САД ќе ги става на црна листа сите кои се против Охридскиот и Преспанскиот договор

Претседателот на САД Џо Бајден неодамна издаде декрет за земјите од Западниот Балкан со кој им се наложува на сојузните власти да ги стават на црна листа сите лица кои работат против клучните договори во регионот.
Секое лице кое директно или индиректно го спречува или е закана за спроведување на Охридскиот рамковен договор или за Преспанскиот договор ќе се најде на црната листа на САД. Декретот кој во вторникот вечер (08.06.2021) го потпиша претседателот на САД, Џо Бајден им дава овластување на сојузните власти да блокираат имот и да им забранат влез на сите лица за кои администрацијата во Вашингтон ќе оцени дека работат на штета на клучните договори во регионот на Западниот Балкан и Северна Македонија.
Декретот кој доцна синоќа по европско време го потпиша Бајден, а го објави Белата куќа носи наслов „Извршна наредба за блокада на имот и спречување влез во САД за одредени лица кои придонесуваат кон дестабилизација на состојбата на Западниот Балкан“.
Извршувањето на декретот ќе биде во рацете на Министерството за финансии на САД во консултација со Стејт Департментот.
Потенцијалните злоупотреби и нарушувања се наведени во седум точки во декретот на Бајден. Па така, на црната листа може да се најде секој кој директно или индиректно ги нарушува мирот, безбедноста, стабилноста или територијалниот интегритет на земјите од Западниот Балкан. Понатаму, секој кој директно или индиректно се впушта во акции или политики кои ги нарушуваат демократските процеси и институции во регионот. Секој кој извршил или поддржал злоупотреби на човекови права. Секој кој бил вмешан, директно или индиректно, во корупција или поткуп, вклучително и владини претставници на сите нивоа.
Третата точка од декретот ги наведува и сите договори во регионот кои САД ги сметаат за клучни, а чии противници и лица кои работат против нив ќе се најдат на црната листа. Освен Охридскиот и Преспанскиот, тука се уште и Дејтонскиот мировен договор, Резолуцијата 1244 на ОН, како и Хашкиот трибунал, и други.
На листата засега нема имиња на ниту еден регионален политичар.
Ова е трета важна одлука на администрацијата на претседателот Бајден во однос на регионот во последниве недели. Најпрво на црната листа на САД се најде поранешниот албански премиер Сали Бериша, а минатата недела и шестмина бугарски бизнисмени и лица блиски до врвот на поранешната владејачка партија ГЕРБ.

Здружението за меѓународна политика „Совет на Амбасадори“ го поздравува објавувањето на проширувањето на опсегот на итната состојба објавена со Извршната наредба од 2001 год. на претседателот на САД Џо Бајден со кое тој наредува да бидат замрзнати сиот имот и интереси што се во САД на лица кои, меѓу друго … „се одговорни, директно или индиректно, за закани по мирот, безбедноста, стабилноста или по територијалниот интегритет на која било област или држава во Западен Балкан, на лица кои се одговорни, директно или индиректно, за поткопување на демократските процеси или институции во Западен Балкан, на лица кои се одговорни, директно или индиректно, за сериозни прекршувања на човековите права во Западен Балкан” (цитат)„.
Советот на Амбасадори во целост ја поддржува констатацијата изнесена во Извршната наредба на претседателот Џо Бајден дека во земјите на Западен Балкан има широко распространета корупција во разни влади и институции со што се отежнува и успорува напредокот кон ефективно и демократско владеење и целосна интеграција во трансатлантските интеграции.
Советот на амбасадори ја поздравува определеноста на САД на лицата кои директно или индиректно, претставуваат закана по имплементацијата на кој било регионален безбедносен, мировен или договор за соработка или рамковен договор како што се Преспанскиот Договор и Охридскиот договор да се ставаат на таа листа.
Одлуката на Џо Бајден е подршка на Преспанскиот договор, која содржи порака до сите тие кои скаат тој договор да не произведува правно дејство, или замислуват дека утре, кога ќе дојдат на власт, можат да го сменат, дека такво нешто не е можно и дека тоа не е само против итересите на Македонија туку и против интересите на САД – вели за „Слободен печат“ меѓународната судијка Маргарита Цаца Николовска.
– Ова значи дека е во сила Стратешкиот договор, кој исто така го имаме склучено со САД, и дека произведува ефекти. Најважното е дека со ова се укажува дека ваквите договори, меѓу кои и Преспанскиот договор, кој е подржан од целата меѓународна јавност, не треба да се минимизират или омалужуваат, заради тоа што се тоа договори кои ја зајакнуват стабилноста на една земја или држава, во случајов Македонија – вели Цаца Николовска.
Ден потоа заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров телефонски разговараше со Дерек Шоле, Советникот на Стејт департмент и посебен советник на државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, со надлежност во однос на важни прашања од надворешната политика.
Соговорниците се надоврзаа на точките кои беа разговарани во април годинава, односно статусот на европското досие на Северна Македонија и актуелните можности за пробив на европскиот пат за време на португалското претседавање со Советот на ЕУ.

