Стејт департмент: Груевски е осуден на затворска казна по темелен и транспарентен судски процес и треба да продолжи да му се суди во Македонија. Во последните 4 години, 15-ина македонски државјани сторители на кривични дела кои барале спас во Унгарија биле екстрадирани назад во Македонија. Од министерството за правда за 1ТВ велат дека до сега од Унгарија е одбиено само едно барање бидејќи делото за кое се барало екстрадиција кај нив не било кривично дело
ДЕСКОВСКА Во документацијата испратена до унгарските власти детално е наведено зошто Груевски мора да им биде испорачан на македонските власти.
Американскиот Стејт департмент одблизу го набљудува случајот со Никола Груевски, особено откако му е одобрен азил во Унгарија, пишува во средата унгарскиот весник „Nepszava“. Стејт департментот, на барање на унгарскиот весник, ја повторува својата позиција посочувајќи дека на Груевски му е изречена казна затвор од две години по „темелен и транспарентен судски процес“.
Од Стејт департментот истакнуваат дека против Груевски се водат четири кривични постапки и оти е потребно тие да продолжат во македонскиот правосуден систем.
Поранешниот македонски премиер Никола Груевски во вторникот објави дека добил азил во Унгарија. Македонските власти побараа поништување на одлуката за азил и негова екстрадиција во Македонија
Македонија и Унгарија имаат одлична соработка кога станува збор за екстрадицијата. Ваков заклучок може да се извлече од податоците до кои дојде 1ТВ, кои велат дека во последните 4 години, 15-ина македонски државјани сторители на кривични дела кои барале спас во Унгарија биле екстрадирани назад во Македонија. Од министерството за правда за 1ТВ велат дека до сега од Унгарија е одбиено само едно барање бидејќи делото за кое се барало екстрадиција кај нив не било кривично дело.
„Во 2014 година од Унгарија во Македонија екстрадирано е 1 лице, во 2015 – 1 лице, во 2016 – 5 лица, 2017 – 5 лица. Во 2018 година до денес се работело на 11 предмети за екстрадиција. Од тие 11, 3 предмети се реализирани во 2017 година, 2 предмети се реализирани во 2018 година, едно барање за екстрадиција е одбиено (не е кривично дело по нивниот закон), 1 барање за екстрадиција е повлечено, 4 предмети се во тек. Последната екстрадиција од Унгарија во Македонија се случила на 7-ми септември годинава. Лицата кои до сега се испорачани во Македонија биле гонети за голем број кривични дела“, велат од правда за 1ТВ.
„Лицата за кои се бараше екстрадиција се гонеа за насилство, неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, недозволено преминување на државна граница, напуштање на немоќно дете, затајување, измама, напад на службено лице при вршење работи на безбедноста, спречување на службено лице во вршење на службено дејствие, злоупотреба на службена положба и овластување, примање награда за противзаконито влијание, злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања, повреда на избирачко право, перење пари и други приноси од казниво дело“, велат од Правда.
Македонија во овој момент чека одговор од Унгарија на до сега најтешкото и најкомплицирано барање за екстрадиција.
Никола Груевски доби азил од Унгарија но министерката Рената Дескоска вели дека во документацијата испратена до унгарските власти детално е наведено зошто Груевски мора да им биде испорачан на македонските власти.
„Унгарија има нов закон којшто се однесува на азилот, којшто е прилично рестриктивен и којшто дава можност дури и за отповикување на дадена одлука за азил. Владата размислува да испрати барање за отповикување на одлуката за азил од причино што доколку одлуката е заснована врз определени факти, коишто не се такви какви што се, државата има право да ја поништи таа одлука. Гледајќи го унгарскиот закон оние што добиваат азил, доколку не добијат државјанство на државата или трајно жителство, нивната одлука за азил се преиспитува по службена должност на секои три години”, вели Дескоска. Во текот на вчерашниот ден и Владата преку портпаролот Миле Бошњаковски изрази цврсто уверување дека Груевски ќе биде екатрадиран, дека ќе ја отслужи две годишната затворска казна, но и дека во Македонија ќе го дочека епилогот од другите судски случаи кои се водат против него“, вели Дескоска.