Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ВЕНЕЦИЈА: „СКОПЈЕ 2014“ НЕ Е АРХИТЕКТОНСКИ ПРОЕКТ, ВО ЕБЕ ЈА НЕМА ЛОГИКАТА НА ПРОФЕСИЈАТА

May 28, 2018 Filed Under: Ревија

Македонија со „ослободување на просторот“ на 16.Венециско биенале на архитектурата. Не петставуваат група автори – Дејан Ивановски, Филип Јовановски, Благоја Бајковски, Марина Торнатора, Лучија Ла Џуса, Алесандро Де Лука, Владо Данаилов, Мила Димитровска, Гордан Витевски, Александра Шулевска, Слободан Велевски и Марија Мано Велевска

ФОТОМОНТАЖА Археолошкиот музеј низ визирот на авторите

Со проектот „Ослободување на просторот“ (Freeingspace) Македонија учествува на 16. Венециско биенале за архитектура кое почна денес и трае до крајот на ноември. Музејот на современата уметност е носител нa проектот, кој го испитува наследството што го остави т.н. „Скопје 2014“. Министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски, го посети македонскиот павилјон во Венеција, оценувајќи го проектот како можност за нови согледувања за начините со кои ќе можеме да се справиме со ова наследство, кое остави белези на архитектурата на главниот град.

Избрани се четири простори кои, според авторите, се вткаени во архитектонската и колективната меморија на Скопје и кои претрпеле коренити промени со „Скопје 2014“: платото на Македонската опера и балет и кејот на Вардар; објектот на Владата, Поштата со телекомуникацискиот центар и објектот на МЕПСО и стоковната куќа (НАМА) на плоштадот „Македонија“.

Комесар на годинешното претставување во Венеција е Зоран Петровски, а автори на проектот се Дејан Ивановски, Филип Јовановски, Благоја Бајковски, Марина Торнатора, Лучија Ла Џуса, Алесандро Де Лука, Владо Данаилов, Мила Димитровска, Гордан Витевски, Александра Шулевска, Слободан Велевски и Марија Мано Велевска.

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски го оцени македонското претставување како уникатно од повеќе аспекти. За разлика од вообичаеното претставување на веќе изработени дела и проекти, ова претставување е посебен проект кој својата промоција ја има токму на Венециското биенале на архитектура и вклучува многу наши, но и странски перспективни и наградувани автори.

КОАВТОР Филип Јовановски е еден од неколкуте коавтори на проектот

На претставувањето на проектот, Алаѓозовски изрази задоволство од тоа што авторите се согласиле за Венециското биенале да подготват проект кој, како што рече, ќе направи една архитектонска дисекција на таканаречениот проект „Скопје 2014“, која отвора можност за нови согледувања за начините со кои ќе можеме да се справиме со ова наследство кое де факто ќе остави белези на архитектурата на главниот град. Според него, овој проект не е само патување низ историјата на современата македонска архитектура преку неколку објекти од „Скопје 2014“

Кураторите на годинашново македонско претставување во Венеција, Марија Мано Велевска и Слободан Велевски, при неодамнешното претставување на проектот во Скопје ја изложија појдовната идеја – современо читање на градскиот простор, односно потенцирање на вредноста на јавниот споделен простор.

Велевски рече дека проектот локациски се врзува за Скопје и се испитува наследството кое зад себе го остави проектот „Скопје 2014“. Според Велевски, содржината на проектот „Ослободување на просторот“ ја поставиле врз три клучни тези.

РАЗОТКРИВАЊЕ Вториот автор на поставката – Дејан Ивановски настојува да го разоткрие градот затрупан со превезот на „Скопје 2014“

„Првата е „Скопје 2014“ не е архитектонски проект, бидејќи во себе ја нема логиката која ја има архитектонската професија – да создава јасна просторна и програмска композиција.

Втора теза е дека неговата единствена вредност е што тој постои и како таков во просторна смисла физички влијае на контекстот на градот во моментот. Трето, сметаме дека современиот градски простор се темели пред сè на важноста на заедничкиот јавен простор во кој се споделува граѓанската различност или различните потреби на луѓето кои живеат заедно“, рече Велевски.

Од МСУ најавија дека овој проект пред македонската публика ќе биде претставен на почетокот на следната година.

 

ВЕНЕЦИЈА Портрет на дел од организацискиот тим со министерот во Венеција

Filed Under: Ревија

СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ
БЛАГОЈ МИЦЕВСКИ (2): ИДЕНТИТЕТИ – БУДЕЊЕ И УМЕТНИЧКАТА СОРАБОТКА СО РИСИМА РИСИМКИН
СТУДЕНТИТЕ И ГО ОДЗЕДОА ВИДОВДЕН НА ВЛАСТА

Најново

  • СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
  • ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
  • ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet