Постоеше систематското создавање на илузија преку лансирање на флоскулата Никогаш Северна, што евидентно влијаеше на намалување на интересот на граѓаните за замена на личните документи. Вториот момент беше, Северна Веднаш, што резултираше со огромен наплив на барања и гужви
Зголемената фреквенција во управните служби со издавањето на личните документи, што настана по стапувањето на сила на техничката влада е резултат на сценарио кое е политички мотивирано. Имено, има два клучни моменти. Прво, е систематското создавање на илузија преку лансирање на флоскулата Никогаш Северна, што евидентно влијаеше на намалување на интересот на граѓаните за замена на личните документи. Вториот момент беше, Северна Веднаш, што резултираше со огромен наплив на барања и гужви за издавање на документи со новото име на државата, вели во интервју за „Локално“ Митко Бојмацалиев, заменик-министер за внатрешни работи во техничката влада.
Тврдењето дека е оштетен Буџетот се заснива на претпоставката дека се нарачувале обрасци со старото име на државата по потпишувањето на Преспанскиот договор и тоа е точно, истакнува Бојмацалиев.
– Точно е, се издаваа патни исправи со старото име на државата. Тоа се правеше се до моментот до кога се создадоа легални услови, да може да се издаваат документи со новите обрасци. Тоа се случи по усвојување на измените на двата клучни закони, Законот за безбедност во сообраќајот и Законот за патни исправи. Од Јуни 2021 година започна издавањето на патните исправи со новите обрасци, истакнува тој.
Во однос на истрагата за инцидентот пред ноќен клуб во центарот на Скопје, кога полициски службеници беа спречени да ја вршат службени дејствија во акција за спречување на недозволена трговија со дрога, од страна на нивни колега, смета дека ваков настан се случува за првпат во поновата македонска историја.
– На почетокот од мојот мандат јасно повикав без притисоци и без уцени од било кого, од било која политичка партија. Тоа нема да биде толерирано, порача заменик-министерот за внатрешни работи во техничката влада во интервјуто.
Убеден е дека МВР може да спроведе мирни претседателски и парламентарни избори.
– Сите наши напори се фокусирани кон спроведување на фер, слободни и демократски избори, по европски терк. Очекувам, и работиме кон тоа, изборниот процес да биде транспарентен, фер и демократски, со целосно почитување на правата и слободите на граѓаните
Речиси еден месец Тошковски е на чело на МВР. Од опозицијата велат дека е саботиран, од владината гарнитура велат дека работи по „партиска агенда“. Како ја оценувате досегашната негова работа и дали некој го саботира техничкиот МВР?
– Категорично ги отфрлам обвинувањата дека некој некого саботира во МВР. Поткрепа на тоа се самите бројки на пристигнатите обрасци за пасоши. Еве, во четвртокот ноќта пристигна пратка од 140.000 обрасци за патни исправи, како што најавив, а исто така, за многу скоро време ќе пристигне уште една пратка од 85.000 обрасци. И, со тоа, ја постигнуваме бројката од 1.734.000 обрасци за патни исправи, а до крај на летото, крај на август да финишира целиот процес.
Имаме 1.803.000 граѓани кои имаат важечка патна исправа, а МВР има реализирано нарачка од приближно 2 милиона. Така што, не може да стане збор за потфрлување од страна на МВР. МВР ја има предвидено потребата на граѓаните.
Во 2021 и 2022 година имавме голем број на побарувања за смена на личните документи. Во овие години во месеците декември и јануари, имаме во просек по 40-50.000 побарувања од граѓани за смена на лични документи. Со веќе стивнатата реторика на политичките партии за враќање на старото име на државата во декември и јануари 2023 имаме над 170.000 барања од граѓаните за смена на документите. Имавме временски простор да ги промениме сите лични документи, доколку политичките партии не водеа политиканство.
Она што е важно е тоа дека покажавме дека капацитетите на МВР извршуваат услуга кон 170.000 граѓани за краток временски период.
Поднесена е кривична против поранешниот министер Спасовски дека ги оштетил граѓаните и буџетот, бидејќи набавувал обрасци за лични документи и ги издавал на граѓаните иако знаел дека нивната важност истекува на 12 февруари годинава. Виновен ли е Спасовски за хаосот со личните документи?
