Разочарани сме што Европскиот совет не даде согласност за пристапни преговори во овој момент, но, се надеваме дека тоа ќе се случи пред Самитот ЕУ- Западен Балкан в година, соопшти Стејт департментот. Северна Македонија го направи она што се бараше од неа, изјави демократскиот конгресмен Дејвид Прајс
МИЛЕНА ЃЕОРГИЕВСКА
Разочарани сме што Европскиот совет не ги препозна силните напори на двете држави со давање согласност да започнат преговори во овој момент, реагираше Стејт департментот, по ветото за Северна Македонија и Албанија да добијат датум за пристапни преговори со Европската Унија.
„Позитивната одлука ќе го потврдеше кредибилитетот на нивниот пат кон ЕУ, и конечно ќе се спротивставеше на малигните надворешни фактори, кои сакаат да ги потценат западните вредности и евроатлантската заедница. Препознаваме дека Европскиот совет не рече `не` ниту на Албанија, ниту на Северна Македонија, ниту дека ЕУ постави нови услови за отворање на пристапните преговори”, се вели во соопштението, во кое се додава дека САД се надеваат оти Европскиот совет ќе постигне консензус за позитивна одлука за двете држави пред Самитот ЕУ – Западен Балкан наредниот мај.
Стејт департментот нагласи дека САД ќе останат стратешки партнер на Северна Македонија и Албанија на нивниот натамошен пат во зацврстување на владеење на правото, натамошните напори за борба против корупцијата, развој на нивните држави и борбата против организираниот криминал.
„Ги охрабруваме двете држави да останат цврсти во изградбата на транспарентно општество, базирано на правила, кое ќе одговара на потребите на граѓаните”, вели Стејт департментот, најавувајќи дека САД ќе продолжат да работат со европските партнери да ги унапредат заедничките цели за стабилност и безбедност на Западен Балкан.
Северна Македонија го направи она што се бараше од неа, изјави демократскиот конгресмен Дејвид Прајс во интервју за Гласот на Америка, коментирајќи го ветото за почеток на пристапни преговори со Европската Унија.
„Мислам дека е важно за Северна Македонија да биде дел и од НАТО и од ЕУ, да добие призание, стабилност и демократски развој, што двете членства би ги донеле. Мислам дека е важно и за другите земји – членки на НАТО и ЕУ Северна Македонија да биде дел од овие организации“, рече тој.
Целото интервју со конгресменот Прајс, кој зборува за последиците од одлуката на ЕУ и вклученоста на САД во овој процес ќе биде објавено в понеделник во „Њусфлеш“.