ФАТМИР БЕСИМИ
Новите земји членки при пристапувањето треба да бидат целосно подготвени да се приклучат кон заедничките цели и обврски во Унијата. Исто така, критериумите треба да бидат аплицирани во административните структури
Покрај унапредувањето на структурата на економијата, конвергенцијата на земјите кон Европската Унија се реализира и преку усогласување со наднационалното законодавство на Унијата (Аcquis communautaire), односно правата и должностите коишто ги поврзуваат членките во Унијата. Се поставуваат политички критериуми, како демократија, човекови права и почитување и заштита на малцинствата, функционирање на институциите, владеење на правото. Исто така се врши усогласување и од аспект на економските критериуми, односно функционална пазарна економија, конкурентност, макроекономска стабилност. Накусо, новите земји членки при пристапувањето треба да бидат целосно подготвени да се приклучат кон заедничките цели и обврски во Унијата. Исто така, критериумите треба да бидат аплицирани во административните структури, односно неопходно е земјите кандидати да изградат административни капацитети кои ќе бидат доволни за спроведување на она што го предвидува усогласената законска рамка.
Пред да започне процесот на усогласување на ЕУ со земјите кандидати за членство, се врши процес на скрининг, при што ЕК го презентира целокупното законодавство коешто треба да се транспонира во националното за секое поглавје одделно, додека земјата кандидат ги презентира моменталните состојби. По подготовката на Извештајот за завршен скрининг (Screening Report) од страна на ЕК, се отвораат поглавјата за преговори, со одлука на Советот на ЕУ. За време на преговорите земјата се обврзува со рокови да изврши целосно усогласување со европското законодавство. По завршувањето на преговорите, се определува датум за полноправно членство во ЕУ.
Во однос на кластерите кои се однесуваат на јавните финансии, досега беше одржан билатерален скрининг за околу половина од областите/поглавјата. Беа покриени поглавјата кои се однесуваат на макроекономската стабилност, способноста на финансискиот сектор да ги насочи заштедите кон продуктивно финансирање, јавна внатрешна финансиска контрола, заштита на финансиските интереси на ЕУ, заштита на еврото од фалсификување, движење на капитал и исплати, спречување на перење пари, банки и финансиски институции, осигурување и пензиско осигурување, пазари на хартии од вредност, индиректно и директно оданочување, административна соработка и меѓусебна помош и оперативен капацитет. На мое големо задоволство, најголем дел од добиените препораки во текот на скринингот се во постапка на реализација, а има и некои кои во меѓувреме се реализираа. Но, пред нас стојат уште многу обврски, членството во ЕУ е еден сериозен предизвик и доколку бидеме посветени овој предизвик ќе го добиеме, како и вредните награди кои ги носи.
Економски и неекономски придобивки од ЕУ
Сосема накусо ќе се осврнам на придобивките од членството во ЕУ, за кои вистина досега имам пишувано многу, но ќе се навратам бидејќи не би сакал на читателот да му ја ускратам целината на ова четиво. Европската Унија е пред сѐ, економски сојуз, таква и е и историјата и сегашноста. Економската и социјалната благосостојба отсекогаш била причината за поврзување, уште од Европската заедница за јаглен и челик. Станува збор за една од економските суперсили, со пазар од над половина милијарда потрошувачи и цврсти синџири поврзани во глобалната трговија. За малите економии (како нашата), само пристапот до нови потрошувачи на единствениот европски пазар, ветува многу од аспект на забрзување на растот. Соодветно на погоре кажаното, лесно е да заклучиме дека најбројни се економските придобивки. Така впрочем и ќе ги класифицирам, на економски и неекономски придобивки.
Во рамки на економските придобивки, прво ќе го истакнам подобрувањето на животниот стандард, како ефект од членството во ЕУ. Согласно спроведени студии и анализи на подолги временски серии на ефектот на ЕУ се проценува на дополнителни 12%-20% од БДП по жител. Кога станува збор за ефектите од единствениот европски пазар врз трговијата и врз БДП, одредени студии ги квантифицираат на околу 10% од БДП на ЕУ во просек. Кај новите земји членки, се забележува и подобрување на климата за водење на бизнис, како и напредок во структурните реформи. Придобивка е и пристапот до европските фондови, кои стануваат достапно со секое ново ниво на патот на интеграцијата. Вкупниот буџет на ЕУ за 2021-2027 година е проценет на околу 2.000 милијарди евра, средства насочени кон поддршка на различни области од интерес на земјите членки. Тука би посочил дека во изминатите 30 години поддршката на ЕУ за нашата земја се проценува на над 3,3 милијарди евра (преку грантови и макрофинансиска поддршка).
Кога зборуваме за неекономските придобивки од членството во ЕУ би можеле веднаш да ги истакнеме зајакнувањето на демократијата и доброто владеење – слободата на изразување, политичката стабилност, квалитетот на регулативата, ефективноста на владеењето, владеењето на правото и контролата на корупцијата. Исто така, во ЕУ многу значајни глобални прашања се адресираат координирано, што е особено значајно за мала економија како нашата. Таков пример се климатските промени и загадувањето на почвата и водата, што ја подобрува ефикасноста и ефективноста во делувањето во споредба со она што би било ограничено во национални граници. Исто така, во оваа поделба ќе ја ставиме и заедничката борба против корупцијата, криумчарењето и спречувањето перење пари, понатаму прекуграничната размена на информации во насока на заштита на правата на граѓаните, вклучително и како потрошувачи. Последно и воедно најважно е дека сигурноста што ја нуди ЕУ, особено во услови на глобални безбедносни предизвици од хибридни напади и геостратешките превирања што носат многу неизвесности.
Посветеност и храброст за европската перспектива
Членството во Европската Унија е наша стратешка определба која ќе обезбеди подобра перспектива за нашите граѓани. Тоа значи подобра иднина за нас и идните генерации дома, а не во странство. Сепак, овој процес не е воопшто лесен, ниту едноставен, кој бара голема посветеност и трпение, но во исто време и храброст за носење важни одлуки. Како што донесовме храбри одлуки со уставните измени пред членството во НАТО, така и за членството во Европска Унија потребни се храбри одлуки за уставните измени кои се дел од процесот за отворање на преговорите со ЕУ. Но, исто така, ќе треба уште многу работа и посветеност во преговорите до полноправно членство во ЕУ.
На крајот, би сакал да повторам една мисла која ја напишав, исто така во друга колумна издадена околу Денот на Европа, а посветена на евроинтеграциите, пред повеќе години, кога ја извршував функцијата вицепремиер за евроинтеграции. Тогаш посочив и оваа мисла стои цврсто како столб – „единствена опција за нас е продолжување на нашата европска агенда“, како и дека има задачи кои треба да ги извршиме за станеме дел од овој сојуз, заснован врз вредностите на човековото достоинство, слободата, демократијата, еднаквоста, владеењето на правото и почитувањето на човековите права.
Да ја донесеме ЕУ дома!