ИВАЈЛО ДИЧЕВ
Глобалните протести против расизам како да го заобиколија Балканот. Третманот на Ромите во балканските држави покажува дека расизмот не е само далечен проблем
Убиството на Џорџ Флојд предизвика глобален бран на солидарност со дискриминираните малцинства, не само оние во САД. Во Франција се потсетува на неодамнешните киксови на полицијата, во Израел се тематизира положбата на Палестинците, во Австралија тема се Абориџините, во Германија – романските и сириски доселеници. Во британскиот Бристол демонстрантите ја фрлија во море статуата на трговецот со робови Едвард Колстон, што потсетува на кадифените револуции од 1989 година.
Да, изгледа како светот да доживува коренита промена и многумина би се заколнале – тоа е промена на подобро.
Сепак, Балканот е катче во Европа во кое протестите против расизам беа реткост. Додека на други места илјадници луѓе маршираат во барање на човековите права, во бугарскиот главен град Софија имаше помалку од 200 млади, излезени на повик на Антифа, ЛГБТ заедницата и други левичарски групи создадени по западен урнек. Колку што разбрав, импулсот стигнал од Американци кои живеат во Бугарија.
Во комунистичка Бугарија имаше ваков виц: Што ги поврзува Бугарија и САД? Одговор: Во двете земји можеш без проблеми да протестираш за правата на американските црнци.
Тој виц веќе не е примерен: демонстрантите во Софија помалку протестираа поради полицијата во Минеаполис, а повеќе поради дискриминацијата на Ромите во Бугарија. Протестот беше започнат со трогателен говор на еден ромски новинар.
Мал собир беше организиран и во Букурешт на сличен начин. Имаше спорадични чинови на солидарност во бивша Југославија, во Турција. Регионален исклучок беше Грција, каде слични поводи ги покренуваат екстремните левичари на улични борби со традиционален американски наратив. Постоењето изворна радикална левица како да е знак дека Грција одамна е дел од ЕУ.
Демонстрациите на Балкан не само што беа слабо посетени, туку се и дочекани со неразбирање и критики, дури и припишани на архиглобалистот Џорџ Сорос.
Од една страна, како малку некој да верува оти Афроамериканците можат да имаат вистински проблеми во најбогатата земја во светот. Нивните барања за еднаквост пред законот се гледаат како заговор на Демократската партија, израз на анархија и „културолошки марксизам”. Во Софија се случи чуден собир пред американската амбасада со слогани „Запрете го црнечкиот терор” и „Поддршка за Трамп”. Се чинеше како учесниците да беа националисти наклонети кон рускиот претседател Владимир Путин.
Од друга страна, мнозинството едноставно отфрла дека во сопствените земји постои дискриминација на малцинства. Ромските сограѓани неправедно се бележат како повластени, зашто наводно профитираат од странски донации и уживаат посебен, подобар третман од страна на полицијата.
Всушност, важен аспект на балканскиот идентитет се чини е убеденоста на луѓето дека вистински жртви се единствено тие самите. Вистината е од секундарно значење, целта е да се претстават себеси како маченици и со тоа да се стекнат со изговор на другите да им се одрекне емпатија. „Ние” сме жртви на геополитички игри, комунизам, правила на ЕУ и.т.н.
Отсуството на дебата за расизам е сериозен проблем во регионот. Како во оној вицот, тоа е нешто американско, што не се однесува на нас. И во државниот социјализам , како и секаде во светот, имаше понижувачки расистички контури. Но, апсолутно беше забрането да се зборува за тоа. Овие нации немаа прилика да поминат низ болните дебати кои на Запад беа извршени по Втората светска војна, ниту да ја увидат неопходноста од промена на одредени политики.
Во балканската верзија постојат само групи кои се борат, а од поединците се очекува да го поддржат својот тим. Србите ги угнетуваат Албанците, па потоа Албанците се одмаздуваат на Косово. Турците ги „поробуваат” Бугарите, па потоа Бугарите победуваат. Православните се креваат против муслиманите, католиците против православните….
Но, расизмот не е политичка борба меѓу народите. Тоа е културолошка предрасуда длабоко всадена во општеството, која доведува до систематски третман на цели групи како инфериорни. Ромите се најтажен пример, но тука се и мигрантите во Грција и Турција, сексуалните и родови малцинства насекаде.
Расизам е кога твоето име, потекло, боја на кожата или телото те доведуваат во инфериорна положба. Кога не те пуштаат во базен зашто си наводно нечист, можеби и заразен.
Крајната десница ќе рече дека сака еднаквост, но малцинствата треба да ги почитуваат законите како и сите други. Аргументи наоѓа во тоа што ромските маала, исто како и квартовите каде во САД сега живеат исклучиво Афроамериканци, статистички имаат повисока стапка на криминал. Но, дали е таквата статистика аргумент или причина некој да биде уапсен само затоа што потемната боја на кожата е сомнителна?
Замислете во Германија за работно место да конкурираат Бугарин и Естонец. Работодавачот вели: „Вие Бугарите сте на дното на ПИСА тестовите за образование, не сакам ни да проверувам колку знаеш, ќе го земам Естонецот, зашто неговата земја е на врвот на табелата.” Дали тоа ќе биде праведно? Можеби без оглед на статистиките, овој Бугарин е многу пообразован од овој конкретен Естонец.
Или овој пример: знаеме дека деведесет проценти од насилните кривични дела ги вршат млади мажи. Дали полицијата би требало да го приведува секое момче што ќе го затекне во десет часот навечер?
Томас Џеферсон ја кажал познатата реченица: „Нема ништо понеправедно отколку еднаков третман на нееднакви луѓе”. Ако општеството сака интеграција на граѓаните кои стартуваат од незавидни позиции, тогаш треба да им помогне да почнат од фер-позиција.
Новиот расизам развива нова идеологија на формализам, буквална еднаквост пред законот: еднаквост на лицата родени во дворец и оние родени во фавела. Во Бугарија и Романија, што е апсурдно, некои граѓани ја тужеа државата зашто наводно го дискриминира мнозинството со политика на позитивна дискриминација на Ромите.
Глобалниот излив на антирасистичка солидарност би требало на Балканот да му покаже дека на прагот има темпирана бомба. Расизмот ја подрива кохезијата на овие општества, од кои некои уште докрај не ги ни изградиле своите нации. Расизмот ги маргинализира овие земји во однос на глобалниот свет, поттикнува некој вид провинцијален ресентимент против странските работници, инвеститори, стручњаци, па дури и туристи.
Изговорот дека балканските земји немале колонијална историја како западните општества, па со тоа не можат да имаат проблем со расизам, е само забивање на главата во песок. Расизмот кој се турка под тепих би можел да биде уште поопасен, па би било добро да почнеме да се соочуваме со него така што ќе почнеме да зборуваме за нег
(Дојче Веле)