Дали Кина се уште ни ја помни Цилевата милјарда долари, односно признавањето на Тајван? До кога Путин ќе се лути кога сме одбиле понудата да добиеме вакцини кои и онака не ги минаа сите филтри за признавање на ефикасноста? Силна поткрепа за антиваксерите кај дел од јавните личности, па и од лекари!
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Нема сомнение дека Македонија е многу воочлива жртва на сериозните геополитички пресметки кои се водат постојано. Овој пат со биолошкото оружје. Некој изјави дека атомските бомби веќе не се толку значајни во арсеналите на големите сили, колку што се тоа депоата каде се чуваат вакцините. Тука се уште нема ни изграден „боев кодекс, ниту е јасно дали ќе има пауза да се соберат мртвите – и онака тие не се на некакво бојно поле, туку лежат по дворовите на болниците на секоја држава засебно! Не е познато до кога и колку некоја голема сила ќе мами мала држава околу тоа кога ќе и” испорача вакцини за кои се договорила. На министрите за здравство на таквите земји секако им е најтешко – не смеете да помислите да ги кудите своите добавувачи. Не дај боже да се буните за цените по кои треба да ги купите тие пакети со „волшебната течност“ а згора треба постојано да се заблагодарувате кон оној кој очевидно, при здрави очи, ве мами и се игра со вас, поточно со здравјето на стотици илјади граѓани кои треба да умрат додека некој некаде во некој кабинет не се смилува и даде знак авионот кон малата држава да тргне. Кај нас тие вакцини може да ги носат, како што еднаш се случи со руските вакцини и со препорачана поштенска пратка, на пример.
ЦИЛЕВАТА МИЛИЈАРДА Деновиве имаше потсетување во една тв емисија дека односот на Кинезите кон нас како да е замрзнат уште во периодот на Цилевата милијарда. Ова значи дека во Пекинг политичарите помнат и настани од пред речиси четврт век, како секој ден да се хранат со продукти каде има сериозни освежувачи на меморијата. Веројатно тоа е резултат и на локалната богата кујна?!
Кај нас претпоставувам речиси никој не ја помни таа голема лага со која се изведе пресметката на политичката сцена во Македонија во 1998 година. Тоа беа звучно изброени пари со кои на сцената се искачија припадниците на новоскроената коалиција ВМРО ДПМНЕ – ДА. Првата цена која земјава ја плати тогаш за милијардата долари кои ни се ветија ако го признаеме Тајван е токму фактот дека ја разлутивме Кина, постојаната членка на Советот за безбедност на ОН и дека нашите граници ги напуштија мировните сили кои добро си ги вршеа задачите. Потоа дојде воениот конфликт по лесното прелевање на конфликтот за и околу Косово во земјава. И да не набројуваме – факт е дека од тогаш имаме само еднонасочни односи со Кина, при што, кај нас доаѓа капитал, на специфичен начин, заедно со работна сила, имало и подмитувања, разбравме од снимените и објавени аудио сведоштва. Не се до крај обработени купувањата на автобусите за градскиот превоз, купуваме и возови, што се е нормално ако односите меѓу двете држави меѓу другото и преку испораката на вакцини не се покажаа како коректни! Да не ја споменувам ниту ситуацијата со прилично лесниот влез на технологијата на „Хуајвеј“ преку фирма зад која стоеше сега покојниот Жарко Луковски. Ова го говориме заради актуелниот бој меѓу фирмите од тој технолошки калибар меѓу Истокот и Западот. Колку што дознав од промоцијата на овој производ, многу години наназад во Сити Мол, Кинезите за овој чекор со кој стапнаа на Балканот возвратија со неколку стипендисти (потенцијални) од некој од техничките факултети.
Дали сето ова погоре споменато не беше доволно за да го прикрие бламот со Цилевата милијарда од Тајван? Инаку Циле Национале, беше осуден на три години затвор и на исплата на отштета од три милиони долари. Дали ги врати парите? Лежеше ли во затвор. Се знае само дека годинава треба да заврши долгот на земјава кон кредиторите по овој основ!
И да беше тоа доволно за Пекинг, сигурно дека една велесила на многу брутален начин се свети врз еден мал народ од кого секако не се женира кога од него и неговите ептен скромни буџети профитира!
Ова треба да се знае кога се користи ситуацијата со вакцинирањето, особено од политичката опозиција која бесрамно селектира и пласира информации на оваа тема. Те на Кинезите сме им платиле на „погрешна сметка“, те не сме оделе директно во Владата… Па во ВМРО ДПМНЕ добро ззнаат како одело плаќањето, имаа толку фактури од кинески фирми? Да го прашаме Миле Јанакиески, бидејќи неговиот шеф е во Будимпешта. Можеби таму ги крцка парите од провизијата?
БРИТАНСКИОТ ПРИМЕР Како контрапример, за тоа што се случува и во земјата која има доволен број на вакцини и која дневно „боцнува“ десетина илјади пациенти да ја земем – Велика Британија. Еве што кажува статистиката која за порталот „Нова“ ја понуди охриѓанката – проф. Теута Ѓуладин Хелон, која предава на Медицинскиот факултет при Универзитетот на Централен Ланкашир, каде го предава и води предметот Медицина заснована на докази (Еvidence-based Мedicine), која, како што вели таа предмет што меѓу другото, опфаќа и аспекти од јавното здравје и епидемилогијата
Професорката вели дека „досега повеќе од 31 милион граѓани ја примија првата доза од вакцината против коронавирусот, додека речиси пет милиони ја добија и втората доза. Амбициозниот план на владата предвидува вакцинирање со најмалку една доза на целокупното полнолетно население до крајот на јули 2021. Само како илустрација на таа детерминираност, би ја навела бројката од приближно 850.000 аплицирани вакцини само на 21 март“. Оваа држава со бројно население
(Велика Британија по статистика со датум од 2019 година има 66,8 милиони жители, од кои 66,8 живеат во Англија, 5,5 милиони во Шкотска, Велс има нешто над три милиони и Северна Ирска близу два милиони) имала дневно ниво на зараза со ковидот од 81.150 лица (пред Нова година. Аа сега таа бројка е симната на отприлика нашето дневно ниво (1.200 – 1.300 лица). Ова се случува паралелно со почнувањето на интензивна вакцинација на почетокот на годинава. Како што вели медицинското лице Денис Јанкуловски, наречен Космонаукот, заради фактот што често го има со скафандер додека ординира со децата, вакцинацијата е почеток на победата над пандемијата.
