Кога пред 30 години заминав за Америка сватив кој сум, што сум и од каде доаѓам – вели синот на Зафир и внукот на својот дедо,етномузикологот Васил Хаџиманов,чие име го носи
АНА ВАСИЛЕВСКА
Сцената на Долни Сарај во Охрид, на 11 август беше резервирана за исклучителен концертен настап на Националниот џез оркестар со изведба на дела на водечкиот џез пијанист и автор Васил Хаџиманов, диригиран од маестро Џијан Емин.
По концертните изведби со Курт Елингтон, потоа концертот со гостување на Џон Рајли на тапани, диригиран од Зиги Фајгл, концертните изведби со аранжамни на музиката на Дарко Рундек, Рамбо Амадеус, Националниот џез оркестар подготви ново музичко изненадување со Васил Хаџиманов, еден од џез музичарите кој секогаш македонската публика го дочекува со големо љубопитство. Во разговорот што го направивме, додека траат последните интензивни подготовки, Хаџиманов ни открива дека едвај чека да ја дели сцената со нашите врвни музичари, а негови долгогодишни колеги и пријатели, особено, на оваа концертна локација во Охрид. Ни открива и зошто е вљубен во македонското музичко наследство, неговата комплексна музичка генетика, како е создаден осмиот албум на Васил Хаџиманов бенд насловен „Ќеиф“, колку е важно младите музичари да го следат својот сон, наспроти комерцијалните очекувања…
НоваТВ: Вашите концерти, во Македонија секогаш се дочекуваат со голема возбуда. Овој пат, на сцената на Долни Сарај во Охрид ве очекуваме со Националниот џез оркестар. Како течеше подготовката на аранжманите и колку сте задоволен од соработката со нашите музичари?
Хаџиманов: Целата идеја за моите аранжмани за композициите на НЏМ всушност потекна од соработката со Биг бендот на РТС, каде што го комбиниравме убавото и корисното кога тие славеа 75 години постоење, а јас одбележував 30 години работа. РТС ангажираше аранжери кои јас ги одбрав да аранжираат мои композиции за прв пат во форма Биг бенд изведба, аранжерите се Македонци, Владимир Николов и Тони Китановски, и јас. Тој концерт помина одлично и со оглед на големиот успех на македонскиот Биг бенд, односно НЏО, логично се наметна и сето тоа да се изведе и во Македонија. Многу сум среќен за оваа соработка, и во секоја прилика го поздравувам трудот на Гоце и на Џијан, и сите тие музичари кои свират во бендот. Се радувам на тој фантастичен статус што го добија на Национален оркестар од Министерството за култура, што е еден преседан на овие простори. Мислам дека тоа никогаш не се случило некому државата да ја препознае неговата работа и иницијатива и да добие поддршка и национален статус, што е голема работа.
Со оглед на тоа што станува збор за музичари со многугодишно искуство, кои од неодамна се етаблирани под името Национален џез оркестар, а веќе имаа голем успех и мини турнеја во регионот, што претставува за Вас концертот на Долни Сарај, во емотивна и естетска смисла?
– Па, јас едвај чекам секој пат да дојдам во Македонија и кога свирам, и кога не свирам, прво секако имам семејство и во Скопје и во Кавадарци, а второ имам многу добри пријатели таму, а и многу фантастични колеги, како Виктор Филиповски, и Ратко Даутовски а Виктор е и перкусионист во Националниот џез оркестар. Така што, има многу паралели настрана од тоа што директорот Гоце го знам 25, 30 години и половина од бендот, освен што и со Тони Китановски, поминав, што би се рекло, сито и решето; тој беше и продуцент на моите албуми, бев почесен професор на Универзитетот во Штип, и навистина е специјален миг за мене, дека ќе ја делам сцената со овие врвни музичари и тоа на Долни Сарај во Охрид.
Васил Хаџиманов бенд е и натаму водечки на српската и регионалната сцена кога е во прашање авторската џез музика. Како опстанавте на сцената сите овие години и колку сте задоволни од приемот кај публиката?
– Што се однесува до мојот бенд и неговото опстојување, тука нема многу избор. Можеш да се погледнеш во огледало и да одлучиш, дали ќе свириш музика која апсолутно не те интересира, и која апсолутно не ти се допаѓа, а едноставно тоа да го правиш за да заработиш, или не. Едноставно целото мое битие беше против тоа, и немав ни трошка, енергија, сила ниту интерес да се занимавам со таа некоја музика што е комерцијална, а неквалитетна во суштина. И кога така ќе ги поставиш нештата на тој начин, правиш како што мораш, и тоа што го сакаш некако успеваш да го пласираш на публиката, и добиваш публика која е верна и љубопитна. Секако, сето ова е можно кога имаш, да кажеме како јас, сопруга која ти е десна рака како менаџер и го прави сето тоа што музичарите вообичаено го прават сами. И секако екипа на луѓе кои на различен начини веруваат во сето тој процес и ти помагаат да опстанеш во креативниот чин.
