Пратениците во македонското Собрание го усвоија Законот за употреба на македонски јазик. Со новиот Закон се прошируваат областите во кои задолжително се употребуваат македонскиот јазик и неговото кририлско писмо. Во креирање на Законот учествуваа бројни лингвисти, македонисти професори…
АНА ВАСИЛЕВСКА
Дали Законот за употреба на македонскиот јазик ќе остане само уште еден правен акт испишан на хартија и колку есенцијално е потребно тој да функционира, колку се издржани толкувањата дека македонскиот јазик ќе биде асимилиран во рамките на ЕУ, колку се менува јазикот и неговата примена со модерната технологија, каква била визијата на Крсте Петков Мисирков и неговото дело „За македонците работи“, се само дел од темите кои се обидовме да ги исцрпиме во разговорот со професор д-р Весна Костовска, виш научен соработник/вонреден професор во Институтот за македонски јазик. Нејзината потесна област во научноистражувачката дејност се лексикологијата, лексикографијата, семантиката, зборообразувањето, страсловенскиот јазик, црковнословенскиот јазик, македонскиот јазик.
НоваТВ: Пратениците во македонското Собрание го усвоија Законот за употреба на македонски јазик. Со новиот Закон се прошируваат областите во кои задолжително се употребуваат македонскиот јазик и неговото кририлско писмо. Законот предвидува задолжително лекторирање на сите материјали, но и обврска за задолжително вработување на лектори по македонски јазик во сите јавни институции и органи на владата.
Во креирање на Законот учествуваа бројни лингвисти, македонисти професори…Со оглед на тоа што досега неколку пати имаше обид за функционирање на Законот за употреба на македонскиот јазик, дали сметате дека овој пат навистина ќе се почитува пропишаниот закон?
КОСТОВСКА: Мислам дека за почитувањето на Законот за употреба на македонскиот јазик, важни се повеќе фактори. Пред сѐ, за спроведување на Законот, неопходно е да се оствари стабилизирање на правниот систем во државата. Тоа би довело до унапредување и стабилизирање и на сите други сегменти на општеството, коишто се важни за спроведувањето и примената на Законот за упореба на македонскиот јазик. Значи, треба да функционираат сите алки во синџирот, и да се цврсто поврзани во процесот на примената на овој Закон и на сите други закони.
Важно е да се подигне свеста за примената на стандардниот македонски јазик, како алатка со којашто се остварува соодветна, јасна, прецизна комуникација базирана на стандардниот македонски јазик, на повеќе нивоа, таму каде што е неопходно и каде што е прецизирано со Законот. Свеста за примена на стандардниот јазик треба да се развива уште од најмала возраст, и понатаму во секој степен од образованието. Познавањето и примената на стандардниот македонски јазик треба да се доживува како културолошки чин и како одраз на писменост, коишто влијаат на личниот развој, но и на цивилизираноста на општеството. Во образованието, стандардниот јазик не се усвојува само преку предметот Македонски јазик и литература, напротив стандардниот јазик треба да претставува столб во целокупниот образовен систем, при стекнување на знаењето и животните вештини, но и при воспитниот процес. На тој начин, со еден постапен и природен тек, кај најмладите и младите, без наметнување, без отпор кон самиот предмет Македонски јазик и литература би се создала една потсвесна состојба за непречена примена на стандардниот македонски јазик, но и свесност за важноста на неговата примена. Во образованието, недостасува суштинска, детално обмислена програма за предметот Македонски јазик и литература. Програмата треба да се осовремени со консултирање и соработка меѓу учесниците во образовниот процес, лингвистите и литератите, имајќи ги предвид и интересите на денешните генерации, и развојот на технологијата. И многу е важно овој предмет да се дистанцира од неговата крајна исполитизираност, којашто се случува во изминативе години, со што се става акцент на формалноста, а сосема се маргинализира содржајноста.