– Зголемената фреквенција во управните служби со издавањето на личните документи, што настана по стапувањето на сила на техничката влада е резултат на сценарио кое е политички мотивирано. Имено, има два клучни моменти. Прво е систематското создавање на илузија преку лансирање на флоскулата Никогаш Северна, што евидентно влијаеше на намалување на интересот на граѓаните за замена на личните документи. Вториот момент беше, Северна Веднаш, што резултираше со огромен наплив на барања и гужви за издавање на документи со новото име на државата.
Како аргументација на претходното, сакам да истакнам дека за време на раководењето на Спасовски со МВР немаше никаков застој во процесот на промена на личните документи. Одговорно тврдам, дека тогаш личните документи им се издаваа на граѓаните во рок од 15 дена.
Тврдењето дека е оштетен Буџетот се заснива на претпоставката дека се нарачувале обрасци со старото име на државата по потпишувањето на Преспанскиот договор. Точно е, се издаваа патни исправи со старото име на државата. Тоа се правеше се до моментот до кога се создадоа легални услови, да може да се издаваат документи со новите обрасци. Тоа се случи по усвојување на измените на двата клучни закони, Законот за безбедност во сообраќајот и Законот за патни исправи. Од Јуни 2021 година започна издавањето на патните исправи со новите обрасци. Во периодот по потпишување на Преспанскиот договор, па се до создавањето на правните претпоставки за имплементација на истиот, преку усвојување на измените на двата закона и носењето на повеќе подзаконски акти, граѓаните кои аплицираа за патни исправи и други лични документи, ги добиваа со старото име на државата. Тоа беше единствено можно и единствено исправно.
Во тој контекст сакам да истакнам дека овој временски период менџментот на МВР го искористи за целосна техничка подготовка, за спроведување на сите процедури и оспособување на системот за издавање на новите обрасци. Ова беше исклучително сложен процес кој се одвиваше во исклучително специфични услови. Без намера да барам оправдувања, морам да исткнам дека процесот беше дополнително искомплициран и со усвојување на Законот за употреба на јазиците, со кој се предвидоа дополнителни 5 нови видови на лични документи за граѓаните, покрај постојните два вида (македонски и албански). Сето тоа се одрази на усогласувањето на проектните документи за изгледот на новите лични документи,изработката на специментите и слично. Во министерството работеа повеќе проектни тимови кои ја подготвуваа функционалната спецификација, по што следуваше нарачката на новите обрасци. Во тој правец беше извршена инсталација на новата хардверска опрема, бројни тестирања, подготовки на персоналот, обуки, се инсталираа нови базни станици во сите организациони единици за управни работи во државата а во соработка со МНР и во повеќе странски држави, согласно проценките.
Пак ќе повторам, пристапувањето кон набавување и пуштање во употреба на новите лични документи беше правно возможно единствено преку усогласување на правната рамка во која се уредени новите лични документи. Но, евидентна беше намерата на опозициските политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и Левица, со нивниот поднесок од над 1200 амандмани на законските решенија.
На крај, ако ја погледнете математиката, ако се издавало од јули 2021 до 12 февруари 2024 континуирано, секој работен ден, со максимален капацитет на машината од 3,000 обрасци, бројката која би се постигнала изнесува 1.890.000, а бројката од важечки пасоши е вкупно 1.803.083.
Би рекол дека е сосема очекувано да се создаде зголемена фреквенција во управните служби, под паролата Северна Веднаш, како уште една во низата предизборни алатки на опозиција. Ќе потсетам на гужвите за време на промената на биометриските документи – од 2007 до 2010, документирано и проверливо.
Сметам дека е време да ги надминеме ваквите политиканства и наместо тоа, да се фокусираме на постигнатите резултати. Како МВР ги создадовме сите услови за навремено издавање на личните документи, но жалам што исто така беа создадени сите услови за оваа смислена политичка манипулација.
Каде го гледате излезот од оваа ситуација, дали преку поднесениот закон во Собранието од страна на опозицијата?
– Законот поднесен од страна на опизицијата нема никаква правна вредност, ниту во македонската законска регулатива, ниту пак во меѓународното право. Во меѓународното право важи принципот дека договорите мора да се почитуваат. Впрочем, самиот Договор од Преспа не содржи преодни и заврши одредби кои би овозможиле некаква ревизија.
(lokalno.mk)