Емилија ЦЕЛАКОСКА
Очекувано, ВМРО-ДПМНЕ почна да се преправа за „проевропска“, слично како што се правеше про-НАТО од 2009 г. додека не дојде моментот за влез, слично како што се направи пријателска (со гушкање и „дечковци”) кон етничките Албанци со цел коалиција со етнички албанска партија до посакуваната бројка, а денес дури и со етничките албански партии под Курти-платформа
Луѓето се жедни за индивидуален мир и многумина се спремни да се откажат од слободата, и својата, и сечија за го постигнат тој мир. Со возраста полека доаѓа тежината на плеќите со разни одговорности и, о, како би ги симнале тие пранги и би биле пак деца, мали безгрижни, згрижени деца за кои се грижи една цврста татковска рака! И одеднаш таа жед е само жед за цврста рака – онаа која ги доведува „лошите сили” во ред и така би нѐ штитела нас желните да сме пак малечки, за да бидеме безгрижно среќни. Само таа рака да ги средува лошите!
Па дури и не е сосем до смаченостите од возраста. Ако „лошите сили” постојано ни се плеткаат, ако постојано ни прават горчини од понижувања, наместо постојано да нѐ фалат и наградуваат, ако постојано се посилни, како тогаш ние би преовладале за да ги отстраниме, за конечно да бидеме мирни, чисти од „лоши”, во вечна детска среќа? Некои „деца“ тоа и го смислиле веќе: Ќе ја бараат да ја најдат, ако треба и ќе ја креираат или само ќе се приклонат – кон моќната најцврста татковска рака! Сега е демократија, нели, па можат и да бираат која рака е најцврста, најтатковска, после која нема да треба никаква демократија, таа и онака служи само за таква еднократна употреба, зарем не? Жално…
Единствено нејасно е што ќе прават со таа среќа потоа. Веројатно ќе уживаат безмерно, не оставајќи ни најмал траг од труд, придонес, цел. Слободни од работа, засекогаш! Цврстата рака обезбедува, а кој е под неа само користи, со никаква работа не враќајќи ѝ за ништо, освен со својата заклетва за припадност, односно расположливост за сѐ и сешто, па макар било тоа и надвор од совеста. Ако може сѐ и однапред, на вересија, со совеста во залог, најпосле, за мирот се работи, за избраниот бранител на достоинството од разни лошотии, а од сето тоа пак ќе се произведе слободата. Можен ли е ваков рај?
Во основата на ваквиот рај има нешто паразитско, вирусно, но истовремено, гледано со жедниот поглед, има и некоја перпетуум-мобиле привлечност. Тоа е рајот заштитен од страна на цврстата рака која уништува други, им ги презема ресурсите и си ги зема за себе, а по некоја трошка и на „избраните”. Што е и лајтмотивот за купување на билет за ваквиот рај. Ако, пак, нема криза, таа не е тешко да се симулира – луѓето се секогаш гладни и секогаш се за гага, за сѐ. Доволно е еден да се заколне дека ќе биде таква цврста рака и да вети благосостојба, заедно со враќање на достоинството по понижувањето од некои лоши сили. Не е случајно што ова звучи познато. Советниците на нашето ВМРО-ДПМНЕ очигледно препишуваат и прилагодуваат, сметајќи на пропагандната ефективност заедно со масовното незнаење/непамтење на тие историски финти на најзлиот лик на 20-тиот век.
И Хитлер ветувал силна влада. Главната пропаганда била дека Вајмарската Република е слаба. Тој ветувал дека ќе се ослободи од Версајскиот договор и направил сѐ да ги натера луѓето да веруваат дека вајмарските политичари ѝ забиле нож в грб на Германија во 1918 година. Нацистите со нивната партија се обраќале, практично, на сите општествени групи: на аристократите, кои, се разбира, не толерирале ниедна трошка комунизам; на средната класа, која барала ред и закон и никако комунизам; на работниците со големи ветувања за крај на невработеноста; на црквата, затоа што таа не би поддржала атеистички групи…
Нашите единичари постојано се издаваат од каде препишуваат со дословни линкови до оригиналот. На пример во „бомбите” од прислушувањето, сите што не се „вмро“, а особено опонирачките социјалдемократи, се нарекуваат „комуњари” за да се опфати редовната пропаганда на ВМРО-ДПМНЕ за слабост на Македонија со било која друга власт која не се тие и наметнувајќи ја истата идеја за договорите што Македонија ги потпишала како некаков еквивалент на Версајскиот договор. Прво така го третираа Охридскиот договор, па до вчера и Преспанскиот. Сега на ред им е Договорот за пријателство и соработка со Бугарија, надувувајќи го признавањето на некое трилјадно малцинство како да е враќање земја или одземање на воената моќ на Германија од Версајскиот договор. Да правиш плагијат од зборовите „Версајски диктат“ со празнотијата од „Бугарски диктат“ е едно невидено размазано драмење. Но, да си повториме – и вистинската криза, и театарски инсценираната се фокусираат кон недостиг – дали реален, дали размазан, но таков што татковската цврста рака да биде избрана да го надополни тој недостиг за сите што ќе ѝ се покорат. Да забележиме само како за ваквите наци-партии, преземањето на власта оди легално, користејќи го демократскиот систем, кој потоа ја уништува и социјалната инфраструктура, до коска, плански.