Да се вратиме на прашањето ‒ дали навистина ќе се применува Законот за употреба на македонскиот јазик? Да, ќе се применува доколку ја подигнеме сопствената свест за употребата на стандардниот јазик. Доколку секој, доследно ги почитува одредбите на овој закон ‒ во законодавната, извршната и судската власт и во дипломатско-конзуларните претставништва, во локалната самоуправа, во јавните установи и претпријатија, во училиштата, во издавачките куќи, во медиумите и сл. Но дотогаш, додека не се достигне таа висока свест, особено важна улога за примената на Законот за употреба на македонскиот јазик ќе има Инспекторатот за употреба на македонскиот јазик, којшто со Законот се предвидува да биде во состав на Министерството за култура. И Инспекторатот е неопходна алка во синџирот на факторите што треба поврзано да функционираат, за да се достигне висок степен на употребата на стандардниот македонски јазик, преку примената на Законот. Во новиот Закон, јасно се утврдени и другите фактори што ќе придонесат кон подигнување на свеста за негова доследна примена. Стимулирањето на младите преку стипендирање за студирање на Катедрата за македонски јазик, е конкретен чекор за градење на еден поинаков однос кон унапредувањето на заштитата и почитувањето на македонскиот јазик. Исто, следната алка во синџирот, е и задолжителното вработување лектори таму каде што е законски пропишано, со што студирањето на Катедрата за македонски јазик ќе претставува и реална можност за вработување.
Македонскиот јазик денеска е признат во Обединетите нации, а со потпишување на Договорот со Фронтекс тој стана дел од јазиците кои официјално се користат во Европската унија. Сепак и натаму постои уверувањето дека македонскиот јазик ќе исчезне или ќе биде асимилиран доколку РСМ биде дел од Европската унија. Како го коментирате ова и од каде е таа скептичност, сметате дека е инсталирана за да се подгрева евроскептицизмот?
– Сето тоа бучно најавување за исчезнувањето на македонскиот јазик и за неговата асимилација е деструктивна политичка пропаганда, којашто се базира/ше на силно форсирање на трагиката и патетиката, како моќни манипулативни средства во оваа средина. Манипулацијата, за угнетеност, за онеправданост, за жал стана заштитен знак на повеќето политички структури, не само во врска со македонскиот јазик, туку и за секој општествен сегмент.
Како е можно да исчезне, да биде асимилиран еден јазик, којшто не е признат само од една единствена земја во светот? И за жал, голем дел од граѓаните се изманипулирани од тој наметнат имагинарен страв за исчезнување на македонскиот јазик, всушност со лажните информации што секојдневно паѓаа/т во вода. На пример, никој не го потенцира фактот дека и претходно, и сега се преведуваат книги од македонски на бугарски јазик, и од бугарски на македонски јазик. Зарем тоа, надвор од сите дневнополитички манипулации, не е аргументиран факт за самобитноста на македонскиот јазик?
А, македонскиот јазик опстојува и понатаму, и покрај обидот за „привременото“ укинување на Катедрата за македонски јазик, и покрај намалувањето на интересот за студирање на оваа Катедра, и покрај континуираното подривање на Институтот за македонски јазик? Зошто на толку петиции од интелектуалците, професорите и лингвистите за „одбрана“ на македонскиот јазик, ниедна не се однесуваше на вработувањето млади научни кадри во Институтот? Институтот за македонски јазик беше доведен во состојба да се самозатвори, поради застарување и пензионирање на научниот кадар. Институтот, конечно, по цели 24 години, минатата година се подмлади со 16 вработувања. Тој чин е вистинската грижа за македонскиот јазик, а не тие напразни петиции што се изгубија во етерот, без некој конкретен резултат. Зошто воопшто немаше петиции за стимулирање на студирањето на Катедрата за македонски јазик? Тогаш, при обидот Катедрата „привремено“ да се стави во мирување, зошто немаше петиција од истите тие потписници? Всушност, години наназад, македонскиот јазик беше најзагрозен одвнатре. Но сега, конечно тркалото се откочи, и со изгласувањето на Законот за употреба на македонскиот јазик се утврдија конкретните, суштински мерки и насоки. Се надевам дека сега енергијата ќе ја насочиме кон образовниот процес и кон доследната примена на Законот, и ќе заборавиме на имагинарниот наметнат страв за исчезнување и асимилирање на македонскиот јазик. Се надевам дека конечно вистински ќе се дејствува во насока за примена на стандардниот македонски јазик, и ќе се напуштат принципите на непродуктивни петиции, на политички манипулации и на непотребни провокации за предизвикување на негативни емоции во однос на македонскиот јазик. Јазикот е универзален. Јазикот не припаѓа на ниедна фракција, партија и идеологија. Никој нема право да го присвојува и да го злоупотребува за сопствени интереси и за политички манипулации.
