Како е односот на градот во кое се родиле овие актерски големини – се прашува во својот ФБ коментар Димитри Соле Љубин
Петре Прличков? Петар Прличков? 5ре Прличко ко што знаел да се потпише понекогаш? Еден Перица од Којник, од Велес, другар и комшија на Кочо Рацин со кој заедно на магариња носеле глина, првиот кај татко му, Перица кај Левковци и сонувале едниот да стане поет, другиот артист?
Познаници и двајцата на баба ми Љуба која ми раскажуваше за првото Театро на Којник, во кое влезница биле три копчиња? Оној Перица, синот, на Ало Прличев меанџијата? Оној Перица кој на 16 години избегал од дома со чергарската актерска трупа „Боем’“ на Михајло Лазиќ, и кој, и покрај сите убедувања на татко му да се врати, не се вратил (овој, според кажаното, умрел после една година од болка кон синот).
Еден Перица кој цели 20 години живеел како номад со своите патувачки театри „Плава птица“ и „Боем“? Еден 5ре кој одиграл, според статиситките 250 ролји, (по кажувањата 500), и повеќе од 8.000 претстави? Оној Перица – балканскиот Теспис, последниот Скомрах, комедијантот, ЅВЕЗДАТА на МНТ, на Стериино, на Хрватско Народно Казалиште, Перица – директорот, Перица – боемот, пијаницата, рибарот, женкарот, секогаш намирисаниот, со белата ролка, наметнато сетре и префрлено шалче, омилениот на новинарите, разгалениот, најдобриот Јеротие Пантиќ (Сомнително лице/Бранислав Нушиќ) на сите времиња?
Ги знаете ли Димче Свирчето, Тодор Николовски, Коле Чашуле – неговите Компањони, оние кои душата му ја знаеле и никогаш не го напуштиле? Ниту тој нив! Оние пред кои плачел и му се треселе рацете од немир кога никој не го гледал?
Ја знаете ли Нада, неговата жена која секој ден го чекала да се врати дома во 13.00ч. на ручек, а тој си се подзабаравал на шприцер со компањоните во „Златно буре“ и барал од Мазова (новинар/критичар) да му пише ОПРАВДАНИЕ за дома?!
Оној Прличко, самобендисаниот, самосвесниот, умешниот, „центарот на светот“, суетниот, чувствителниот? Еден Петре кој на денот на претставата не пиел, многу пушел, ништо не јадел и имал трема како да е прва? Еден Перица кој бил мил кон сите ама и избувлив како вулкан?! Оној Петре кој во својата омилена ФОТЕЉА, во неговиот дом на ул. Ганчо Хаџипанзов бр.48 во Скопје ги пречекувал сите свои пријатели за да им раскажува илјада и една приказна за своите премрежија…
Не верувам дека го знаете. Ни јас не го познавав. Ама проучувајќи го неговиот живот, си го најдов за многу БЛИЗОК. Блазе си им на оние кои го познавале!
*(можеби, блазе си им и на оние малкумина кои мене ме познаваат и ги пречекувам во мојата фотеља да им раскажам приказни за моите премрежија, кој ли знае?!
Ете на тој Перица, му го посветуваме денешниот ден, иако заслужил не ДЕН, ами ВЕКОВИ за посветување! И паметници, кои оваа – „Нашата држава“ и овој мој Титов Велес и неговите кметови некултурни и прости – никогаш не му ги дадоја.
Сите по една ракија да се напиете денес, во негова чест. И да си поседите со некоја баба пред куќа, да научите нешто паметно, старо, убаво.