Вашата музика е автентичен џез саунд, обликуван во тој слободарски и светски џез фјужн манир, кој брзо и лесно допира до љубителите на џезот но и оние кои ги сакаат концертните настапи во целина. Што претставува новиот албум, насловен „Ќеиф“ и каде се досега беше презентиран тој материјал?
– „Ќеиф“ е насловот на осмиот албум на ВХ бендот и резултат е на таа една тегобност што се случи во минатите три години како последица на пандемијата и различни тажни мигови кои се случија во тој период. Тие композиции беа создадени како некој мелем, лек на тој цел период. Секогаш велат дека задача на уметникот е да отсликува време и околности што се актуелни и го опкружуваат, но мене баш не ми беше до тоа да го отсликувам што се случило, туку да понудам алтернатива, и од таму овој албум го доби тој наслов, за меракот на тоа што ја лечи нашата душа, и таква е и музиката, не е претенциозна ниту комплицирана, туку, лековита. Албумот беше промовиран по целиот регион.
Колку долго имате постојани соработници во бендот?
– Неодамна се промени дел од екипата, по повеќе од 20 години, Бојан Ивковиќ и Бранко Тријиќ си заминаа од бендот, имаат свои причини за тоа. Бојан е активен како актер, продуцент, и тв водител, Бранко има некои свои други амбиции, нив ги заменија Ратко Даутовски, фантастичен перкусионист, и Ратко Обрадовиќ, фантастичен саксофонист од Белград и Виктор Филиповски и Мирослав Товирац е најстариот член на бендот кој од 2010 година е во овој состав. Мора да признаам дека многу ми се допаѓа оваа музика откако отидовме во нов правец, и некако сегашната екипа ми одговара, баш во овие години во кои што сум сега.
Како ви се чини денешната музичка сцена во Србија и воопшто во регионот, во смисла на квалитетот и прогресивниот дух?
– Па, и во Србија и во Македонија и во целиот регион, добро е што има многу млади и добри музичари. Тоа е позитивно, и наспроти сите причини кои се слични како и кога јас почнував, кога се нешто ти се чини дека тоа што го работиш е залудно и глупаво и дека тоа никој не го слуша и никој не го следи, вистината е малку поинаква. Се разбира дека популарноста не се мери исто како со комерцијалната музика, ниту пак тоа некогаш ќе се случи, но публика има. Има интерес да се слушне нешто поинакво, и луѓе кои ја почитуваат музиката што е креативна, авторска, храбра и нова. Така што, од една страна поддршката е важна, како оваа за Националниот џез оркестар, во време кога системот е пазарен и потрошувачки а музичката индустрија е побрутална од кога и да била. Младите луѓе се свесни за тоа, но наспроти тие факти, и натаму жестоко работат, и го сакаат тоа што го прават и музиката живее ви форма која е креативна и ја има таа интеракција, без оглед тоа што некој ти зборува дека алгоритамот вели дека е потребна допадлива комерцијална музика, или пак креирана од ВИ. Имам надеж и убеден сум дека човековата креативност и слобода ќе победат.
Колку музиката од Македонија и целото етно наследство, како и меморијата од Вашиот татко Зафир Хаџиманов имаше влијание на Вашиот музички развој?
– Тоа јас го разбудив уште кога бев во Америка, пред 30 години на почетокот на креирање на својот стил и препознавање кој сум, што сум, од каде доаѓам. И тоа е добро кога ќе заминеш некаде толку далеку, полесно сфаќаш што всушност кој си ти, и тука се заинтригирав за етно музиката и од Македонија и од Балканот, со оглед на тоа што дедото ми е еден од најголемите етномузиколози од овие простори, и дека Зафир често и покрај својата шансониерска, глумачка и композиторска работа, одеше и во изворна народна музика. Од друга страна Сенка и Бисера доаѓаат од друга страна на Југославија, така што имам и тој босански и хрватски мелос во себе, а и словенечки, бидејќи мајка ми беше Словенка, и кога сето тоа ќе се искомбинараш со Србија каде што сум роден и каде што живеам, целиот тој Балкан е содржан во мене. Но, вистината е дека Македонија ми е специјална по звукот и пристапот кон музиката, и мајсторството како тоа се изведува, така што ми е број еден инспирација до денес, и така ќе биде додека сум жив.
(novatv.mk)