Неодамна потсетивте дека на 26 јануари 1946 година излезе од печат првата „Македонска граматика“ чиј автор е Круме Кепевски. Имено во дел од предговорот што го споделивте и самиот Кепевски вели дека правилната граматичка употреба на јазикот е насока за подобра писменост. Сметате ли дека во училиштата доволно се обрнува внимание на изучување на македонската граматика?
– Погоре, веќе упатив на важноста на образованието за примената на стандардниот јазик. Ќе повторам, дека предметот Македонски јазик и литература треба да се осовремени, треба да се приспособи кон интересите на новите генерации. И самата, дополнително имам предавано Македонски јазик и литература во две приватни гимназии. Бев соочена со фактот дека учениците многу полесно ја усвојуваат англиската граматика од македонската. Можеме да спориме околу тоа дека англиската граматика е поедноставна од македонската, но да не го занемаруваме фактот дека тоа е граматика на странски јазик. Моето лично мислење е дека граматиката на македонскиот јазик треба да се изучува од самиот почеток на образованието, но темелно и постапно, а не небрежно, и пред сѐ преку реформиран, осовремен пристап, при што граматиката на македонскиот јазик нема да се доживува како нешто здодевно и неразбирливо. Мислам дека треба да се подготват и прирачници за наставниците и професорите, конкретно за начинот на предавање на граматиката, но и за сите останати образовни области, коишто ќе бидат насока за просветните работници успешно да го презентираат материјалот од учебниците.
Јазикот е жива материја која секако може да доживува промени предизвикани од најразлични влијанија. Новата „интернет“ генерација е под големо влијание на „економично“ (ако може така да се каже) користење на јазикот, со многу кратенки при допишување на социјалните мрежи, потоа со усвојување на англиски кованици. Дали овие феномени ја загрозуваат правилната употреба на јазикот и колку може да се влијае на свесноста за тоа?
– Ова е глобален проблем. Јас припаѓам на генерација којашто живееше пред интернетот, и којашто сега, живее со интернетот. Во однос на својата професија, чувствувам голем напредок со можноста да соработувам со научниците од мојата фела и надвор од државата, да ја следам новата литература од оваа област, да користам разни видови речници што се достапни на интернет… Од друга страна, интернетот го наруши мојот внатрешен свет, којшто e обземен од брзите информации со што се стеснува мисловната моќ и креативноста.
Новите генерации навистина стекнаа голема предност со интернетот, имајќи можност брзо и едноставно да пристапуваат кон разни содржини и информации, но тој брз наплив го создаде проблемот дека не сме подготвени да ја ограничиме опседнатоста со интернетот и дека не сме подготвени за сериозна селекција на содржините што сериозно ја нарушуваат нашата писменост, нашиот јазик и нашата мисловна моќ. И ќе повторам, само еден суштинско обмислен, осовремен образовен систем може да создаде баланс во сферата на употребата на интернетот, во селекцијата на информациите и содржината, и во ограничувањето на времето поминато на интернет.
Лошо разбраните народни идеали само ги зголемуваат народните несреќи, без да му донесат полза на народот.“ Овој цитат од Крсте Петков Мисирков е само една од многуте брилијанти мисли во делото „За македонцките работи, ( дело кон кое вие имавте поголемо теоретско излагање). Дали оваа мисла може да се разбере во денешен контекст кога на патот кон ЕУ, има блокади од „патриоти“ кои не гледаат идеали, односно лошо го разбираат идеалот дека државата може својот идентитет да го сочува како дел од ЕУ,и со самото тоа да му донесе полза на народот, а не да го загуби?
