Нашата соговорничка е независен новинар и претседателка на евровизискиот клуб ИНФЕ Македонија. Разговаравме за импресиите од овој музички собир и од тоа колку е тој подложен на политизација
ЕЛЕНА АНГЕЛОВСКА
Валентина Ѓоргиевска Парго работи како новинарка од својата 15 година. Била новинар и уредник во повеќе редакции, работела во Радио Ресен, Радио Охрид, „Охридско лето“, во најтиражните дневни весници „Нова Македонија“, „Вечер“, „Шпиц“, „Време“, дописник за германско музичко списание Т.О.М. 10, австралиско списание за дијаспората „Шило“- Сиднеј, радио Преспа и Скидроу од Сиднеј, за германското списание ТОМ (Top of music) во Германија.
Од Евровизија прв пат известувала во 2000 година. Нејзиното тестирање околу познавањата на музиката било спроведено случајно низ разговор во Глобен арената во Стокхолм, кога уредникот Рихард Кеслер дошол до заклучок дека треба да работи во нивното списание, со што станала и првата македонска новинарка која ја промовирала македонската музика во ТОП 10 (Top of music) во Германија. На Евровизија се бројат преку стотина нејзини интервјуа за европски и светски медиуми, застапена е во нивни документарци и емисии, а ја дала и првата изјава за кинеската телевизија во Лисабон во 2018 година. Неодамна е интервјуирана и од највисокиот профил експерт- аналитичар, кој ги прави анализите на овој фестивал, од кого била наречена експерт од областа на Евровизиите, а интервјуто подоцна било оценето како Академско. Учествува во донесување на стратегијата на фановите низ Европа. Во оваа интервју разговаравме за импресиите од овој музички собир и од тоа колку е тој подложен на политизација
Дали ја оправдуваш постапката на МРТВ што во последните неколку години нѐ исклучи од натпревар?
-Не сакам да ја оправдам постапката на МРТВ што последниве две години нѐ исклучи од Евровизија и го скрати задоволството на публиката и пејачите, меѓутоа ја оправдувам постапката на народот што ја натера МРТВ да не праќа претставник, која го даде својот глас преку силни реакции и лавина од коментари, кои не беа неоправдани, туку навистина во последните учества го повредија и урнисаа националното достоинство од повеќе гледни точки. Причините се познати и не треба да се навраќаме сега пак, болно е.
Каде ги гледате реалните мотиви на една куќа која сепак троши многу пари, пред сѐ државни и нешто мора да прифати, што и онака е дел од развојот на забавната музика кај нас?
– Македонска телевизија некогаш имаше професионалци од највисок калибар и во деведесеттите години и потоа, кога јас како новинар од „Нова Македонија” константно го следев создавањето на македонската телевизиска продукцијата, учев како треба да се работи и создава од големи телевизиски творци, автори и уредници. Ми беше чест и имав ретка прилика, а дефинитивно бев и единствена новинарка од пишаните медиуми која по неколку дена во седмицата своето работно време го поминуваше низ ходниците, канцелариите и студијата на МРТВ. Почнувајќи од уредници и креативци, лицата од екраните и техничките екипи, тие беа најдоброто од нашата земја во својата фела, а МРТВ беше најсилниот медиум, дури и за време на Југославија кога имаше „страшно” силни национални тв центри. Сите беа избирани преку најстроги филтер и аудиции. Залутани- немаше! Кога нашите автори ќе учествуваа на светски телевизиски фестивали, имате архива слободно погледнете, секогаш се враќале со грст награди и победи. Каде и да се појавеа беа најсилна конкуренција од која сите се плашеа. За музичките фестивали да не зборувам. Македонските претставници на Југовизија речиси секогаш беа морални победници, и победите им беа крадени од раце, почнувајќи од Јанко Узунов и Цветанка Ласкова со “Момчето со мандолина”, како и песните со кои настапуваше Маја Оџаклиевска и многу други Македонци, некогаш со неправилно отстранување и местенки од другите жирија, некогаш и затоа што сме давале најмногу поени на директните противници, па така избивале пред нас. За тоа и самите тие често говореа во изминативе години. Македонија значеше нешто посебно, зошто го праќаше најдоброто. По сечењето на креативците, што прво ја направи една директорка на МРТВ, која повеќе не е меѓу нас, и потоа со низата падови на таа куќа при промените на власта, се дојде до степен да не се знае кој што работи и кому каде му е местото. Цело време претставник се избираше скандалозно, без сериозност, со местенки, со тајни или недоволно транспарентни испраќања дури и за детската Евровизија, за која имам директни изјави од учесници и нивни блиски. Претставникот се бираше во штабови, за него одлучуваа политичари, музички кланови, спонзори и татини синови, и местаџии – автори затоа што освен привилегијата да се биде на Евровизија добиваат силни тантиеми за емитување на нивните песни на евровизиската сцена, некогаш до 20-30.000 евра па и повеќе… А едно време се дозволи и луѓе однадвор да одлучуваат кој ќе оди на Евровизија, МРТВ до толку ја изгуби моќта, што е недозволиво.
