Во првите поставки во т.н. Музеј на македонска борба, оние изворните или оние што беа несомнена инвестиција во ревизијата на историјата на ВМРО ДПМНЕ местото на Иван Михајлов беше значајно, па да речеме и – централно. Викендов оваа партија се обиде да ја сврти својата проценка на дел од минатото, на дневна основа, се разбира, без да ја менува својата „матрица“
Минатиот викенд остана забележен по инвазијата на бугарскиот политички крем во Битола и Охрид. Поводот е познат – бугарскиот премиер Кирил Петков пристигна во Битола, на отворање на клубот во состав на културниот центар „Ванчо Михаилов“. Освен Петков, во Битола е и потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова, министерката за надворешни работи Теодора Генчовска и поранешната шефица на дипломатијата Екатерина Захариева. Беше присутен и најцитираниот бугарски политичар во македонските медиуми – Каракачанов. И одново го зазеде своето „старо“ место во информативниот простор на земјава!
Од Министерството за внатрешни работи се потрудија градот да е под засилено полициско обезбедување, некои велат и опсада, што е пракса кога во земјава доаѓа висока делегација. Имаше и протести, како и пароли од тиоот „Гоце=Македонија“, „Кога ќе признаете дека има Македонци во Бугарија?“, „Фашисти пресоблечени во администратори“…
Инаку, Петков e прв бугарски премиер кој престојуваше во Битола а, кој претходно истакна дека во делегацијата што ја предводи ќе има многу луѓе од различни партии, што ќе дадат поддршка на бугарската заедница во Северна Македонија, и кои ќе потврдат дека, како што рече, Република Северна Македонија треба да биде дел од Европа и дека двете страни ќе се движат во таа насока.
„Несреќен е изборот на претседателот на владата на Бугарија Кирил Петков да дојде на чествување на клубот на Бугарите ’Ванчо Михајлов’. Имено, иако има личности кои ја обележуваат заедничката историја на денес посебните народи, македонскиот и бугарскиот, како Гоце Делчев и раководството на ВМРО во Отоманска Турција, Ванчо Михајлов е личност која не’ разединува. Светските енциклопедии пишуваат дека Иван Михајлов, последниот водач на ВМРО, се идентификува себеси со бугарскиот национализам и ’историската национална држава на Бугарите’, која ја опфаќа и Македонија – напиша деновиве проф.Денко Малески. За Михајлов ќе го рече познатото – тој е активен соработник со фашистичка Италија на Мусолини, со Унгарија на генералот Хорти и со нацистичка Германија на Хитлер, ја менува тактиката на својата организација, насочувајќи ја кон индивидуални терористички акции. Така тој се спротиставува на српската окупација на Македонија а најпознатата терористичка акција била убиството на кралот Александар со помош на усташите од Хрватска.
Во последната фаза на Втората светска војна, пишуваат светските енциклопедии, тој, во недостиг на силна воена поддршка од Германија, се откажува од идејата да застане на чело на наводна независна македонска држава, творба на Хитлер. Противник на македонската нација, Ванчо Михајлов, останува верен на своето мото дека е Бугарин од Македонија. Професорот заклучува дека ова последното било доволно за основачот на клубот на Бугарите во Битола да го нарече „Ванчо Михајлов“. Но, за македонската страна тоа е навреда на антифашистичката борба на македонскиот народ кој во сојуз со другите југословенски народи ја конституира својата држава и нација. Добрите односи помеѓу двете држави и двата народи ќе зависат од исправното читање на историјата не само на Македонците туку и на Бугарите.
Индикативно е дека оваа посета ВМРОП ДПМНЕ се обиде да ја искористи за да го подигне својот рејтинг на сметка на револтот по повод отворањето на читалната со споменатото име. По подолго време лидерот на оваа партија доби простор пред камерите а неговите изјави по повод посетата беа предавани на челно место во телевизиските дневници. Нашиот политички врв секако одлучи и ова да го проголта. Министерот Османи е појави во просторот на ТЕЦ Битола каде со дел од гостите разгледуваше објекти кој е значаен за двете земји.