– Книгата „За македонцките работи“, од Крсте Мисирков, претежно се доживува преку петтата статија Неколку зборој за македонцкиот литературен јазик, бидејќи таа претставува прв научно аргументиран труд за принципите на создавање на стандардниот македонски јазик, и е прво нормирање на јазикот и основа за кодификацијата на македонскиот стандарден јазик базиран врз централните говори.
Но всушност, сите статии во ова визионерско дело се сублимиран одраз на фактите, размислувањата, дејствувањата, на сите претходни творци во 19 век, коишто ја градеа свеста за самобитноста на македонската нација и на македонскиот јазик. Книгата „За македонцките работи“ е круна на интелектуалноста во 19 век, и се јавува на самиот почеток на 20 век, како нов прозорец кон модерноста, образованоста, писменоста, мисловноста на македонскиот народ. И, по 121 година од излегувањето на книгата, таа сѐ уште е актуелна и визионерска, и во однос на денешните општествено-политички случувања.
Крсте Мисирков, како сестран образован човек, и со изострена умешност да ги согледува тогашните општествени состојби, логично да ги поврзува и да ги согледува во контекст на македонското прашање, всушност во многу сегменти реално го предвидува натамошниот развој на настаните. И таа негова мисла „Лошо разбраните народни идеали само ги зголемуваат народните несреќи, без да му донесат полза на народот“ е сублимат на сето она што и во денешно време ѝ нанесе застој, уназадување и изолирање на Македонија. Мисирков, треба претставува предводник на вистинскиот патриотизам. Поимот патриотизам денес ја изгуби вистинската смисла. Мисирков, во многу тешки животни услови, и постојано оспоруван и прогонуван, успева да стекне висок степен на образованост и интелектуалност, спроведувајќи ја својата мисија за иднината на Македонија и на македонскиот јазик. Денешниве патриоти, го величаат Ќосето, се гордеат со Александар Македонски, веат „патриотски“ знамиња, инсистираат на антички корени на современиот македонски јазик, и сѐ уште плачат поради „нашата угнетеност и онеправданост“. Тоа е одраз на слабост и неукост, а не на патриотизам.
Што е суштински дел од мојот патриотизам? Па, конкретно во однос на македонскиот јазик, пред сѐ, на младите им го предочувам моето исконско чувство за неговата милозвучност, богатство, топлина, мисловност. На младите им го пренесувам своето јазично искуство, за да го доживеат во себе својот мајчин македонски јазик како природен, чувствен, но и практичен. Да го откриваат секојдневно и да си ја збогатуваат мислата преку него, да го градат и доживеат својот индивидуален израз преку него. Исто така, со љубов, со задоволство, со посветеност и љубопитност, секојдневно истражувам интересни и актуелни теми за македонскиот јазик, коишто го поврзуваат минатото со сегашноста, коишто упатуваат и влијаат на процесот на збогатување, формирање, градење и осовременување на јазикот.
И, ете го моментот, по досега кажаново, повторно да го споменам Законот за употреба на македонскиот јазик. Вистински патриоти, се тие што ќе се придржуваат кон овој Закон, и со разбудена свесност кон значењето на стандардниот македонски јазик, доследно ќе го применуваат.
Објавивте кус по обем, но значаен текст на потсетување и учено, аргументирано валоризирање, цитирајќи го најмеродавниот авторитет во нашата литература и лингвистиката на втората половина на дваесеттиот век, професорот Блаже Конески, за вредноста и значењето на најскапоцената книга во нашата државотворна историја (19-ти и 20-ти век) од Крсте Петков Мисирков издадена во Софија (Бугарија) во 1903 година. Што е најважното и суштествено што сакавте да го акцентирате во овој текст?
