Владата треба да го регулира работењето на банките, на фирмите, а не да ги „моли“ во име на некаква си солидарност да даваат заеми беспари

МИРЧЕ ЈОВАНОВСКИ
Универзитетскиот професор Ванчо Узунов важи за човек кој многу директно, без влакна на јазикот, зборува за проблемите со кои се соочува, пред сѐ на економски план, нашата држава. Во интервјуто за „Независен“ фокусот е ставен врз некои од најактуелните теми, како што е унгарскиот кредит од 500 милиони евра и неговата распределба на општините и на компаниите, потоа на рекордниот Предлог-буџет за 2025 година во износ од 6,5 милијарди евра, како и на реформите кои треба да се направат доколку земјата сака да направи исчекор кон поголем економски раст и поголем стандард на населението.
Професоре Узунов, деновиве во фокусот е унгарскиот кредит, како делот наменет за општините, така и средствата за компаниите и обидот на Владата да им го „продаде“ заемот на банките под нејзини услови. Како вие ги коментирате случувањата на релација Влада – банки?
– Прво, целиот кредит е земен без никаква анализа и без некаква реална потреба на Македонија за тој кредит. Да го погледнеме накратко делот наменет за општините. Прво, тоа не значи локален развој, бидејќи не може во име на локален развој, на децентрализација, да правиш мерки на централно ниво. Фактички им се одземаат ингеренциите на општините и се носат на централно ниво и демек Владата ги чести со пари. Ако сакаш навистина да водиш добра политика на локален развој треба да работиш да им го зголемиш капацитетот на општините самите да си најдат пари и самите да спроведуваат проекти какви што им требаат на општините, секоја за себе специфично. Второ, општините немаат капацитет да потрошат толку пари за една година. Не е само да им дадеш пари, треба да имаат и капацитет за спроведување проекти. Ги нема. Значи, тој дел ќе биде пропадната работа. Башка, што не е развојна, тротоарчиња и бехатони не развиваат држава.
За делот наменет за компаниите, банките имаат пари, тие кај нас се ликвидни. Не им недостасуваат пари за да даваат кредити. На добрите клиенти им даваат и под 3,25 отсто камата колку што е од унгарскиот кредит. Оние што не можат да го направат тоа, не може да ги чести Владата, бидејќи, не е нејзина работа. Не е нејзина работа да им дава пари. Нејзина работа е да го уреди системот така што самиот пазар на капитал, банките, да почнат да работат малку поризично и со тие претпријатија. Банките се во комотна позиција и затоа на послаби клиенти, кои што не се кредитоспособни претпријатија, не им даваат поволни уаслови за кредити и тие немаат пари. Владата сега го решава проблемот на погрешен начин. Наместо да влијае банките да бидат доведени во ситуација да преземаат ризик, да работат и со тие клиенти, нека си најдат начин, затоа се банкари, сега државата ќе им дава пари. Нормално, банките не се заинтересирани, особено за беспари. Бидејќи за да го одобрат кредитот имаат објективен трошок, преземаат ризик, репутациски ризик, пазарен ризик, секаков ризик. Имаат оперативни трошоци… Тоа мора да се плати.
Аргументите на Владата се дека банките со години имаат високи профити, тие се најпрофитабилните акционерски друштва во државата и дека треба да покажат општествена одгвоорност. Не е ли тоа доволен аргумент банките да „попуштат“ под барањата на Владата?
– Апсолутно не. Точно, банките се најпрофитабилните субјекти, и не е дека јас ги жалам. Тие не се социјален случај, далеку се од тоа, па некој треба да ги жали. Меѓутоа, од друга страна, не можеме да им љубомориме затоа што тие на законит начин стекнале добра позиција. Банките не ги прекршуваат законите. Ако прекршат закони има кривична одговорност и треба да се гонат кривично. Меѓутоа тие работат строго по закони и си создале таква позиција. Што значи дека некој им дозволил да имаат таква позиција согласно законите. Работа на Владата е да го смени законот. Владата треба да прави системски мерки или закони и институции што ги спроведуваат и да го регулира добро работењето и на банките и на претпријатијата и на сите субјекти, а не да ги „моли“ во име на некаква си солидарност да даваат заеми беспари. Или, нека го користи даночниот систем. Тие се најпрофитабилни поради рамниот данок. Тоа не е молење од страна на Владата, туку е притисок. Да вршиш таков невиден притисок на приватни субјекти не е пазарно однесување. Земи им дел од профитот, пак ќе останат многу профитабилни.