Имав лични признанија од шефови на делегации дека тие мора да постапуваат „како што ќе им кажат од горе”. Мене и ден денес не ми е јасно од каде одгоре, кога најгоре сепак е и мора да е МРТВ. Односно, од нивните вистински професионалци, а не поткупливи или случајни луѓе. Во првите години на детската па и на големата Евровизија беше далеку поорганизирано и затоа имавме успеси, подобра промоција и влез во финалето. Потоа од година во година стануваше сѐ полошо и полошо. Да скратам. И да објаснам. ЕБУ го дава правото на секоја национална куќа да избере претставник, а тие го даваат на Забавната редакција, каде, кај нас уредничката е соработлива и едуцирана од областа на класичната музика, но во последниве години не успеа да состави добра и соодветна екипа, зборувам за екипа од оној менаџерски и одговорен евровизиски тип, па настанаа низа куртшлуси. А можеби и условите досега ѝ беа такви, наметнати, не би зборувала, не знам.
Бидејќи имам можност да сум лична пријателка со неколку шефови и шефови на делегации од други земји, под чие водство победувале нивните претставници, со исти финансии како и нашите, увидов како тие функционираат и можам да ја направам разликата и да видам каде се пропустите на нашиот тим, а каде ние сме „потенки” на тој план. Многу е добро пак што сегашната директорка на телевизијата ја врати Миланка Рашиќ на екранот, нејзиниот глас магепсува и треба да биде во улога на коментаторка секогаш, а патем и ги правеше најубавите евровизиски тв емисии. Доколку повторно се вратиме на таа сцена очигледно е дека екипата треба од корен да се менува, како и концептот по кој функционира. Младите таленти имаат право да бидат рамноправни и да ги уживаат европските вредности кои ни се на располагање, оваа е една од нив, но да избереме песна и претставник коректно и по желба на народот.
Дали името Северна Македонија не беше причина (политичка) што ова раководство се откажа од настапите на Евровизија?
– Ни најмалку. Па тие веќе настапија под тоа име, кое веќе е официјално за нашата земја во цел свет. Ако мене ме прашувате сега повеќе нѐ именуваат со Македонија отколку порано, кога сите нѐ нарекуваа ФИРОМ. Во прес центарот никој веќе не ме нарекува како новинарка од Северна Македонија апсолутно никој, Македонија е споменуваното име, а ФИРОМ одамна не сум го слушнала.
Имам една лична анегдота. Пред повеќе години на гости ми дојде една евровизиска претставничка. На нивно барање од аеродром дојдоа до такси во ресторанот каде ги чекав со моја колешка. За време на вечерата сопругот на пејачката ме праша дали е далеку гробот на Филип, каде тој бил како турист, за да одиме пак. Му реков дека тоа е во Грција а ние сме во Македонија. Тој ме праша дали тоа не е истата земја, па како кога Македонија е во Грција. Му објаснив дека ова е Македонија, а неговата сопруга му дообјасни дека ова е Македонија, онаа земја која на Евровизија ја нарекуваат ФИРОМ, како што тој запомнил баш од евровизиските фестивали. Неговото чело се ороси со пот кога му кажувавме, мислеше дека ја згрешил државата во која пристигнал. Да, нема проблеми со името, и новинарот на шведското радио кога ме претставуваше годинава рече дека сум Валентина Ѓоргиевска Парго од Македонија.
Каква беше атмосферата на овогодинешната Евровизија, во Малме?
– Многу фина. Одлична. Швеѓаните се, јас велам, „Господари на Евровизиите“ од АББА наваму, па сето тоа го одработуваат максимално со радост. Јас уживав. Сѐ беше магично и под конец. Мирно, спокојно, организирано. Во салата беше опуштено и не беше пренатрупано со луѓе затоа што после короната е редуциран бројот на акредитирани новинари и фанови, што од една страна ми дава многу попрофесионален амбиент, а од друга ми е жал што многу мои пријатели не беа тука барем да ги гушнам и заедно да запеевме. На Евровизија сите беа многу „френдли“. Немаше лоши луѓе.
Дали изборот на песна за Евровизија е политички или не?
