тоа време беше најкрупен проблем што Европа го имаше после крајот на Втората светска војна!
О’Брајан беше дел и од американската администрација за време на преговорите меѓу Белград и Приштина во Рамбује во 1999 година. Покрај сето тоа, работел и како постар советник на Медлин Олбрајт.
Белградски ракурс: Доаѓа функционер кој ќе биде посилен со притисоците
Александар Попов, директорот на Центарот за регионализам во Белград, не ги криеше големите очекувања од О’Брајан ниту кога минатата пролет се појавија првите информации дека искусниот американски дипломат ќе заземе нова функција. Според Попов, кога на Балканот не одат работите, нужно е да дојде нов Холбрук. „О’Брајан, како посилен авторитет од Ескобар, може да ја промени ситуацијата во Косово“, вели Попов.
– Досега работите на Косово одеа од лошо на полошо. Ако продолжи овој пат така, ситуацијата нема да се реши ниту во следните 20 години. Веројатно во Вашингтон оценија дека работите не одат со темпото што го очекуваа – истакна Попов за „Блиц“, а пренесе Косово Онлајн.
– Сега се поставува прашањето дали, како во деведесеттите кога Ричард Холбрук ја имаше најголемата улога, ќе преземе поенергични акции и ќе биде повеќе на терен во разговорите со претставниците на двете страни. Само така може да се очекуваат резултати во однос на решавањето на косовското прашање – заклучи Попов.
Дипломатот Зоран Миливојевиќ, кој се смета за голем критичар на политиката на Вучиќ на Косово за белградски „Данас“ вели дека не се сомнева дека „назначувањето на О’Брајан е одраз на политиката на актуелната американска администрација на демократите предводена од Бајден“.
– Тоа е уште еден во низата докажани кадри од 1990-тите што САД повторно ги ангажираа да решаваат прашања и во регионот и низ Европа. Неговото назначување треба да се поврзе со идниот исход на војната во Украина; полека преминува од тајна дипломатија во јавна дипломатија, а во целата приказна се вклучени и Кина, африканските лидери… Се очекува нов исход и нова безбедносно-политичка архитектура во Европа – мисли Миливојевиќ.
Тој вели дека му е очигледно оти Западот на чело со САД сака да ја забрза динамиката на решавање на прашањата во регионот.
– Тоа се виде и од изјавите на Дерек Шол и Габриел Ескобар. Западот сака да создаде чиста ситуација во регионот врз основа на европскиот план, кој е обврзувачки документ за САД и ЕУ и за Приштина и за Белград. О’Брајан, Хил и останатите се докажани кадри кои добро го познаваат регионот, што го покажува интересот на американската администрација за оваа клима – рече Миливојевиќ.
Функционер со импозантна биографија која ја покажува моќта на една велесила
Инаку О’Брајан е поранешен вработен во Стејт департментот и добитник на бројни награди за служба од 1989 до 2001 година, кога беше висок советник на поранешната секретарка Медлин Олбрајт, како прв заменик директор за планирање политика и претседателски пратеник за Балканот. Тој ја предводеше американската поддршка за Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, со седиште во Хаг.
Потоа, советуваше за низа прашања, вклучувајќи мировни преговори во Европа, научни и еколошки договори, ја анализираше постсоветската транзиција во Русија и Украина и иницијативите за истрага и гонење на одговорните за воените злосторства.
О’Брајан сега ќе му биде шеф на Ескобар и има посебна мисија. Што ќе промени доаѓањето на Џејмс О’Брајан во односите меѓу Србија и САД?
– Тоа е порака дека ќе одиме кон верификација на политиката на санкции во однос на Русија и идниот развој во Европа. Со проверен персонал, САД сакаат да го решат прашањето за војната во Украина, глобалните односи, односите со Русија, да ја изградат безбедносната и политичката архитектура на Европа, да ги решат проблемите со регионот и да го воведат во трансатлантската заедница – вели Миливојевиќ.
Дипломатот очекува дека Србија сега ќе биде под уште поголем притисок, бидејќи, како што вели, американската политика ќе опстои на концептот за што поскоро решавање на сите нерешени прашања. (Ова укажува дека ниту блокада на Северна Македонија на патот кон ЕУ, ниту БиХ, пред сè, во сегментот на одговорноста на Додик, ниту институционалната криза во Црна Гора не може да се изземат од интересот на О’Брајан.)
За тоа говори и фактот дека американскиот претседател околу себе има и генерално силен тим на петмина многу искусни дипломати – заедно со О’Брајан остануваат Габриел Ескобар, Кристофер Хил, Џефри Ховенер и Мајкл Марфи – некои ќе се занимаваат со регионот како амбасадори, некои како специјални пратеници на Стејт департментот, но сите имаат една заедничка работа: тие закоравени дипломати се енергични и го познаваат Балканот „како својот џеб“ и сите зборуваат барем еден локален јазик – српскиот сигурно. Впрочем, О’Брајан (во 2001 година) беше шеф на политичкиот оддел веднаш откако американската влада повторно ја отвори амбасадата во Белград.
Дали сето ова има врска со Македонија, ќе се запраша некој? Па, да видиме што тој работеше пред да ја добие ново-старата задача на Балканот. Потоа, беше номиниран за координатор за политиката на санкции на американскиот Стејт департмент. Тоа што кај нас излегува како „црна листа“ за физички лица и фирми е дело и на Министерството за финансии и на други органи од кои се добиваат потребни информации. Сето тоа завршува на масата на О’Брајан!
А ние, на пример, имаме добра бројка на лица кои се ставени на таа листа на осомничени без чие санкционирање не може да се замисли борбата против корупцијата што надворешната политика на САД и преку амбасадорката Агелер кај нас го прогласи за приоритет!
На постоењето на овие лица и нивната недопирливост, едноставно, се базира сета ретроградна политика во земјава, а секако и евроатланските интеграции. Белки тоа е јасно. Како човек што на некој начин учествувал во креирањето на листите на лицата од „црниот список“ О’Брајан ќе биде повеќе од љубопитен кој и заради што го кочи санкционирањето на базните играчи во корумпирањето на системот кај нас.
Впрочем, дали забележавте дека Мицковски и неговите апологети нешто деновиве наеднаш стануваат нервозни околу закажувањето на брзи избори кај нас?