Метју Палмер е новиот специјален претставник на САД за Балканот
Заменик помошникот државен секретар Метју Палмер е новиот специјален претставник на САД за Балканот, соопшти синоќа Стејт департментот. Палмер на 1 септември учествуваше во работата на Стратешкиот форум на Блед, а потоа ќе ги претставува САД на состаниците на четворката во Брисел и во Подгорица.
– Палмер ќе ги предводи нашите настојувања да ги зајакнеме дипломатските напори на САД во поддршката на мирот, стабилноста и напредокот на регионот и ќе се насочи на интеграцијата на државите од Западен Бaлкан во западните институции, се наведува во соопштението на Стејт департментот.
Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ изјави дека назначувањето на Метју Палмер за специјален претставник на САД на Западен Балкан не е изненадување и дека со тоа Вашингтон сакаат на Балканот да се изгради регионален мир и стабилност.
– Тоа е само знак дека САД сакаат на некој начин да го официјализираат она што постојано го кажуваат за да поттикнат брзо решавање на проблемот односно сите страни на Балканот да градат регионален мир и стабилност, а дали ова е можно, ќе зависи од тоа кои ќе бидат клучните теми и дали ќе има притисок врз Приштина да ги укине таксите, рече Дачиќ за РТС.
Тој истакна дека Палмер е добро запознаен со состојбата во регионот и истакна дека е оженет со белграѓанка, но дека не знае колку ова е предност за Србија, а колку е неповолно, бидејќи ќе мора да докажува дека не е пристрасен.
Според Дачиќ назначувањето на специјален претставник е потврда за сè што тој говорел, објаснувајќи дека американската администрација го сменила претходниот став за Косово и дека сега верува дека ова прашање не е решено и дека треба да се реши.
– Што би назначиле специјален претставник доколку тоа е решено, истакна Дачиќ.