Вицепремиерот Димитров ја нагласи важноста на ова прашање во контекст на иднината на процесот на проширување на ЕУ со земјите од регионот што има силни геополитички импликации во однос на стабилноста и сигурноста на регионот и континентот.
Димитров: „Пристапувањето на Западниот Балкан кон Европската Унија претставува инвестиција во стабилноста бидејќи европската визија за регионот подразбира демократија, владеење на правото, заемна соработка врз основа на почитување и заеднички вредности и интереси, наспроти истакнување на важноста на границите, поделбите и разликите како антипод на оваа идеја. Северна Македонија ја потврди таквата визија и покажа лидерство за обезбедување регионална безбедност, мир и соработка, а во насока на реализирање на заедничката стратешка цел – пристапување во евро-атлантската заедница што покрај членство во НАТО треба да биде заокружена и со полноправно членство во ЕУ.“
Вицепремиерот Димитров упати благодарност за фокусот што претседателот Бајден го става на мирот и стабилноста во регионот, вметнувајќи го Договорот од Преспа во неговата агенда, со што се потврдува неговото меѓународно значење.
Од американска страна, беше потврдена поддршката за неодложно отпочнување на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ бидејќи неисполнувањето на ветувањето засновано на постигнатите резултати придонесува кон дестабилизација на состојбата во регионот. Во таа насока, советникот Шоле ја нагласи американската поддршка на португалското претседателство и напорите за отпочнување на пристапниот процес.
Тој исто така се заблагодари на врвната организација на неодамнешната НАТО вежба „Одлучен удар 21“, на армискиот полигон Криволак во комплексни услови, со оглед на пандемијата и изрази задоволство за сојузништвото меѓу двете земји.
Дел од опозицијата, пред се ВМРО ДПМНЕ и Левица изразија противење на оваа одлука на властите на САД.
Своја оценка за редакцијата на Ддојче Веле на македонски даде и професор Денко Малески. Пренесуваме дел од неа:
„Американците имаат еден израз: Нема бесплатен ручек. Три децении по ред, од моментот кога балканските национализми добија демократски легитимитет, националистите имаат бесплатен ручек. Имено, од првите денови на независноста на југословенските републики демократијата им даде демократски легитимитет на националистите. Новото сега, е што со декретот на американскиот претседател Џо Бајден на националистите во Македонија, па и на Балканот, им се ускратува привилегијата на тој бесплатен ручек. Уште пред две децении, чинам Викторија Нуланд, сега трет човек во американскиот Стејт дапартмент, им забележа на македонските политичари дека ја злоупотребуваат Америка. Дека спијат мирно под заштита на Америка која бдее над мирот на Балканот, за кога ќе се разбудат да почнат беспоштедно да ја критикуваат. Не обзирајќи се на ова нефер, но и бедно поведение на македонски политичари и интелектуалци, Америка продолжи да инвестира во мирот на Балканот, ширејќи и стабилизирајќи ја евроатлантската зона на демократски држави. Инвестираа во Охридскиот договор кој ја прекина војната во Македонија и ја постави државата на колосекот на мир и просперитет преку рамноправност на етничките заедници. Инвестираа и во Преспанскиот договор кој ја извлече Македонија од изолација и ја седна на масата на НАТО сојузот, давајќи и на државата безбедносна осигурителна полиса. Очигледно оцениле дека овие инвестиции се загрозени денес и дека треба да се бранат и со активна американска политика. Зашто, старата пракса на нашите националисти – да уживаат во мирот и да ги негираат алатките кои доведоа до тој мир (Охридскиот и Преспанскиот договор), продолжува. Имам впечаток како незадоволството со решенијата од Охрид и Преспа да расте како што расте економската и ковид-кризата“.
Професорот додава дека споменатите договори „беа тоа непопуларни решенија спротивни на волјата на мнозинството Македонци, донесени под надворешен притисок. Но тие решенија ја спасија земјата. Без нив земјата беспомошно се лизгаше кон катастрофа. За жал, тоа не може лесно да му се докаже на обичниот гласач кој само знае за она што се случило. Денес, нападот врз Преспа доаѓа од сите страни: од опозицијата, од МАНУ, од универзитетите, од обичниот човек, од дежурни ТВ говорници… Денес, на ваквиот развој на настаните Америка одговара со закана“.