Американската амбсадорка во земјава вели дека т.н. „црни листи“ постојано се обвновуваат и не може да се рече некогаш „завршивме“
„Во наредните месеци може да видиме едно или две имиња“ – тоа е одговорот на американската амбасадорка на прашање поврзано со т.н. црна листа и можноста на неа да се најдат нови лица од земјава поради нивна поврзаност со коруптивни дејства. Анџела Агелер, која неодамна беше во посета на скопското обвинителство, настапи внимателно, без многу да навлегува во детали, но сепак доволно јасно за да прати порака за тоа, какво за американската администрација, е значењето на борбата со корупција.
„Не постои само една, имаме повеќе листи. Тие листи кои се креираат во Вашингтон се многу динамични и не очекувајте дека еден ден ќе чукнеме на врата и ќе кажеме `еве ја листата, завршивме`. Тоа е постојан процес зашто корупцијата и нејзините многу форми се случува секој ден. Има лица кои вредат да бидат разгледани…, бидејќи системот во Вашингтон е законски многу внимателен, нему му треба време и истражување на наводните криминали за да се осигура дека на листа нема да ставиме некој кој таму не припаѓа. Станува збор за процес што се менува и мислам дека во наредните месеци ќе видиме едно име или две и тоа е процес што ќе продолжи. Не застанува тука“, вели Анџела Агелер, амбасадорка на САД.
Уверува дека за неа лично, но и за нејзиниот тим, зајакнувањето на судството и обвинителството е еден од главните приоритети. За таа цел е и донацијата на компјутерска и техничка опрема за истражниот центар во скопското обвинителство со што треба да се подобри неговата ефикасност. Дали таа гледа напредок во справувањето со корупцијата откако ја презеде функцијата?
„Јас сум овде од ноември, а корупцијата во земјава постои многу долго. Тоа не е проблем што може да се реши за неколку месеци и постојат системи кои треба да се преиспитаат. Затоа е полесно да се дојде тука и да се види како криминалните дела се процесираат, без разлика дали се финансиски, или примери на корупција.. Ние сакаме да бидеме партнери со земјава на начин на кој на граѓаните ќе им стане јасно дека овој систем постои за нив. За тоа ќе треба време, тоа не е нешто што еден компјутерски систем веднаш ќе го реши. Но, ова прашање е приоритет. Јас, за време на мојот амбасадорски мандат имам една цел – тоа е да се осигурам дека јас и мојот тим ќе направат се што можеме да ја зголемиме довербата на граѓаните на Северна Македонија во судството. Ако има начини тоа да го направиме, јас ќе сторам се што е во моја моќ тоа да се случи“, додаде Агелер.
Агелер не сакаше да го коментира изборот на роднини на високи функционери во редот на судии и обвинители, но истовремено наведе дека американските закони за превенирање непотизам се многу силни. Токму последниот избор, во кој меѓу другите кандидати, се најде и синот на спикерот Талат Џафери, за опозицијата, но и за дел од јавноста претставува потенцијална опасност за корупција.
Стојам зад тоа што го кажав пред некој ден и сметам дека е вистина, вели американската амбасадорка откако изјави дека повеќе од едно лице од земјава ќе се најдат на т.н. црна листа на САД за корупција
Сите тие лица се истражуваат за да може да се донесат соодветни санкции, рече американската амбасадорка после најавата дека повеќе од едно лице од земјава би се нашло на т.н. црна листа на САД за санкции
Постојат повеќе листи, согласно кои различни лица се истражуваат во различни контексти за корупција, рече, меѓу другото, амбасадорката на САД, Анџела Агелер одговарајќи на новинарски прашања при посетата на воениот полигон „Криволак“.
Таа истакна дека Ричард Нефју, координаторот за антикорупција на американскиот Стејт Департмент, кој денеска беше во посета на земјава, не е дојден за да ги соопшти имињата на лицата што од земјава ќе се најдат на т.н. црна листа на САД за санкции.
„Тој не е тука да открива имиња за црната листа, ниту нешто слично. Туку е тука за да се дискутираат процесите, санкциите, протоколите коишто владата на САД ги има за прашањето за корупцијата“, рече Агелер.
Таа нагласи дека амбасадата е во постојана комуникација со Вашингтон, кога станува збор за прашањето за корупција.
„Мислам дека господинот Нефју е еден добар сојузник и промотор на сите овие процеси за борба против корупцијата, којашто сметам дека и за вас е едно од најважните прашања“, посочи амбасадорката.
Воедно Агелер потврди дека повеќе од едно лице од земјава се очекува да се најде на т.н. црна листа на САД.
„Стојам зад тоа што го кажав пред некој ден и сметам дека е вистина. Меѓутоа информациите сепак треба да дојдат од Вашингтон. Јас не можам да ви дадам ниту некои временски рокови, ниту број за тоа колку лица би биле откриени“, рече амбасадорката потврдувајќи го уште еднаш искажаниот податок дека повеќе од едно лице од земјава ќе се најде на т.н. црна листа на САД за санкции.
Координаторот за антикорупција на американскиот Стеј Дептартмент се сретна и со претседателот Стево Пендаровски. Според изјавата на амбасадорката Агелер, на средбата станало збор за процесите и протоколите на американските власти во однос на листата за корупција.
Од кабинетот на Пендаровски, пак, излегоа само со соопштение во кое, меѓу другот, се вели дека актуелни теми врзани со борбата против корупцијата и напорите на државата за воспоставување ефикасен систем за превенција на корупцијата и судирот на интереси, биле во фокусот на денешната средба.