МАРИНА МАКСИМОВИЌ
Победата на Албин Курти внесува потврди позиции на Косово во дијалогот Белград-Приштина, но и легитимитет нужен за постигнување конечен договор. Брисел вели дека од Курти се очекува компромис и прагматичност
Победникот на изборите во Косово, Албин Курти, од самото објавување на резултатите им стави до знаење на Брисел и Белград дека ќе има промени во позиционирањето на Косово во дијалогот за нормализирање на односите со Србија, што се води со посредство на ЕУ.
Претставници на ЕУ реагираа на најавата на Курти дека дијалогот со Белград нема да биде на врвот на неговите приоритети, велејќи дека од идните власти во Приштина се очекува „конструктивен пристап кон продолжување на дијалогот со Белград“.
„Европскиот пат на Косово води низ сеопфатна нормализирација на односите со Србија. Од новите власти очекуваме конструктивен ангажман на продолжението на средбите во рамки на дијалогот со кој посредува ЕУ и да ја искористат приликата која им се пружа за да се постигне сеопфатен договор“, порачаа во заедничко соопштение шефот на дипломатијата и главен преговарач на ЕУ, Жосеп Борел и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.
Официјално, ЕУ вели дека ќе почека да се формираат парламент и влада на Косово за да се тргне во сериозни разговори за продолжување на дијалогот.
Неофицијално, се оценува дека на Албин Курти, како веројатно иден премиер на Косово, мора да му биде јасно што неговиот мандат и процесот на дијалог значат за иднината на Косово, односно за граѓаните кои му дадоа доверба на изборите.
„Европската перспектива на Косово и можната брза лента на пристапување, со исполнување на реформите, се можни само преку тунелот на дијалог. Тој тунел сега изгледа мрачен и полн со проблеми, но на крајот се гледа светло во облик на нормализација на односите. За разлика од улогата на политички лидер, Албин Курти како државник ќе мора да ја прифати реалноста и уметноста на наоѓање компромиси за да им го овозможи на граѓаните што гласаа за него она што го сакаат, а тоа е европската иднина“, велат дипломатски извори во Брисел.
Дека иднината на Косово во ЕУ нема да биде можна без соработка и постигнување договор со Белград, порачува и известувачката на Европскиот парламент за Косово, Виола фон Крамон-Таубадел.
Во изјава за ДВ, таа оцени дека е важно новата власт на Косово да ја продолжи работата што започна минатата година во мандатот на специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак.
„Лично, не можам да замислам дека граѓаните на Косово би сакале да се вратат на почеток или да останат некаде во ќош, без никаква перспектива за евроинтеграција. Новата влада ќе треба да работи како на реформите и борбата против корупцијата, така и на развојот на амбициозна проевропска агенда. Господин Курти треба да го искористи силното мнозинство што го освои на изборите. Толку голема поддршка дома е предуслов за успешен дијалог, но не е и доволна сама по себе“, вели Фон Крамон-Таубадел.
Познавачите на Албин Курти велат дека компромисот и прагматизмот не се негови најсилни страни и дека како таков, иако очекуван, „не беше избор ниту на Брисел ниту на Вашингтон“ за продолжување на процесот на нормализирање на односите со Белград.
„Албин Курти е многу свој, тој не гледа постојано во Брисел за да добие потврда. Ќе биде потежок, можеби дури и невозможен за контролирање од страна на Вашингтон, Берлин или Брисел“, оценува аналитичарот на берлинскиот Совет за политика на демократизација, Тоби Фогел.
Тој констатира дека таквото однесување на Курти може и да го отежни дијалогот, но го покренува и прашањето – дали би било подобро во процесот да има некоја страна која е тука за да ги задоволи Брисел или Вашингтон, а која не би имала поддршка дома за евентуален договор.
Какво и решение да се најде, тоа ќе мора да има демократски легитимитет дома во Србија или на Косово. Можам да видам дека Курти тука ќе биде прагматичен и ќе работи на одредени компромиси со цел да го добие она што го сака Косово, а тоа е признавање од страна на Србија и петте земји на ЕУ кои се’ уште не ја признаваат независноста на Косово“, вели Фогел.
Покрај промената на чело на Косово, контекстот на дијалогот Белград-Приштина се менува фундаментално и со доаѓањето на новата администрација во Вашингтон.
Соговорниците на ДВ сметаат дека оваа промена оди во прилог на посилно управување со дијалогот, но и на самиот Албин Курти.
„Она што сега го имаме е еден нов момент, сега имаме и заеднички интереси од обете страни на Атлантикот и мислам дека ова е можност што г-дин Курти не треба да ја пропушти“, изјави Виола фон Крамон-Таубадел за ДВ.
Првата влада предводена од Албин Курти, на почетокот на 2020 година, се најде под силен притисок на американската администрација, предводена од претседателот Трамп. По неполни два месеца од мандатот, владата беше соборена со изгласување недоверба на парламентот, што беше поддржано од САД, за разлика од земјите на ЕУ. Самиот Курти како причина за промената на неговата влада го наведе создавањето простор за постигнување договор за размена на територии помеѓу Србија и Косово, на што тој категорично се спротивстави.
„Вашингтон денес јасно става до знаење дека целта на дијалогот помеѓу Белград и Приштина е меѓусебно признавање. Тоа не е новост, но сега е јасно кажано. Таа јасност е од помош за дијалогот, како што е и администрацијата на Бајден. Нема веќе да ги има игричките на Ричард Гренел“, вели Фогел.
ЕУ, како главен посредник во дијалогот, барем официјално, наведува дека за неа е прифатливо секое решение околу кое ќе се договорат Белград и Приштина, а кое е во согласност со меѓународното право и европските принципи.
Нешто поконкретен е специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак, кој ја отфрли можноста за размена на територии како можно решение за нормализација на односите на Белград и Приштина.
Најконкретни, како и обично, се партнерите од САД, чиј новоизбран претседател, Џозеф Бајден, во честитката по повод Денот на државноста на Србија порача дека решението на процесот кој се води помеѓу Белград и Приштина го гледа во меѓусебно признавање.
Во меѓувреме, ЕУ работи на продолжение на мандатот на Мирослав Лајчак. Тој веќе најавува дека се очекува продолжение на „кривулестиот пат“ до договор за нормализација на односите на Белград и Приштина, овојпат со нов играч на масата во Брисел.