Има и уште такви механички преписи. „Нов ред” бил слоганот на нацистите во 1941 г., а надуениот препис на ВМРО-ДПМНЕ на претходниве избори беше слоганот „Нова ера“. Многу тапаво, човек да се чуди зошто толку дословно имитираат. Хитлер го започнал својот подем на власт во 1923 година кога се обидел да направи пуч во Минхен. Овде беше малку обратно, обидот за пуч на 27 април беше за задржување на власт. Двата обиди се неуспешни, а и за двата се искористени судењата за добивање публицитет. И двата се со цел воена/вонредна состојба на апсолутна власт и анархија во исто време. И толку. Но, да не заборавиме, во декември во 2016 година во време на изборите (4 и пол месеци пред тероризмот во Собранието на 27 април 2017 г.), од ВМРО-ДПМНЕ пак си се издадоа дека бладаат нешто во врска со нацистичката чистка 30.06.-2.07. 1934 во Германија – „Ноќта на долгите ножеви“, на собир пред ДИК: Тоа било „вечер на ножевите“, а два месеци потоа Сител направи чест на бегалката со драмолетката „Вечерта на папучите на Грујо“ – всушност повик за 27 април.
И авторитарните режими, како и демократските добиваат следбеници со ветување дека ќе создадат социјална држава, односно социјалните политики се задолжителни во ветувањата не само на тие што навистина ги спроведуваат кога се Влада, туку и на автократите кои ги користат како мамец, за потоа да ги извртат во купување противуслуги и покорност. Сепак, наци(онали)стите се препознатливи што инсистираат и на авторитарност маскирана како „национално единство”, инсистирајќи на нетолеранција кон други, инсистирајќи на маргинализација на сѐ што не е приврзано на концептот за мачо маж (вклучувајќи и комплементарни приврзоци од жени желни за размножување со нив, како Bund Deutscher Mädel и никакво инакво женско), со нудење на сите овие групи како жртвени јагниња за „избраните” чистокрвни, обвинувајќи дека тие Други се виновни за сите несреќи на „избраните”. За нацистите тоа беа Евреите и комунистите, а за механички напумпаните со прекопирана самоважност – дпмНЕ, тоа се претежно етничките Албанци, но и од сите други етнички групи, „комуњарите” секако, но најжално, тука спаѓаат и добар дел токму од социјалните категории на кои најмногу им се потребни ветуваните социјални политики. Заеднички е и шизофрениот однос кон интелектуалното – од една страна бараат корист и слава од некаква „елитност“ на високообразованата „класа“, но другите, особено децата, да бидат свињи на кои не смее да им се фрлаат образовните бисери. Тоа е проектот „кембрич“ кај нас (намерно го пишувам неправилно, и така самото име е пак плагијат-лага), во кој, потврдено, намерно се губи мислата на младите македонски луѓе.
Ветувањата за силна држава се секогаш кај нас засилувани пред најголемите шанси за влез во некој светските сојузи од корист за напредокот на целото општество. Целта е да се создаде илузија за државата како самостојна сила под „менторство“ на автократот, која божем и онака би ги исполнувала критериумите на сојузите, односно така, да се избере ВМРО-ДПМНЕ со илузија дека е „машката“, „појаката” опција. Најпосле, и оваа Црква шурува со нашиот наци-ентитет за поддршка на машкиот принцип.
Очекувано, ВМРО-ДПМНЕ почна да се преправа за „проевропска“, слично како што се правеше про-НАТО од 2009 г. додека не дојде моментот за влез, слично како што се направи пријателска (со гушкање и „дечковци”) кон етничките Албанци со цел коалиција со етнички албанска партија до посакуваната бројка, а денес дури и со етничките албански партии под Курти-платформа. Откако ВМРО- ДПМНЕ го откачи Преспанскиот договор како нивен стар пропаганден аналог на Версајскиот, особено со големото „помагање” за документи со Северна Македонија, сега бара да биде сметана за алтернатива на декларираниот европски фронт. Во замена, сега новиот „Версај“ го симулира преку условот за продолжување на преговорите со ЕУ. Ова е веќе препишување на сопствениот препис на ситуацијата со НАТО во 2009 година. НАТО им стана една растеглива мастика, еден вечен билет за ветувања на избори, па сега таква мастика џвакаат и за ЕУ.
Перпетуум-мобилето на режимите е лажно како и секое перпетуум-мобиле. Исцрпувајќи ја страната која не ја толерира, воедно губи своја енергија и паѓа, но дури и да издржи долго, дури и да не се фиксира на еден единствен опонент и еден по еден да ги „конзумира” опонентите, сепак таа динамика има крај: Или кога паразитски ќе исцрпи сѐ околу себе, или порано, заради непокорените совести во општеството, кои не се помируваат со таква идеја за себичен раат и авторитарен „мир”, кои дејствуваат од состојба на слобода.
И тоа е и поентата: За да се постигне индивидуалниот мир, прво мора да има атмосфера на слобода за дејствување која доведува до него. Не обратно. И во авторитарноста „избраните” чувствуваат мир, можеби и слобода, бидејќи имаат глава(тар) кој мисли за нив, ги снабдува, ги брани од другите, но се во стапица. Тој мир е и така ограничен само на некои. Заштитни ѕидови – имаат, но без врати и без прозорци. Од друга страна, слободата која ја генерира демократијата е сеопшта, но за да ја искуси, таа бара од секоја индивидуа самоограничување во дејствата за добронамерна цел која е во исто време од корист и на општеството, и на индивидуата. Авторитарниот систем дава бесцелна, примамлива со привид на неограничена слобода само на дел од општеството, додека демократијата е еднаква со одговорната слобода од секоја индивидуа. Токму тие одговорности го сочинуваат фидбекот меѓу слободата и мирот. И токму тие се пропишани низ поглавјата на ЕУ – испитите кои треба пред Европа да ги полагаме, а не да се преправаме дека пред нас сами си полагаме со ентитет што има дворец за штаб. Најпосле, со вакви докажани механички препишувачи како ВМРО-ДПМНЕ, тешко дека било што може квалитетно да се постигне, туку само уште едно растегнато алиби за ништовило.
(racin.mk))