– Самото ЕБУ има многу строги и одлични правила во врска со сѐ и сосема да верувате дека организаторот ги дава сите максимални шанси и можности за сите подеднакво. Човековите права се максимално заштитени од сите страни. Нема политика ве уверувам, за нив е тоа музичко шоу кое го прават перфекционистички и со најголемите умови и професионалци од таа област; не штедат пари и енергија, и доколку би имало барем малку местенка во изминативе децении, барем мала дамка, тоа досега ќе пробиеше на виделина и фестивалот ќе го изгубеше својот рејтинг, а не само што не го губи туку тој се повеќе расте и се зацврстува.
Но, политичката нота ја даваат самите земји користејќи ја таа преголема демократија. Тие одлучуваат каков претставник ќе пратат, каков имиџ тој ќе прикаже. Тие се договараат меѓу себе, разменуваат поени, нешто прават постојано, што внесува извесен хаос. Инаку, победникот не се знае до самиот крај и на организаторот тоа ништо не им значи кој ќе победи. Во било која земја и да победи, само се сели екипата, техниката, спонзорите, тие се исти, и тоа е од нив. Нема ни најмала дамка. Сѐ е сработено перфекционистички.
Има ли такви песни со политички ноти? Од претходните години имаме впечаток дека имаше песни со политички ставови против војни, кршење на човековите права, други песни пак можат да се опишат како прилог кон феминизмот или борба за разноликостите.
– Има секако. Во 2016 година, победи украинската песна „1944” во која Џамала пееше за прогонството на кримските Татари за време на режимот на Сталин, и тоа не и се допадна на Русија и ја критикуваше таа победа. ЕБУ пак објасни дека пораката на песната не може да се потврди како политичка, бидејќи Џамала пее за семејна трагедија. Таа победи на тој натпревар, две години откако Русите го анектираа Крим. Но секако е глупост да се каже дека кога победи „Рива“ со „Rock me baby“ со тоа Европа божем го најавила распадот на Југославија, тоа се произволни толкувања и коинциденции. Или кога победи Србија, со Марија Шерифовиќ. Победи зашто беше најдобра таа година, а големиот хит на Украинецот Верка Сердучка беше втор во која се пееше со искривен јазик „Лаша Тумбаи“ а требаше да сфатиме дека пее „Раша гудбај“, но ете не победи. Има пораки и во украинските песни последниве години кои не би ги нарекла политички, луѓето се изложени на војна, а ако војна е од политичка причина, хумана обврска е да се апелира на мир и да се спасат што повеќе животи. Констракта од Србија пред две години пееше за правата на социјално загрозените артисти и оние без здравствена заштита. Тоа е убавината на Евровизија која дава право да се види целата лепеза од слики што ја сочинува Европа и секојдневниот живот на луѓето, од-до! Тоа одамна не е класичен шлагерски фестивал, туку модерно шоу со порака. Кој е паметен ќе сфати, а кој не е може само да се изнервира со нечиј настап и песна. Но, мене ми наликува дека е сѐ повеќе за младите генерации кои се поотворени кон сечиј животен стил и концепт, а за себе си го прифаќаш она што е во твојата природа.
Какви беа реакциите за изреалската претставничка Еден Голан, за која се подготвуваа посебни мерки, а од повеќе држави- членки на Радиодифузната унија се бараше воопшто да не настапи поради војната во Газа?
– Од Еден Голан најпрво кога се пријави беше побарано да ја смени оригиналната песна со наслов „Октомвриски дожд“, бидејќи песната како да алудираше на убиствата и киднапирањата на Израелците од Хамас, по што е сменета во „Ураган“, што ЕБУ го одобри, инаку немаше да учествува. Таа тука беше исвиркана за време на првото полуфинале на 7 мај, а еден човек пред салата го искина израелското знаме. Организаторите се извинија затоа што еден учесник во полуфиналето покажа про-палестински симбол. Ирската пејачка Бамби Таг вели дека им било речено дека мора да ги отстранат сите политички пораки од облеката што планирале да ја носат во полуфиналето, на која замислиле да биде стилизирана во древното келтско писмо на зборот огам – за кој може да се толкува како „примирје“ и „слобода за Палестина“. Швеѓанецот Ирик Сааде на својот настап во воведниот ревијален дел од шоуто носеше кефије шал околу зглобот, што се користи за кога луѓето сакаат да покажат дека се пропалестински настроени. Пејачот Оли Александар, кој ја претставува Велика Британија, претходно повика на целосен прекин на огнот во Газа…
Инаку, 20 годишната Голан не ја напушта хотелската соба бидејќи израелската делегација добива закани. Првото прашање за шведски медиум дента кога пристигнав беше дали се чувствувам безбедна а видов само двајца полицајци пред салата. И уште тројца каде се одржуваше свечениот Тиркизен тепих односно главната журка на сите делегации, и годинава немаше мешаници од фанови. Јас имам чувство како да нема воопшто полиција повеќе од секој друг обичен ден, но слушнав дека безбедносните мерки се на повеќе нивоа, и не се толку видливи за обичниот човек, искрено, досега најмалку полиција, за разлика од Израел каде имаше цели шпалири војска и полиција, навооружани до заби, или на пример во Италија исто, Украина, а и во другите земји. Мразам оружје. И ми пречи. Но тоа е, лошо ја преживувам таа воена психоза кога ќе видам толку полиција макар и на обичен концерт а не камоли на ваков масовен фестивал со илјадници луѓе. Но народот тука е многу исплашен, сите во градот велат дека е опасно и дека може нешто да се случи или некој да подметне бомба во „Малме арената“ или во Емпориа, огромниот мол веднаш до салата, а новинарите и фановите ќе ви се смеат ако ги прашање дали се плашат од евентуален терористички напад. „Ама ајде“ е нивниот ноншалантен одговор.