Но, ние сме, нели, земја на парадокси па и во овој случај. Веќе сме заборавиле, како по обичај, дека токму ВМРО ДПМНЕ го донесе ликот на сега кај нив спорниот Иван Ванчо Михајлов на пиедесталот на националната борба. Крунскиот доказ се наоѓа во Музејот на македонската борба (или како веќе се вика) каде ги нема најбитните работи значајни за постоењето на денешна Македонија, но затоа михајловизмот таму си цвета.
„Се наоѓаме пред Музејот на македонската борба за државност и самостојност за кој се потрошени повеќе од 17 милиони евра, пари на граѓаните, а во него воопшто ги нема клучните датуми и ликови од македонската борба за државност и самостојност“, изјави по повод Денот на востанието во 2016 година на прес конференција Петре Шилегов, тогаш портпарол на СДСМ. „Ги нема првоборците од 1941, првите партизански одреди, клучните битки во НОБ, во кои партизаните и партизанките се изборија за македонската држава. Од музејот се избришани создавањето на македонска народноослободителна војска, Февруарскиот поход, првите органи на народната власт.
Шилегов изјави дека оваа зграда не е Музеј на македонската борба за државност, затоа што „антифашистите се претставени како крвници, а фашистите и нивните соработници како жртви на комунизмот… Во оваа зграда нацистичкиот слуга Ванчо Михајлов е претставен како херој, а се негираат вистинските херои од НОБ, кои пожртвувано се бореа и се изборија за слобода и држава со име Македонија“, укажа Шилегов, констатирајќи дека во Музејот „нема место ни за клучните политички фигури кои се изборија без капка крв за самостојна Република Македонија“.
Инаку, освен лицвемерието на Мицкопвски, останува тука огромното петно кое во меѓусебните односи, во овој миг го постави софиската клиентела на лажната историја викендов. Еве што вели екс-амбасадорот во Софија Ѓорѓи Спасов:
„Не можеше Петков да избере полош лик од Михајлов и подобра бугарска делегација во која се Каракачанов и Захариева, за политичка провокација, па и омаловажување на сите напори за приближување кон ЕУ што ги прави Македонија. Мораше некој официјално да го извести дека ние и тоа можеме да го поднесеме, но не е начин за помирување. Ако треба антифашистот Тито да го заборавиме а фашистот Михајлов да го славиме како услов за влез во ЕУ и за кревањето на ветото од Бугарија, тоа вистина ќе потрае или никогаш нема да се случи.
Сега е ред официјална делегација од Македонија со претставниците на ОМО Илинден на 20 ти април да отиде на гробот на Јане Сандански на Пирин и да отвори клуб на Македонците во Сандански кој ќе биде мост во соработката меѓу двете земји. Само за да се тестира бугарската и европска толеранција“, вели Спасов.
Првите поставки во т.н. Музеј на македонска борба, оние изворните или оние што беа несомнена инвестиција во ревизијата на историјата на ВМРО ДПМНЕ местото на Иван Михајлов беше значајно, па да речеме и – централно. Викендов оваа партија ја сврте својата проценка на дел од минатото генерално, на дневна основа, се разбира. Каков пресврт! Дијаметрално!! Но кај преврзениците на оваа партија тоа главно и нема влијание: како ќе каже шефот. Во редот на протестантите го видовме и биттолскиот владика Петар. Дали и тој помни дали се побунил кога тогаш владеачката партија го отвори музејот и ги постави работите онака како што тие беа „прочитани“? Или тогаш, макар и премолчено се согласувал со таквото видување на историјата? Не се сеќаваме. А можеби тоа е една општа, национална, генетска мана од која не се имуни ниту свештените лица?
(Забелешка – во последнио време во тек е промена на многу работи во тој Музеј, па веројатно и ревизија на поставката за многу личности. Тоа секако не ја менува базичната идентификација на тој простор од која Мицковски ќе мора јасно и „нашироко“ да се огради, секако пред се од идеолозите на кои почива неговата партија)