– Пред сѐ, би го цитирала Конески: „Најбитно е тоа што и без непосредно користење на Мисирков, нашите решенија од четириесет и петтата година, главно, се движат во тој круг, каде што и тој ги бараше решенијата на својот проект. Тоа значи дека е тоа еден процес, што во одредени моменти на својата кулминација, доведува до слични решенија. Најважното беше што Мисирков за основа на нашиот литературен јазик ги земаше централните говори. А тоа прашање воопшто не се дискутираше кај нас четириесет и петтата година. Тоа се подразбираше”. Блаже Конески е достојниот наследник на мислата и делото на Крсте Мисирков. Конески го затвори кругот, и го заврши процесот за македонскиот јазик, што го започна Крсте Мисирков. Книгата „За македонцките работи“, е издадена на 25 декември 1903 година, пред 120 години, во Софија. Истата година, веднаш по објавувањето, тогашната бугарска власт наредила книгата да биде уништена, но за среќа, во Нациналната библиотека во Софија се зачувани неколку примероци од книгата, поради цензорски увид во творештвото. Содржината на книгата му била позната и на Блаже Конески, и таа имала силен печат и клучна улога при оформувањето на стандардниот македонски јазик во 1945 година.
Како силен медиум за негување на македонскиот јазик секако се сите форми на уметнички израз, литературен, театарски, музички, филмски…Како ја оценувате општата културолошка слика кај нас и воопшто уметничкото творештво?
– Македонката уметност и културата се живи, и опстојуваат со иновативност, креативност. Особено се радувам што се појавија нови, одлични македонски писатели, што претставуваат нов бран во македонската книжевност. Но за жал, уметноста и културните настани, во ова наше испревртено време, живеат во еден стеснет круг, којшто сака, и има потреба да го задржи континуитетот на периодот кога културата и уметноста беа вреднувани како највисок степен на изразност на општеството, како привилегираност на општеството, коешто тогаш, имаше неверојатен културолошки процут, во рангот на светските случувања. Јас, со своите објави настојувам на новите генерации да им ги доближам, повоените уметници и писатели коишто се маргинализирани, подзаборавени, а коишто се врвни и клучни за нашиот културолошки напредок по Втората светска војна.
Кои дејности се одвиваат сега во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“?
– Во Институтот за македонски јазик, цели 24 години немаше вработување на млади кадри. Тој замираше, и тоа беше внатрешен фактор што го подриваше развојот на македонскиот јазик. Ниеден надворешен фактор не беше толку моќен за да го девалвира македонскиот јазик, како тивката смрт што му се случуваше одвнатре на Институтот. Минатата година, во Институтот се вработија 16 млади научни кадри. Со полна уста, без грам претенциозност и пропаганда, упатувам дека тоа е заслуга на упорноста, оптимизмот и визионерството на директорката на Институтот за македонски јазик, проф. д-р Елена Јованова-Груевска, и на сенсот на Владата, којашто го согледа суштинскиот проблем за опстојувањето на Институтот. Овој историски чин за македонскиот јазик, скоро воопшто не одекна во јавноста, и не беше признаен од страна на сите оние интелектуалци, лингвисти и академици што постојано стравуваа за македонскиот јазик. Јас сум пресреќна што Институтот заживеа, што по толку години со задоволство и полет ги пренесувам своето знаење и искуство на младите научници, и што имам плодотворна соработка и помош од нивна страна. Најважната дејност што сега се одвива во Институтот е обуката на младите кадри и нивното воведување во процесот на научното истражување во областа на македонистиката. Повеќето млади истражувачи беа вклучени со свои научни трудови во проектот на Институтот „Лексиката во македонската народна проза“, и покажаа исклучителни резултати и умешност во научната дејност. Тие сега ги подготвуваат и своите докторски трудови, а ние повозрасните ги следиме и поддржуваме во секој поглед. Научната дејност во Институтот продолжува, ентузијазмот е уште поголем по неговото подмладување. Презентацијата на сите годишни научни остварувања во Институтот, години наназад успешно се реализира преку двете меѓународни научни конференции на Институтот ‒ Отворените денови на Институтот и Деновите на Благоја Корубин, коишто се востановена традиција со исклучителен квалитет во рамките на македонистичкиот контекст на државно ниво.
(novatv.mk)