Не оставивме никого зад себе, се грижиме за секој, тоа е императив за СДСМ и во наредниот период, наскоро ќе има и нови мерки за финансиска поддршка на граѓаните, пакет антикризни мерки, а со Закон за минимална пензија ќе го заокружиме процесот на реформи, рече потпретседателот на СДСМ и вицепремиер Фатмир Битиќи пред тв камерите
Во гостувањето на Канал 5 вицепремиерот Битиќи истакна дека Владата предводена од СДСМ со системски решенија и навремени мерки го поддршка стандардот на граѓаните и компаниите во време на кризи и така ќе продолжи. Пензионерите ќе бидат дел од новиот пакет антикризни мерки, додаде тој.
Имаме разбирање за сите барања на пензионерите, затоа и минатата година и оваа година имаше антикризни мерки и пакети за поддршка, енергетски пакет, пензионерите ќе бидат опфатени и со новиот пакет антикризни мерки. Заради тоа што имаме разбирање. Законски обезбедивме два пати годишно усогласување на пензиите и досега два пати се зголемија, значи дава резултат, пензиите растат. Ние сакаме системски решенија. Дополнително со носење на нов Закон за минимална пензија ќе го заокружиме процесот на реформи. После тоа ќе зборуваме за многу поубави работи за пензионерите, рече потпретседателот Битиќи.
Успеавме Бруто домашниот производ (БДП) да го зголемиме за 3 милијарди евра во споредба со ДПМНЕ, а парите денеска ги враќаме назад кај граѓаните, додаде Битиќи.
-Во 2017 година нашиот БДП бил 9.7 милијарди а во 2022 е 12.9 милијарди. Значи за 3 милијарди сме го зголемиле Бруто домашниот производ. Имаме зголемување на долгот од 2,8 милијарди од кои 2,2 милијарди се за антикризни мерки, вратени кај граѓаните. Тоа е многу важно, за што се трошат парите. Не сме ставиле ниту еден денар ниту во Белата палата, ниту во стиропор, ниту во жални врби. Ама ги вративме сите пари назад кај граѓаните. Во 2020 година, 2021, 2022 година, преку антикризните мерки, 80% од електричната енергија ја плаќа Владата, потенцираше Битиќи.
„Сметам дека добро во општеството да имаме идеолошки определени политички партии затоа што сметам дека полека треба да се напушти концептот на претставување на само етнички предзнак. истакна Вицепремиерот за европски прашања Фатмир Битиќи во интервју за „Само интервју“ на Канал 5.
Тој додаде дека би било убаво и ДУИ идеолошки да се определат, да имаат членови од сите различности, посочи дека исто така би било убаво и ВМРО да не не враќа 20тина години наназад, па да зборува за идеологии, за вредности, да зборува како другите различности освен на една етничка група се битни во нашето општество, затоа што тоа е реалноста на нашата држава.
„Нашата држава е таква каква што е, не затоа што Фатмир Битиќи сака – таа била, е и ќе остане мултикултурна и ние треба да прифатиме дека секој еден во оваа држава треба да ја има можноста да придонесе за едно подобро утре“, заклучи Битиќи.
Кога одлучив активно да се вклучам во политичкиот живот на државата, личната одговорност ја прифатив како основен вредносен принцип, политички ориентир кои ги поставува рамките на сите мои лични ставови, мислења или позиции, било тоа да е како потпретседател на СДСМ или пак како вицепремиер за економски прашања во Владата, вели за 24инфо.мк, вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи.
Само на тој начин, длабоко сум уверен, можам подеднакво да им служам на сите граѓани и во тоа служење да не се затскривам зад припадности на различни колективи. За своите лични неуспеси никогаш не сум барал, ниту пак ќе барам, изговори во колективни припадности, било тоа да е партија или етничка заедница. Затоа и не можам да прифатам да бидам дел од јавен дијалог, кој плуралноста на мислењата и различностите, ги сведува на црно-бел свет, туркајќи го општеството во антагонизам помеѓу колективи, кој може само да го разјадува, а не и да го унапредува.
Моите лични вредносни стандарди имаат императивно значење, да не бидам активен чинител во развивањето на јавна дебата која наместо да понуди уверливо толкување за политичките процеси, свесно е ставена во функција на развивање на медиумски простор во кој колективниот триумфализам треба да преовладува. Не можам да бидам дел или да потхранувам медиумска потрага по колективи кои ќе бидат непријатели или виновници за нечиј лични политички неуспех или компензации за отсуство на нечиј личен интегритет. Нема да бидам „храна“ за легитимирање на простор во кој ќе се развива шовинистичка и стигматизирачка јавна дебата за десничарски теми отворени и наметнати од групи на кои европските перспективи им се закануваат да ги турната на политичките маргини, да ги разградат и потопат во нивните политичките страсти и слабости.
Затоа моето заминување од настанот во делот предвиден за изјави за медиуми, претставува чин на отпор кон развивањето на политички контекст кој гравитира кон колективизмот, а не кон развивање на личната одговорност на актерите на јавната сцена, било тоа да се политичари или други.
Не дозволувам било кој да ме турка во живата кал на етноцентризмот, затоа што тоа ќе не доведе до институционален канибализам, на саморазјадување на мојата татковина. Вредностите ме обврзуваат да давам отпор против сите оние кои на мојата татковина Македонија, на нејзините успеси или неуспеси, гледаат низ колективни призма, а не низ самите себеси, низ својата подготвеност преку свој личен пример или напор нешто да променат на подобро.
Постојат проблеми за кои треба да разговараме, постојат нејаснотии кои треба да ги разјасниме, постојат препреки кои треба да ги надминеме, но во сето ова може да успееме доколку на граѓаните им служиме преку свој личен пример, преку подготвеност да сносиме лична, а не, колективна одговорност.
Верувам во едно општество за сите, верувам дека во нашите различности можеме да пронајдеме витална енергија која ќе не води напред, која бенефициите од напредокот подеднакво ќе ги распределува помеѓу сите граѓани, независно од нивната етичка, верска или културна различност.
Различностите не ги разбирам како исклучителни помеѓу себе, како причина за колективни триумфализми, туку како надополнување по еден заеднички пат, по кој сите чекориме, се поддржуваме и резултатите несебично ги споделуваме.
Најдобар пример ни е македонската фудбалска репрезентација, во неа различностите се надополнуваат со преземање на лична одговорност од играчите да го дадат својот максимум на теренот, само тогаш успеваат да постигна успех кој подеднакво го споделуваат.
Наративот кој го слушаме во последно време е ограничувачки, тој го гуши или подобро речено го елиминира квалитетот, бидејќи за него само бројката е важна. Според овие политички ставови кои добиваат гласност во медиумите, тоа значи ако имаме Албанец на една клучна позиција во државата, нема место за втор бидејќи не е важен вредносниот принцип туку само колективната припадност или, ако во Владата имаме министер со презиме што завршува на „иќ“, нема простор за втор.
Затоа ако се препуштиме на раздвојувањата, на поделбите, ако дозволиме да не обземе потрагата по колективни непријатели или виновници, тогаш и спортските успеси ќе треба да ги раздвојуваме. Секој постигнат гол нема да оди на заедничко конто туку ќе се раздвојуваме, фудбалери Македонци постигнале 3 гола, фудбалери Албанци постигнале 2 гола, а противникот 4 гола. Кој е победникот?