Ние оваа година не настапивме на Евровизија, но Вие бевте таму. Какво е чувството за успехот во тоа, кој беше еден од главните мотиви што Ве водеше низ сето тоа?
– Годинава бев единствен претставник од Македонија и имав поголема одговорност и сум посериозна, ха ха, за разлика од порано кога само танцував и пеев и останував на журките до крај. Иако бев таму по покана на евровизиските Инфо клубови на чија мрежа сум една од ко-основачите и претседателка на клубот за Македонија, се обидов да ја претставам мојата земја речиси како да има преставник. Известував за порталот „КулАрт“ и за австралиското радио за Македонците „Преспа радио“ кај уредникот Симе Георгиевски, а и за Тв Телма. Направив добро промотивно дело пренесувајќи ја цветната ролна од уметникот Живко Поповски Цветин кој е наш годинешен кандидат за Нобелова награда за мир, цртеж за мир кој што го потпишуваат сите новинари и фанови, прв го потпиша Ангелос Дадаљас од Грција а по него и многу други наши пријатели, од Шведска, Италија, Португалија, Израел, Украина, Канада, Австралија, Словенија, Турција, Азербејџан, Германија, Шпанија, Франција, Холандија, Швајцарија, Хрватска, Србија…
Евровизијата е мојот прв детски спомен од победата на АББА па наваму и целосно сум посветена на неа како новинар. Доаѓам 15 пати. Многу тешко се наоѓам со спонзори, најчесто плаќам од свој џеб кога сум во можност, но тоа го правам со максимална љубов и посветеност. И тоа во текот на целата година, не само овие неколку денови., кога ја промовираме македонската музика на сите достапни сајбер фестивали во светот. Евровизијата е единствена идеја која ми се допаѓа и одговара на мој животен концепт – спојување на нациите и различностите преку музика, љубов и разменување идеи. Кај нас не сум вклучена во проектот, но бидејќи сум сосема добронамерна и нивна добра пријателка, главните во тимот не ми се лутат и кога отворено ќе објавам за неправилностите и грешките. Но затоа пак сум добро вклучена во многу други работи директно од луѓето кои ја прават Евровизијата и добредојдена со сите мои идеи и кај највисоки евровизиски структури на новинари и уредници. Тоа не поминува незабележано, годинава давав интервју и за одличниот млад експерт кој е задолжен за евровизиските анализи, кој низ своите прашања ме нарече евровизиски авторитет и силен новинар, што за мене е чест. Ако е така, се надевам дека тоа ќе биде од некаква општа полза, а не само за моја лична сатисфакција, и не би останало неискористено.
Ве обземаше ли еуфорија пред големата финална вечер и какви беа Вашите очекувања?
– Јас сум навикната на евровизиската еуфорија која знае да е многу голема и дури и неиздржлива по интензитет за луѓето кои ја доживуваат еднаш годишно. Но, кога сте таму и од таму не е иста перцепцијата. Јас таму бев работно па така не забележував многу дали во прес центарот поминале покрај мене пејачите, делегациите, ѕвездите, па дури и евровизискиот крал Џони Логан или кралица Лорин, Хелена Папаризу и други евровизиски победници. Тоа е тука како нешто обично, како во канцеларија. Но штом се вратам дома и излезам од овој филм по извесно време знам да си речам, е зошто не му зедов изјава на Џони Логан, зошто не му зедов интервју, зошто не пиев кафе кога можев, на пример… А да се остане рамнодушен на она волшебство дали од тука или пред малите екрани е просто воопшто невозможно. Евровизијата годинава е филм и друга галаксија.