Мислите на некој вид екстра данок?
– Не, мислам на данокот на добивка, но прогресивен. Тие што се најпрофитабилни ќе плаќаат повисока стапка. Пак ќе останат најбогати. Никој нема да ги жали, но парите што ќе се земат преку тие даноци ќе може да се вложат во детски градинки, болници, училишта, социјални давачки и други намени за оние што се инфериорни на пазарот, а не се како банките супериорни во системот. Ним ќе им помогнеш и тоа е нормална политика во 21. век. Направи системско решение и нема што да се убедуваш со банките, туку системот работи за тебе. А Владата, политиката, седи на страна и гледа каде системот повремено не дава добри резултати, или крахира и го дотерува. Тоа е современо водење на политика. Ова што го прави Владата е феудално водење на политика, имаме деспот кој што ги пуштил лордовите да се богатат, а после треба да му дојдат на баци рака кога тој сака. Тоа не е 21. век. Креирај систем, правила, даноци… Системот ја врши работата за тебе. Нема што да ги викаш на состаноци, ќе го спроведеш законот и готово.
Меѓутоа, стопанството бара евтини кредити. Сепак е мал бројот на компании кои што можат да добијат поволни кредити, повеќето мака мачат. Како да се дојде до евтини кредити?
– Повторно преку систем. Банките во Македонија, особено големите, а и помалите, се многу привилегирани субјекти. Не сакаат да влезат во ризични потфати со клиенти, затоа што после имаат разни проблеми при наплата на кредитите, при извршување, колатерала… Имаат проблеми затоа што не функционира системот. А, тие биле интелигентни да го свртат тоа неубаво функционирање на системот во своја корист. Значи, направи го системот како што треба. Прво, таква регулатива која што ќе ги натера банките да преземаат, да влегуваат во ризици и во партнерство и со послаби клиенти, ако треба да им помагаат, да работат со нив, да им ги намалат трошоците… Банките со многу мал ризик прават големи пари. Направи да прават пари и со ризик. Како што бизнисмените преземаат ризик и банките да преземаат дел од ризикот. Ризикот треба да е заеднички. Кај нас кога ќе земеш кредит целиот ризик е твој. И второ, работи со тие бизнисмени за да имаат добри проекти, а не да им даваш евтини пари. Потребна е обука, за земање кредит, за правење бизнис план, разни информации… Тоа е процес на учење. Но системски, а не деспотски.
Може ли ваквиот пристап на Владата кон банките да има реперкусии? Велите дека е притисок, дали може тоа да влијае на странските компании да преоценат некое вложување тука?
– Ќе има некои несакани реакции, ќе видиме како ќе реагираат банките. Претпоставувам дека некои мали банки ќе се согласат, големите претпоставувам дека туку така нема да прифатат да пласираат други кредити, а не свои. Целата игра е да дојде до локалните избори. Ако се завршат изборите така како што сака Владата… Сѐ е предизборна гимнастика, и ова со општините и со банките е предизборие. Владата ја користи својата позиција да игра пред избори. Ќе пројдат изборите, ова ќе се заборави. Исто како еднократното покачување на пензиите, сега дадоа 2.500 денари, во март уште 2.500 денари, а по локалните избори се враќа стариот систем на усогласување. А, зошто се направи упадот – затоа што ѝ требаше за избори. Сега до што доаѓаме? Имаш влада, или партии на власт, кои што не се подготвени да го жртвуваат својот личен и партиски интерес за националниот интерес. Тоа е многу опасна дијагноза. А, овде го гледаме многу.
Мислите за конкретна партија или за сите партии?
– Во дадениот случај за овие што се на власт. Тие претходните за некои работи беа подготвени демек националниот интерес да го штитат, па беа казнети. Не ги бранам претходните, но да гледаме во иднината – тоа што оваа партија или партии не сакаат да го жртвуваат партискиот за националниот интерес е лошо. А, за странските компании, тие се толку привилегирани во Македонија што не се плашат од ништо. Особено големите. Тие го имаат премиерот на телефон и кој било проблем, доколку не им се решава, се јавуваат и проблемот им е решен. И тоа многу бргу.

Во Собранието во тек е расправата за Предлог–буџетот. Владата излезе со своите проекции и со оцена дека буџетот е развоен, а за опозицијата е расипнички. Истиот филм го гледаме со години. Како ги оценувате проекциите на кои што се темели буџетот за 2025 година, растот на БДП од 3,7 отсто, инфлацијата од 2,2 отсто…?
– Прво, проценките не се реални, но како што кажавте, не е прв пат да го гледаме тоа. Сите влади во изминатите 20-30 години одеа со нереална проекција бидејќи имаат убав изговор, ние така мислевме, а што не се оствари не сме ние виновни. Бидејќи, кога проекциите за раст на БДП нема да се остварат ќе биде виновен кој било друг само не владата. И тоа го гледаме со години. Тие ја пумпаат стапката на раст на БДП во проекцијата заради многу едноставна причина – за да можат да го напумпаат буџетот. За да не бидеш толку презадолжен мора да имаш висока стапка на раст на БДП. Тогаш високата стапка на задолженост е помала бидејќи стапката на раст е поголема. А, за да се постигне тоа, во буџетот мора да се качат капиталните инвестиции коишто нема да се остварат. Никогаш до сега не се оствариле. Меѓутоа, повторно ќе биде виновен некој друг. На крајот повторно ќе се вратиме на онаа објективна стапка на раст којашто сме можеле да ја имаме за раст на БДП, но во проекцијата ќе ја имаме оваа нереалната. Значи, ништо ново, никаква реформска влада. Како што сме ја гледале прикаската 20-30 години истата се повторува. Стапката на раст на БДП од 3,7 отсто е нереална. Па само пред две недели Светска банка рече 1,8 отсто и треба да сте среќни. Знам дека тоа е можеби песимистичко, но станува збор за Светска банка, не е играчка. Но, кажи раст од два, или 2,2 отсто, а не 3,7 отсто. Македонската економија не може толку да порасне, нема како да порасне. Исто како некое дете кое расте по сантиметар годишно, но следната година ќе порасне десет. Е, како – ќе го тегнеме за уши?
Аргументите на Владата се дека во тек се големи инвестиции, пред сѐ изградбата на автопатиштата и дека тие значајно ќе влијаат врз стапката на раст.
– Секоја година го слушаме истото, но тие капитални инвестиции, тоа што Владата го вика капитални инвестиции, зависат од способноста на администрацијата да спроведува проекти, а не од желбата на политичарите да се фалат. Не е дека до сега политичарите не сакале да остварат повеќе. Оваа администрација во Македонија не може да спроведе повеќе проекти, нема капацитет. Значи, ако сакаш повеќе капитални инвестиции, подигни го капацитетот на администрацијата да спроведува капитални проекти.
(За целото интервју продолжи на https://nezavisen.mk/potrebni-se-sistemski-merki-a-ne-feudalno-vodenje-na-politika-intervju-so-vancho-uzunov)