Берлин и Париз ќе му дадат безусловно зелено светло на Скопје, условно на Тирана
Eкспертот на берлинскиот Совет за политики на демократизација, Бодо Вебер, организацијата која прва, во јуни ја објави информацијата дека европскиот пат на Скопје ќе биде колатерална жртва на судирот меѓу СДП и ЦСУ, во интервју за EWB е сигурен дека октомвриското сценарио ќе биде поволно за С.Македонија а со резерва за Албанија.
„Два пати имавме многу несреќен развој со С. Македонија – таа стана колатерална штета на одлуката за Албанија. Во јуни минатата година, во суштина беше судирот меѓу Берлин и Париз. Париз го блокираше процесот, бидејќи, владата во Берлин инсистираше да даде зелено светло за обете држави во исто време. Можеби Париз ќе беше подготвен да и даде зелено светло на Северна Македонија, ако не беше инсистирањето на Германија дека не би требало да се разделува со Албанија.
Во јуни годинава, ние први ги објавивме информациите дека Северна Македонија ќе биде колатералната штета на судирот во владејачката коалиција, бидејќи, СДП инсистираше обете држави да добијат безусловно зелено светло, а делови од пратеничката група ЦДУ / ЦСУ зазедоа многу негативен став за Албанија. Овој пат изгледа, и ова е прилично нова „разузнавачка информација“, ќе поминат и двете држави.
Решението изгледа ќе биде, ако го користам тој термин, со делумно раздвојување. Северна Македонија ќе добие безусловно зелено светло, а Албанија условно зелено светло. Тоа е некакво средно решение за кое има согласност не само во Берлин, туку и меѓу Берлин и Париз“ – вели Вебер во интервјуто за EWB.
Во интервјуто Вебер вели дека е сомничав околу можноста поранешниот унгарски министер за правда Ласло Трочањи да стане еврокомесар за проширување.
„Тоа е човекот кој беше надлежен за носење на антиевропските закони што беа во основата на судирот на Унгарија со Комисијата и со останатите земји членки на ЕУ последните четири години. Од таа причина, јас сум убеден дека Европскиот парламент нема да го потврди кандидатот на Орбан. Всушност, како што се шпекулира, оваа номинација е само маркетиншки потег за домашната јавност за да послужи како доказ колку ЕУ е против Унгарија“,вели Вебер.