Драмите не само што се структурирани во духот на бајковидното раскажување, туку и низ пародиска призма ги преиспитуваат моделите на сказната и басната. Јас сум поборник на премисата дека – бајката всушност е сон, а дека сонот е поубавата половина од реалноста – вели Љубомир Грбевски, автор на повеќе книги за најмладите
Интервју со Љубомир Грбевски, новинар, поет и драмски автор, кој во својата последна книга „Лет со умот кон папокот на универзумот“ низ пародиска призма на моделите на сказната и басната и преку лексиката и јазичните бравури на тинејџерите, младешкот протест го претвора во литература употребувајќи модерен жаргон и новоговор на новата генерација
Повод за ова интервју е претставувањето на Вашата последна книга „Лет со умот кон папокот на универзумот“ пред публиката во Кавадарци, а која беше промовирана годинава, на почетокот на јули, на манифестацијата „Скопско лето“. Книгата е наменета за младата генерација адолесценти. Објаснете поточно за што станува збор во ова Ваше дело?
– Ова е четиво кое содржи три драмски игри во стихови -„Лет со умот кон папокот на универзумот“ кој всушност ѝ го позајмува насловот на целата книга, „Здодевна бајка“ и „Шумско востание“наменети, пред сé, за млада тинејџерска популација. Драмите не само што се структурирани во духот на бајковидното раскажување, туку и низ пародиска призма ги преиспитуваат моделите на сказната и басната. Јас сум поборник на премисата дека – бајката всушност е сон, а дека сонот е поубавата половина од реалноста. Оваа книга, всушност, е некакво логично продолжение на мојата претходна книга „Бајки тралалајки“.
Во книгата употребувате нова форма на изразување со модерен жаргон, со цел да се приближите до вкусот на денешните деца, па дали успеавте во тоа?
– Јас го набљудувам однесувањето, артикулацијата, и воопшто феноменологијата насозревањето и генерациските судири, најпрвин во односот со мојот син, тогаш тинејџер, и со неговите другари, а подоцна, т.е. сега,во односот со мојот внук кој е на прагот на тин-добата, што ќе рече,ја наслушнувам нивната лексика, нивните јазични бравури и дисторзии,детерминирани пред сé од нивниот младешки протест, обидувајќи тоа да го претворам во литература. Така што, логично е да го користиш тој „новоговор“ на новата генерација. Инаку, ќе нема комуникација! Дали сум успеал не знам, тој одговор ќе го кажат читателите…
Што Ве инспирираше да го создадете ова дело, кое претставува Ваша четврта книга?
– Јас сум од онаа сорта луѓе што смета дека писателите треба помалку да измислуваат, а повеќе да забележуваат, еден чекор пред останате. Темите како мечиња, мачиња, зајачиња, пасторални предели, цвеќиња и сл. воопшто не се во мојот домен на интерес, за мене е предизвик она што се случува во главите и во душите на тие млади луѓе и нивниот однос кон светот на возрасните. Еден дел од одговорот е содржан и во одговрот на претходното прашање.
Колку денес љубовта кон книгата почнува да се гради од најмала возраст со читање бајки, како што беше традиција од секогаш, особено ако се има предвид достапноста на современата технологија која го задушува читањето, но и мисловниот процес?
– Тоа е работа на социолози, педагози и друг вид мислители и теоретичари. На писателите е работа да создаваат литература.Стереотипите дека„љубовта кон книгата почнува да се гради од најмала возраст со читање бајки“ колку и да се вистинити, во одредени епохи доживуваат преиспитување, корекција. Мене, интимно ми е жал, но технолошкиот напредок не се запира. Добро, ова се негативните ефекти, но веројатно ќе требаат некакви прилагодувања,некакви нови форми, некакви сајбер „книги“ што ќе го потиснат пасивното користење на технологијата и ќе го преобрнат во активно, креативно. Инаку ќе се вратиме во дивјаштво.
Дали сте направиле и други форми на детска литература, во смисла на поезија, или драмски текстови кои можат да бидат пласирани и во друг медиум?
– Секако, мојата дебитантска книга „Стихови празни и рими безобразни“ изададена далечната 1991година е токму со таква содржина, тоа се антипесни за тинејџери. На мое искрено изненадување доживеа две изданија! Потоа, во наредната „(Хоро)скопски шеми“ која е во два дела – лев и десен, првиот дел е поезија, а вториот драмски текстови. Но, сеедно, јас интимно себеси се доживувам, пред сé, како поет. Поезијата, во уметничка смисла, е мојата прва и најголема љубов. И поезијата и драмските текстови се компатибилни со други медиуми, секако. Еден драмски текст – „Како шутот доби на дар, работно место да стане цар“ е преточен во едночасовна радиодрама со оригинална музика специјално пишувана за овој проект, која ја напиша мојот артистички „сијамски близнак“ Јаков Дренковски. Потоа, неколку песни се искористени како текстуална подлошка за композиции за деца, што ги напишаа композиторите Ванчо Димитров, Љупчо Трајковски-Фис. Некои дури беа изведени на детскиот фестивал „Веселото штурче“…
Се определивте за дела наменети за деца. Зошто?
– Отсекогаш мојата целна група биле тинејџерите и децата. Практично, јас ги сметам за најискрена публика. Нема кај нив никакви скрупули, никакво лицемерие – или им се допаѓа и го задржуваш вниманието, или не им се допаѓа и истиот час ти го вртат грбот!
Постои ли нова инспирација и нов проект на кој ќе работите во наредниот период, а е поврзан со децата, но и за друго творештво?
– Хм, има еден текст кој се обидувам да го стокмам, нешто како либрето за детски рап мјузикл , кој е во корелација со мојава последна книга т.е. со еден нејзин дел, дури одредени сегменти се вметнати во него, но далеку е од финализирање. Паралелно со ова голем дел од енергијата арчам и на еден ракопис кој е во доста поднапрената фаза. Работниот наслов е „(Калеидо)скопски шеми“. Повторно се работи за песни за тинејџери. Впрочем, и поднасловот ќе биде: Џери за тинејџери – урбани песни, удобни како чевли тесни…
Кој е Џери?
– Тоа е мојот пекар од детство, што го влечам зад себе како опаш, веќе половина век…