На 2 април во Обединетото кралство – според лекарката – имало на дневна основа 3.400 новозаболени и 52 починати. Не е преголема бројка за бројот на населението, но многу е поважно што UK имало Р- фактор од 0,7 до 0,9, што одговара на бројот на лица што во просек заразува еден заболен. Но, неодамна и министерот Филипче рече дека и кај нас тој индекс е под 1 и дека тоа е првиот знак за подобрување на состојбата во борбата со ковидот. Ние немаме – се разбира – голем број вакцинирани лица (20 илјади лица се вакцинирани дфо сега тука, непознат е бројот на вакцинирани во Србија и околу 130 илјади лица кои го преболеле ковидот и се имуни на него, што е рамно на 15 отсто од населението кое подлегнува на овој процес на имнузација), но сепак и стартот дава охрабрувачки показатели.
И кај приемот на руските вакцини, иако една мала доза веќе добивме не е многу подобар резултатот од „војната со иглата“ која се води на планетарно ниво. Еве и рускиот амбасадор најави прилив на посерозен број на вакцини ама и тој не кажа нешто поконкретно за датумот и бројот на доставата.
ДОМАШНИ ПРОБЛЕМИ Посебно – домашно – прашање е што да правиме со тукашните колебливци. Резултатот „нерешено“ меѓу оние кои би се вакцинирале и оние кои тоа не би го сториле е прилично жилав. Иако, кога започна вакцинацијата бројката на пријавени кандидати се покачи од 125 илјади за околу 20 отсто. Зголемениот број на смртоносни исходи заради британскиот сој исто така ќе си го прави своето. И Британците во стартот на вакцинацијата верувале во имунизацијата во сооднос 75: 25 а денес тој однос е 95:5.
Остануваат актуелни секако и однесувањето на политичката опозиција, која во бројот на заразени и починасти гледа свој најсилен изборен адут, особено кога се приближуваат локалните избори. Факт е дека тоа не треба да е предмет на „наддавање“ за пред гласачите о вакви избори, ама кај нас и онака се гласа „за своите“, само се бара причина да се потврди сопствената „заразеност“ со боите на една или друга партија.
Ако предмет на напади до пред 18 месеци беше само премиерот Заев, сега, во изминатите 14 месеци нему му се придружи и министерот за здравје Филипче, што во пакет предизвикуваат зголемување на скепсата во однос на имунизацијата сп вакцини. Во овој миг тоа е класилчен акт на антидржавно однесување, но кај нас тоа не е од вчера и главно останува неказнето.
Кога веќе се споредуваме со Британија често прашање е – дали Британија е на врвот по бројот на искористени вакцини бидејќи има свои (Астра Зенека се производ на британско – шведски конзорциум) и што не чекаше на крајот на испитувањата на истите?
Ова го споменуваме заради тоа што комплетната збрка која се предизвика на пазарот на вакцини со озборувањата за вакцината Астра/Зенерека, предвидена да е значаен соработник во Ковакс системот, нашата голема надежво оваа околност. Честите промени во оценката за безбедноста на овој фармљацеутски производи, скепстични искричења секако уфрлени од конкуренцијата (оваа вакцина е пет пати поевтина од Фајзерот и три и пол пати од Спутњик В, како споредба) направија проблем и за нас, бидејќи потенцијалните консументи сега се набиени со страв. Додуша, отвораањето на српската граница за нас како лица со завртени ракави на кошулите беше токму со „Астра/Зенека“ па тоа не ја намали навалицата. Иако останува прашање колку истата е примена од населението кое тука е подложно нас вакцинирање – она над 77 години. Веќе се говори дека здравствените власти размислуваат да ја симнат старосната граница за вакцинирање со „Астра Зенека“ што укажува дека оваа популација многу бргу го исцрпе својот ентузијазам. Како ќр минеме со другите возрасни групи? Искуствата од Србија – ако ги земеме нив за пример – не говорат најдобро, особено кога се работи за имунизација во внатрешноста на земјата.
Проблемот со мотивација на пациентите е еднаква на силината на антиваксерската кампања која многу е потценета. Вучиќ и Брнабиќ тоа го почувствуваа за нас е рано. Но ако кај нас претседателката на Здружението на матични лекарки Лилија Чолакова Дервишова јавно вели на стартот на кампањата дека нема да се вакцинира (имала силен имунитет!) а тоа го потврди многу пати првиот човек задолжен за здравкје во ВМРО ДПМНЕ – докторот Вело Марковски истакнува дека нема да се вакцинира! Каква е нивната порака?
Но, ако е некаков пресврт во редот на противниците на медицината, да кажеме дека и оние кои имаат поинакви погледи кон короната мораат да побараат помош од науката – доказ за ова е и присуството на владиката Агатангел во болница. Владиката кој од возило во движење лани ова време ги прскаше со света водичка своите парохјани, пред некој ден е примејн во Систина. Таму го чекал одмна хоспитализираниот владика Петар.